Германските автосалони во дизел-криза
26 февруари 2019Трговците со автомобили се обидуваат да се ослободат од дизел-моделите. Во Штутгарт, Акајгун Хасан порано можеше да оствари профит со продажбата на луксузни модели кои претходно биле изнајмени на лизинг. Но, забраните за возење дизел возила и построгите стандарди за емисии на штетни гасови на ЕУ кои се однесуваат на дизел-возилата, му ставија крај на овој бизнис. Дури и за оние кои ги исполнуваат построгите Еуро-6 норми. „Ова возило е Пасат, со Еуро-6 стандард. Пред половина година ќе чинеше 28.000 евра. Потоа го понудивме за 21.000 и сѐ уште немаме купувач“, вели Хасан.
Погледнете го видеото на оваа тема:
Вратените автомобили на лизинг само го зголемуваат купот непродадени дизел-автомобили во салоните. Возилата брзо губат вредност - многу од нив веќе не можат да се продадат. Во дворот на салонот за автомобили Вили Титке во Хамбург, кој неодамна поднесе барање за стечај, се трупаат дизел-автомобили. Загубите се огромни:
„Според нашите проценки, околу 350.000 возила кои ги исплонуваат стандардот Еуро-5 се останати во салоните. Тие имаат вредност од над 5 милијарди евра. И дизел-возилата стојат во просек околу 106 дена - што го чини трговецот 28 евра дневно - така што тоа е дополнителен притисок“, вели Улрих Кестер од германското здружение за трговија и поправки на моторни возила.
Повеќе на темата:
-Еко-измама со премијата за стари автомобили
-Дизел-забрани: Пораз на обичните луѓе
Многу од дизел-возилата со Еуро-5 норма се стари 2 до 3 години - значи премногу нови за да се пресуваат, велат некои. Сега ќе им биде дозволено враќање на улиците по подобрување на нивните филтерски системи за издувни гасови. Но има големи сомневања во ефикасноста на ваквите подобрувања.
Механичарот Томас Лунд вели дека механичките и електронски подобрувања кај луксузните модели би чинеле најмалку 3500 евра: „Ова е крајно време за продавачите, кои сакаат да ги сносат трошоците за подобрувањата, барем делумно, да се ослободат од товарот на овие возила. Во воздух висат 5 милијарди евра, кои ги ставаат под притисок малите трговци со автомобили - и се соочуваме со гигантски бран на банкроти“, вели Лунд.
Колку долго продавачите како Акајгун Хасан ќе можат да го издржат намалувањето на продажбата на дизел-возилата вратени од лизинг е нејасно. Неговиот промет веќе сега е драматично намален.