Доопремувањето на дизелите е милионски бизнис
29 октомври 2019Околу пет милиони дизел возила со нормата 5 за издувни гасови се на улиците во Германија. Бидејќи емисиите на азотен оксид од нив се над дозволеното ниво, на сопствениците им се закануваше забрана за возење во одредени региони или градови. Во рамки на дизел скандалот производителите на возила се покажаа подготвени само да направат ажурирање на софтверот, а сега Сојузната служба за моторни возила издаде и први дозволи за доопремување на одредени типови возила со хардвер. Побарувачката цвета. Само фирмата специјализирана за филтри Твинтек Баумот за неколку недели забележа 14 илјади нарачки за вградување на нивниот систем БиНокс. Долго време производителите одбиваа доопремување со хардвер. Притоа инженерите на Твинтек на Баумот групацијата уште пред две години им испорачаа доказ со Фолксваген Пасат дека емисиите на издувни гасови со нивниот БиНокс систем паѓа јасно под нормата за Еуро 5 дизел. Резултатите беа потврдени и од Германскиот автомото сојуз по тест возења.
Во меѓувреме од Сојузната служба за моторни возила е издадена дозвола за доопремување на околу 60 модели од концернот на Фолксваген, па илјадници сопственици на дизел возила ги пријавија своите за доопремување. Во Твинтек Баумот можеле да користат и претходни искуства, бидејќи БиНокс системот веќе се користи успешно во градскиот и меѓуградскиот автобуски превоз. „Кога го видовме потенцијалот, го доработивме системот и го адаптиравме на пазарот за моторни возила”, вели претседателот на Баумот групацијата, Маркус Хаузер.
Околу 3000 евра трошоци
Според проценката на Хаузер, вкупно околу три милиони патнички автомобили се подобни за доопремување на системот. Но според него „нема сите овие да бидат адаптирани, така што зборуваме за околу 40% од нив." Одлуката за доопремување е полесна за сопствениците на автомобили кои можат тоа да го направат со грант од 3000 евра, на кој се согласи Фолксфаген. Секако, ако ги исполнуваат предусловите - сопствениците да живеат во големи градски средини во кои има густ сообраќај како што е Рурската област или регионот околу Рајна и Мајна, и во особено загадените градови. Трошоците за системот и неговата инсталација се проценуваат на околу 3300 евра. „Според нашите проценки, секој сопственик на автомобил на крајот ќе треба да плати двеста до триста евра“, проценува Маркус Хаузер. Но, оваа инвестиција на крајот ја зголемува крајната вредност на користениот автомобил.
Во Баумот проценуваат дека наскоро ќе добијат дозвола и за адаптација на возилата на сите релевантни модели на Мерцедес. И Мерцедес на своите клиенти кои имаат дизел возила во погодените региони им нуди исто максимум до 3000 евра како финансиска помош, со оглед на очекувањата дека побарувачката за поставување филтри ќе се зголемува. Маркус Хаузер вели: „Според нашите проценки во следните три години во овој домен има потенцијал за обрт од речиси 170 милини евра. Само следната година се стремиме кон целта од 30 милиони. Покрај групацијата Баумот на овој пазар има конкуренција од уште двајца, тројца добавувачи кои се во слична класа како нас“, вели Хаузер. Добавувачи кои имаат развиено системи за доопремувањето на дизел возилата за БМВ и Волво.
Решение и за занаетчиите
Сепак, инсталацијата на овие системи не ги вклучува лиферантите на хардвер. Адаптирањето на системот може да биде направено само во квалификувани механичарски работилници, нагласува Маркус Хаузер. „Сакаме да бидеме сигурни дека квалитетот ќе се задржи." Затоа групацијата Баумот има склучено прв договор за соработка со една голема група на партнери на Фолксваген во рурската област. Во следните недели ќе бидат објавени и други сертифицирани работилници. Според Маркус Хаузер, не е возможно да се предвиди до кога ќе трае доопремувањето на погодените дизел возила. „Тоа зависи од брзината со која механичарските работилници се подготвени да ја спроведат адаптацијата, како и од тоа за колку брзо време сопствениците на автомобили ќе се решат за адаптација на нивните возила. "
Во секој случај нема да има тесни грла, бидејќи потребните компоненти, како на пример системот БиНокс веќе стои на располагање. Во секој случај, доопремувањето на милиони дизел возила е бизнис тежок милиони евра, кој дополнително може да го зајакне и бизнисот со возила за занаетчиите, кој е на раб на егзистенција поради забраната за возење на дизел. Во меѓувреме, специјалистот за филтри, ХЈС доби одобрение за доопремување на лесни занаетчиски возила. И групацијата Баумот ќе понуди различни модели за овој пазар поради нивното искуство и познавање на оваа технологија кај возила за комерцијална употреба.