1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Жителите на Рафах во очај по нападот на Израел

Тања Кремер
8 мај 2024

Израелската армија започна напади врз источниот дел на Рафах, откако претходно ги повика луѓето да го напуштат градот. Жителите и бегалците стравуваат од најлошото.

https://p.dw.com/p/4fbvs
Рафах, Појасот Газа
Жителите на Рафах го напуштаат градотФотографија: AFP

Спонтаната радост поради евентуалниот прекин на огнот не траеше долго на улиците на Појасот Газа. Кратко откако Хамас во понеделникот вечерта (6.05) објави дека го прифаќа договорот за прекин на огнот предложен од Египет и Катар, беше јавено за експлозии во источниот дел на Рафах. Израелската армија во понеделник утрото нареди  привремена евакуација  на оваа област.

Кабинетот на израелскиот премиер во понеделникот доцна вечерта соопшти дека договорот не ги исполнува барањата на Израел и дека воениот кабинет се согласил да продолжи операцијата во Рафах. Владини извори изјавиле, според израелските медиуми, дека Хамас, кој е прогласен за терористичка група од САД, ЕУ и други, се согласил на поинаков предлог од оној за кој што Израел неодамна индиректно се договори со Катар и Египет. Сепак, Израел сака да испрати делегација за продолжување на индиректните разговори со посредниците од Египет и Катар.

Затворени гранични премини

Во вторникот утрото израелската војска потврди дека израелските трупи започнале „целна“ операција во некои области во источен Рафах. Војската, исто така, објави дека ја освоила палестинската страна на граничниот премин Рафах со Египет - а со тоа и единствениот премин преку кој Палестинците дотогаш можеа да ја напуштат областа. Тоа е и еден од најважните гранични премини за снабдување со помош. По заземањето, преминот првично останува затворен, исто како и граничниот премин Керем Шалом, каде четворица израелски војници беа убиени во неделата по напад со минофрлачка граната на Хамас.

Рафах Појасот Газа
Чад се издига во Рафах по израелски воздушен нападФотографија: Hatem Khaled/REUTERS

Многу луѓе во Рафах  реагираат со очај на развојот на настаните. Гада Рафик (30), чие семејство било на пат кон Кан Јунис, се надевал дека целосната израелска копнена инвазија сè уште може да биде избегната. „Помислата да се вратам во шатор без вода и со минимални резерви е страшна“, изјави таа за ДВ по телефон. „Каде да одиме? Што да правиме? Очајно сакаме прекин на огнот. Му се молам на Бога тоа да дојде што е можно поскоро и војската да не навлезе во Рафах“.

Понеделникот веќе започна со катастрофални вести за илјадници луѓе кои живеат во  источните населби на Рафах или кои побарале засолниште таму за време на војната. Во раните утрински часови, израелската војска фрли летоци и испрати снимени телефонски пораки во кои ги повикува луѓето да се преселат во таканаречената „хуманитарна зона“ во Ал-Маваси, во западниот дел од Појасот Газа.

Воен портпарол во понеделникот утрото им изјави на странските новинари дека евакуацијата е „ограничена“ и дека се однесува на околу 100.000 луѓе од кои било побарано да се преселат во оваа зона во близина на брегот.

Наскоро потоа, многумина почнаа да ги пакуваат своите работи во автомобили или колички со магариња и да ја напуштаат областа. Други тргнаа со само неколку торби на овој невообичаено студен и дождлив ден за мај. Повторно илјадници беа во движење, исцрпени од повеќемесечното бомбардирање и раселување.

Одисеја низ бегалските кампови

Гада Рафик е една од нив. Во понеделникот утрото ја разбудил звукот на нејзиниот мобилен телефон. „Тоа беше снимена порака од израелската армија која бара од нас да го напуштиме источниот дел на Рафах“, вели таа. Младата Палестинка потекнува од северниот дел на Појасот Газа и, како и многу други, мораше да се сели од едно место на друго неколкупати во последните седум месеци, откако израелската војска побара од луѓето да го напуштат северниот дел на Појасот Газа. „Прво бевме во бегалскиот камп Џабалија, потоа во бегалскиот логор Нусеират, потоа во Деир ал-Балах (во центарот на Појасот Газа) и на крајот во Рафах.

Претходната ноќ била тешка поради интензивното бомбардирање. „Од рано утро слушнавме артилериско гранатирање на исток и некои области беа бомбардирани од воздух“, вели Гада Рафик, која патува со своите четири браќа и сестри и нивните родители. „Решивме да не чекаме и да одиме во Кан Јунис. Донесовме шатор со нас од времето во Деир ал Балах. Во голем страв и вознемиреност сме пред тоа што нѐ чека."

Рафах, Појасот Газа
Луѓето од Рафах бегаат и пеш кон Кан ЈунисФотографија: Jehad Alshrafi/Anadolu/picture alliance

Според Хамас, најмалку 22 лица биле убиени во Рафах во ноќта меѓу неделата и понеделникот. Министерството за здравство под контрола на Хамас наведува дека бројот на загинати од почетокот на војната е повеќе од 34.500 луѓе. По терористичките напади на Хамас врз заедниците во јужен Израел на 7 октомври, Израел ја започна војната против Хамас во Газа.

„Целни воени операции“ или копнена офанзива?

Израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху  во повеќе наврати изјави дека нема да отстапи од  целосна копнена офанзива во Рафах  „со или без“ договор за прекин на огнот и ослободување на барем некои од 128-те преостанати заложници киднапирани во Газа на 7 октомври.

Арапските и западните земји,  вклучително и САД како најблискиот сојузник  на Израел, со недели предупредуваат против ваквата воена офанзива, бидејќи таа може да доведе до многу жртви во цивилното население. Израел го обвинува Хамас дека се крие зад цивилите и истакна дека војската мора да влезе во Рафах за да ги уништи преостанатите единици на Хамас и да победи во војната.

Во пограничниот град во јужниот дел од Појасот Газа во последните седум месеци побараа засолниште повеќе од еден милион луѓе. Многумина велат дека  повеќе не знаат каде да одат  за да бидат безбедни – иако израелската армија соопшти дека формирала „хуманитарна зона“. Останува нејасно и што ќе се случува со оние кои не можат лесно да одат: постарите, болните или оние кои не сакаат да одат затоа што мислат дека тоа не е доволно безбедно.

Фадел Кандил (54) е од Рафах и избрал да остане во својата куќа, иако неговото семејство живее во близина на една од областите за евакуација. „Денешниот ден е застрашувачки во вистинска смисла на зборот. И покрај претходните закани за воена операција во Рафах, од утрово атмосферата се смени", вели Кандил за ДВ телефонски. „Кога во Рафах беа фрлени летоците за евакуација, беше болно да се видат сцените на луѓе кои ги носат своите малку работи и мораат да ги напуштат своите домови."

Таткото на седум деца вели дека едноставно не знае каде да оди со своето големо семејство. Тој се надева дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот, но постојаните подеми и падови на преговорите се исклучително тешко да се издржат. „Позитивните вести за прекин на огнот малку ми ги ублажија стравовите, но не сум сигурен дали тоа навистина ќе се случи. Не сум навистина оптимист, но се надевам дека ќе се докаже дека грешам."