Глад демне стотици илјади луѓе во Газа
6 март 2024Да се најдат дури и најосновни прехранбени производи во градот Газа е секојдневна борба.
„Понекогаш мораме да ограбуваме напуштени или бомбардирани куќи само за да преживееме“, вели Абу Ахмад за ДВ во телефонски разговор од Газа. Таткото на шест деца останал во градот со своите два сина, откако израелската армија на крајот на октомври минатата година им нареди на жителите да се преселат на југот. Остатокот од неговото семејство е раселен низ Појасот Газа.
„Пред два дена забележавме дека брашното се појави на пазарот по цени кои се барем донекаде пристапни“, вели 48-годишникот.
Во саботата, вели тој, од авион им фрлиле мала кутија за помош. Јорданското воено воздухопловство и други земји, како што се САД, почнаа да исфрлаат пакети со храна, медицински материјали и готови оброци од авиони над Појасот Газа, бидејќи постојната дистрибуција на стоки и камионите со хуманитарна помош не ги задоволуваат сите потреби.
Чорба од слез
„Сето ова е далеку од доволно. Страдањата во северниот дел на Газа се големи“, вели Ахмад.
Неговата сестра која, исто така, останала во градот Газа, сега мора да подготвува многу едноставни оброци.
„Нашата храна претежно се состои од варена кубиза (палестински слез)“, вели Ахмад. Оваа чорба е направена од парени лисја од слез или што и да е достапно во моментот.
Додека тешките борби и гранатирањата продолжуваат низ Појасот Газа и преговарачите се обидуваат да посредуваат за нов прекин на огнот меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас за ослободување на повеќе од 130 израелски заложници кои се држат на територијата, Ахмад објаснува дека претпазливо се движи меѓу различни области од градот Газа во потрага по резерви на храна.
Сите се рамнодушни кон нашето страдање
Споровите околу оскудните резерви на храна и ресурси станаа секојдневна појава.
„Ние сме запоставени од сите страни, кои се чини дека се рамнодушни кон нашите страдања. Очајно сакаме решение“, рече Ахмад.
На 7 октомври 2023 година, терористите на Хамас убија 1.200 луѓе во јужен Израел и зедоа повеќе од 240 луѓе како заложници. Израел започна воена кампања на одмазда, ветувајќи дека ќе го порази Хамас, кој се наоѓа на листата на терористички организации во многу земји. Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, повеќе од 30.400 Палестинци се убиени, а големи делови од Газа се опустошени.
Има спротивставени извештаи за смртоносниот инцидент минатиот четврток, 29 февруари, во кој учествуваше конвој камиони кои превезуваа стока во северна Газа. Очевидци изјавија дека израелските сили отвориле оган врз Палестинците додека чекале да пристигне помош и очајнички се обидувале да стигнат до залихите со камиони.
Израелската армија во неделата соопшти дека истрагата открила дека „повеќето Палестинци биле убиени или повредени како резултат на стампедо“. Додека армијата испукувала предупредувачки истрели, се вели во соопштението, војниците реагирале на „неколку крадци кои се приближиле до нашите сили и претставувале непосредна закана за нив“.
Сѐ погласни се повиците за независна истрага за инцидентот. Францускиот претседател Емануел Макрон ја изрази својата „длабока огорченост“ и „најостра осуда“ во објава на платформата X.
Германија рече дека „израелската војска мора целосно да објасни како можело да дојде до масовна паника и пукање“.
15 деца починале од неухранетост
Агенциите за хуманитарна помош веќе подолго време предупредуваат за зголемената закана од детска неухранетост и глад, особено во северниот дел на Газа.
„Во моментов, од безбедносни причини, многу, многу малку помош стигнува до централна и северна Газа. Сè уште проценуваме дека таму живеат околу 300.000 луѓе“, рече Џонатан Крикс, шеф за комуникации на УНИЦЕФ, кој неодамна ја посети Газа за да процени во каква состојба живеат палестинските деца.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека 15 деца починале од неухранетост и дехидратација. Наведените бројки не можат да се потврдат независно.
„Акутен проблем со храна“
На 2 март, Советот за безбедност на ОН изрази загриженост поради „алармантното ниво на акутна несигурност на храна“ и ги повика страните во конфликтот „да дозволат, олеснат и да овозможат итна, брза, безбедна, континуирана и непречена испорака на хуманитарна помош во голем обем“.
Потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, во неделата рече дека „израелската влада мора да стори повеќе за значително да го зголеми протокот на помош“. „Нема изговор“, нагласи Харис.
Израел, од друга страна, негираше дека ја ограничува помошта за цивилите и го обвини Хамас за искористување еден дел од хуманитарната помош.
„Идејата дека Израел не 'дозволува помош' е едноставно лага“, напиша Ејлон Леви, портпарол на израелската влада на X. „Има дури и вишок капацитети на израелските премини за да се овозможи да помине уште поголема помош“, додаде тој.
Координаторот на владините активности на палестинските територии, агенција во рамките на израелското Министерство за одбрана одговорна за премините, повеќепати ги обвини агенциите на ОН кои работат во Газа дека не ја процесуираат хуманитарната помош доволно брзо откако ќе ја премине границата, каде што стоката се претоварува во локални камиони со палестински возачи.
Хуманитарните работници го повикаа Израел да го отвори граничниот премин Ерез на северот на Појасот Газа за подиректен пристап до таа област.
Многу патишта се оштетени и непристапни, а борбите сѐ уште се жестоки на северот и на југот од Појасот Газа. Освен тоа, процесот на контрола на стока на премините може да биде комплициран, бидејќи Израел забранува одредени предмети, како што се батериски ламби, патерици и генератори како предмети со „двојна употреба“ - стравувајќи дека милитантите би можеле да ги користат за различни цели.
Претставници на ОН, исто така, го истакнаа недостатокот на безбедност за конвоите, бидејќи палестинските полицајци - државни службеници во владата на Хамас - наводно повеќе не ги придружуваат камионите. Има извештаи за вооружени банди кои ограбуваат камиони, но и за очајни луѓе кои само бараат каква било помош што можат да ја добијат.
„Видовме дека некои камиони навистина ги ограбуваат екстремно гладни луѓе. Имаме колега кој сведочеше дека луѓето не земале кутии од некои камиони со флаширана вода и бегале. Земале шише со вода и го испиле на лице место бидејќи биле толку жедни“, рече Џонатан Крикс од УНИЦЕФ, додавајќи дека „важно е да се нагласи дека 2,2 милиони луѓе не можат да преживеат само од хуманитарната помош“.
Работите да бидат уште полоши, локалниот синџир на производство на храна е целосно нарушен поради уништувањето на земјоделските посеви и сточарските капацитети.
Ситуацијата е тешка и на југот на Газа
Не помалку загрижувачка е ситуацијата на југот на Појасот Газа. Околу 1,4 милиони луѓе во моментов најдоа засолниште во Рафах, најјужниот град во Газа на границата со Египет.
Меѓу нив е Џамил Гербави, татко на шест деца, кој беше раселен од бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Газа.
„Последниов месец, мојата сопруга, нашите шест деца и јас живеевме во шатор во областа Маваси во близина на Рафах“, изјави тој за ДВ во телефонско интервју.
Овој 50-годишен маж пред војната работел како столар, но сега нема никакви приходи. Ова ја зголеми зависноста на семејството од хуманитарна помош.
„Деновите ги поминуваме во потрага по храна и бензин и постојано сме во движење, бегаме од бомбашки напади и закани за раселување“, вели Џамил, додавајќи дека неодамна добиле брашно од УНРВА, агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци, и конзервирана храна од други хуманитарни организации.
„Нашите дневни оброци се состојат од готвење на отворен оган на конзервираната храна што ја имаме“, рече Гербави, кој исто така објаснува дека неговата ситуација не е ништо поинаква од онаа на другите луѓе околу него.
„Нашата крајна желба е војната да заврши. Но, не сме сигурни како, зошто и кога тоа ќе се случи. Ние само сакаме да се вратиме во нашиот дом и да ги обновиме нашите животи“.