1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Мртви при распределбата на помош во Газа: барања за истрага

БЈ | АРД
1 март 2024

По смртоносниот инцидент поврзан со хуманитарен конвој во северна Газа, на меѓународен план се слушаат критики и се бара независна истрага за пукањето врз цивили кои чекале да добијат хуманитарна помош.

https://p.dw.com/p/4d3jP
Министерството за здравство под контрола на од Хамас соопшти дека над 100 луѓе биле убиени од израелските сили додека чекале камиони со помош
Министерството за здравство под контрола на од Хамас соопшти дека над 100 луѓе биле убиени од израелските сили додека чекале камиони со помошФотографија: REUTERS

По инцидентот со мртви околу хуманитарен конвој во северна Газа, меѓународната заедница бара независна истрага на случувањата. Критиката врз Израел е особено гласна од Франција, откако се обзнани дека е пукано врз цивилите насобрани околу конвојот. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, по смртта на многу лица дојдени да добијат дел од помошта, изјави дека инцидентот мора да биде независно истражен. Во говор во Сент Винсент, Гутереш рече дека е шокиран од најновата епизода во војната. „Длабоко сум убеден дека ни е потребно хуманитарно примирје и безусловно и итно ослободување на заложниците и дека треба да имаме Совет за безбедност кој ќе биде во состојба да го постигне тоа“, рече тој. Според досегашните наводи од палестинските здравствени власти, под контрола на Хамас , кои не се верифицирани од независен извор, при инцидентот во северниот дел на Газа од страна на израелските сили се застрелани повеќе од 100 Палестинци додека чекале на испорака на хуманитарна помош.

Израелската армија: не пукавме врз луѓе што чекаат помош

Израелската војска поинаку го претстави текот на случувањата. Армијата во четвртокот наутро координирала конвој од камиони со хуманитарна помош, кој требал да дојде до жителите на северот од Појасот Газа, изјави портпаролот на војската, Даниел Хагари. При доаѓањето на конвојот многу луѓе се пуштиле кон камионите и настанала хаотична турканица. „Некои од нив насилно почнаа да туркаат други луѓе кои беа прегазени во стампедо, а потоа ја крадеа хуманитарната помош", рече портпаролот на армијата.

Друг портпарол, Петер Лернер, за американската телевизија Си-Ен-Ен изјави дека според првичните сознанија, потоа една група луѓе се приближила до израелските војници. Војската потоа за предупредување пукала во воздух, но групата и натаму се приближувала до војниците и претставувала опасност за нив, заради што војниците отвориле оган. Според извештаите во израелските медиуми, тие целеле во нозете. Неколкумина биле повредени во инцидентот, рече Лернер и додаде дека настанот се истражува. И Хагари нагласи дека „ние ниту пукавме врз луѓе кои бараат помош, ниту пукавме врз хуманитарниот конвој, ниту на копно, ниту од воздух."

Борба за леб и вода во Појасот Газа

Париз со критики за Израел

Франција реагираше длабоко погодена на случувањето во северна Газа и ја критикуваше израелската војска. „Пукањето врз цивили од страна на израелската војска при обидот да дојдат до храна, не може да се оправда", се вели во соопштение од министерството за надворешни работи на Франција. Претседателот Емануел Макрон на Х напиша: „Го искажувам моето категорично неприфаќање на истрелите и барам вистина, правда и почитување на меѓународното право."

Хуманитарната состојба во Газа е драматична, се вели во соопштението на министерството за надворешни работи на Франција и се додава дека „целокупното цивилно население мора да биде заштитено. Примирје мора веднаш да стапи на сила, за да може да биде распределена хуманитарната помош.“ Во соопштението се наведува и дека Франција очекува тешкиот инцидент целосно да биде расветлен. „Во секој случај одговорност на Израел е да се држи до правилата на меѓународното право и да ја штити распределбата на хуманитарна помош на цивилното население", стои во соопштението.

САД притискаат за информации по пукањето врз Палестинците

И во САД, еден од најблиските сојузници на Израел, извештаите за случувањата предизвикаа вџашеност. „Од утрово сме во контакт со израелската влада и знаеме дека е започната истрага, која внимателно ќе ја следиме и ќе притискаме за одговори", рече портпарол на министерството за надворешни работи синоќа. Инцидентот, според него, ја потенцира итноста од проширување на хуманитарната помош за Појасот Газа. Тоа вклучува и можно преодно примирје како дел од договор за предавање на заложници. 

Стејт Департментот на САД најави дека ќе притиска за одговори за смртоносниот инцидент во Газа
Стејт Департментот на САД најави дека ќе притиска за одговори за смртоносниот инцидент во ГазаФотографија: Alastair Pike/AFP/Getty Images

„Трагичен и алармантен инцидент"

Според податоците на Белата куќа, претседателот Џо Бајден телефонски разговарал и со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси и катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани. Во разговорите сите искажале жалење за изгубените човечки животи, се вели од Белата куќа. Се работело за „трагичен и алармантен инцидент“. Сите биле согласни дека инцидентот ја покажува итната потреба преговорите да се завршат што е можно побрзо и да се прошири хуманитарната помош за Газа.

Египет убивањето на многу палестински цивили го оквалификува како злосторство. „Тоа е грозно злосторство, да се нападнат мирољубиви цивили, кои брзаат да добијат дел од хуманитарната помош", се вели во соопштение од министерството за надворешни работи. „Тоа е еклатантно кршење на меѓународното право и на хуманитарното меѓународно право и освен тоа покажува непочитување на недопирливоста на човечките животи", се вели во соопштението објавено од министерството. 

Амбасадор: целно убивање на Палестинци со пукање во глава

Палестинскиот амбасадор во ООН, Ријад Мансур, на Израел му префрла убиство со умисла на загинатите Палестинци. Илјадници лица се насобрале на местото на северот од Појасот Газа, рече Мансур во Њујорк, каде што Советот за безбедност ноќта се собра на итна средба. „И потоа израелската армија одеднаш започнала да пука врз нив и според информациите со кои ние располагаме, десетици од нив имаат куршум во глава. Не е дека се пукало во воздух за да се сопрат луѓето, кога настанувале турканици и хаос. Намерно се целело врз нив и тие се убивани", рече амбасадорот. Наводите до сега не можеа да бидат независно потврдени. Израелските медиуми повикувајќи се на извори во војската, јавуваат дека дел од луѓето од непозната причина се приближиле до војниците и ги загрозиле. Војската прво испукала предупредувачки истрели во воздух, а потоа и во нозете на оние кои и натаму се приближувале. Ниту овие наводи до сега не можеа да бидат независно верификувани.