1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историјата се враќа како посебен предмет во училишните клупи

ДТЗ
9 јули 2024

Новата министерка за образование и наука Весна Јаневска го запре конкурсот за издавање учебници за основно образование и започнува јавна консултација за наставните програми за 7, 8 и 9 одделение.

https://p.dw.com/p/4i2yp
ученик
МОН го запре конкурсот за издавање учебници за основно образование и започнува јавна консултација за наставните програмиФотографија: Imago/PhotoAlto

Министерството за образование и наука (МОН) го запре конкурсот за издавање учебници во деветгодишното основно образование, кој беше објавен во април годинава. Во меѓувреме, МОН и Бирото за развој започнуваат јавна консултација за наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение со цел оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите на наставниците практичари, чие мислење се смета дека е најважно во процесот на обликување на воспитно – образовниот систем.

Ваквиот развој на настаните следи откако новата Влада одлучи да ја одложи имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение, поради бројните реакции во јавноста дека интегрирањето на предмети ја отежнува реализацијата на наставата, но и на оценувањето, создавајќи конфузност и кај наставниците и кај учениците. 

Историја, географија, биологија, хемија и физика посебно ќе се изучуваат

„Незадоволството од нискиот квалитет на воспитно-образовниот процес иницира промени, кои неопходно е да бидат креирани преку поширок консензус. Ги повикуваме сите заинтересирани, а особено проактивност очекуваме од наставниот кадар, да ги достават своите сугестии најдоцна до 31 август. Во интерес на транспарентноста на процесот, МОН и БРО ќе ги споделуваат пристигнатите сугестии, а за сублимирањето и креирање заклучоци, ќе се дискутира на јавен настан“, информираат од МОН.

Новите наставни програми ќе се воведуваат етапно, во 2025 година во седмо, 2026 година во осмо и во 2027 година во деветто одделение.

Весна Јаневска
Новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска, најавува дека концепцијата за основно образование ќе се ревидира во широка јавна расправаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со изменувања и дополнувања на Концепцијата за основно образование, се предвидува историја, географија, биологија, хемија и физика да се изучуваат како посебни наставни предмети. Тие сега се изучуваат интегрирано во наставните предмети „Историја и општество“ и „Природни науки“ (од шесто до деветто одделение). Според МОН, целта е учениците потребните знаења, вештини и ставови од овие наставни предмети да ги стекнуваат согласно националните стандарди на крајот од основното образование, како и да се обезбеди меѓународна споредливост на постигањата на учениците на определена возраст во основното образование.

Со тоа ќе се укине концептот кој во 2020 година го воведе поранешната министерка за образование Мила Царовска, со кој дојде до спојување на неколку предмети. Идејата беше предметот историја да се изучува како дел од општествените науки, што предизвика лавина реакции во јавноста. Додека надлежните ваквиот концепт го споредуваа со моделот којшто го применила Финска, дел од јавноста, професорите, студентите и опозицијата го оценија како „бришење“ на историјата под притисок на Бугарија. 

Јавна расправа

Новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска, во гостување на МТВ најавува дека концепцијата за основно образование ќе се ревидира во широка јавна расправа, затоа што незадоволството од неа е големо, како кај родителите и наставниците, така и кај стручната фела.

„Многу брзо ќе има јавна расправа, да видиме каде и што треба да измениме. Ќе бидат вклучени бројни институции и бројни стручњаци, секако и наставниците и родителите“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека ќе се одвојат предметите што беа споени со Концепцијата, ќе се додадат и нови, но сè од Концепцијата што наставниците и стручната фела рекле дека е добро или ќе речат дека е добро, ќе остане во наставните програми и планови.

Ревидираната и надградена Концепција ќе обезбеди континуитет, без да има празнини во образованието на децата, вели Јаневска. Претходно, таа најави и нов концепт за матура. Учениците од средните стручни училишта ќе полагаат посебна матура, додека за учениците од гимназиско образование останува државната матура, што ќе биде задолжителна и за оние кои ќе сакаат од стручно образование да преминат во несоодветно високо образование.

Колку заработуваат учителите на Балканот?

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема