После повеќе од 30 години независност и тоа го дочекавме. Да бидеме прогласени за втора најмалку интелигентна нација во Европа. Не само на Балканот, туку во цела Европа. Ме порази ова сознание комплетно. Како со еден потег да беа урнати сите наши себевеличења, но и омаловажувања на другите. Како гром одекна ова деградирачко сознание дека Македонците, во друштво со Албанија, се далеку помалку интелигентни од сите останати наши соседи, но и од цела Европа. Ова објавено истражување буквално ги демонтираше востановените догми за балкански супериорни нации. Ова истражување ни покажа дека Бугарите и Хрватите се со повисок просечен коефициент на интелигенција од Србите, но и од Грците, Албанците и Македонците. Она што не ме изненади е дека Словенците се интелектуално супериорни на Балканот.
Многу е веројатно дека сите ние кои сме долу ниско на листата ќе го оспоруваме ова истражување, нема да го признаваме, ќе го бојкотираме. За волја на вистината, резултатот објавен за Македонија и Албанија не е базиран на тестирање како во случајот со Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија и Грција, туку е направена „најдобрата проценка заснована на измерените вредности на блиските земји“ како што е објавено во извештајот, што реално остава можност за дополнително оспорување. Сепак, рангирањето е објавено, а ние сме на дното, заедно со Албанија.
Совпаѓање на резултатите
Направив анализа преку споредба на нивото на интелигенција објавено во рангирањето на World population review и рангирањето на квалитетот на живот објавено на познатата светска база на податоци Нумбео.
Интересно е што доколку се направи споредба на просечниот коефициент на интелигенција и квалитетот на живот според познатото рангирање на Нумбео, ќе дојдеме до заклучок дека прилично се поклопуваат резултатите од рангирањето на коефициентот на интелигенција на нациите и квалитетот на живот во тие земји. Можеби е ова случајност, но сепак изненадува совпаѓањето на резултатите. Така, Словенците кои според ова рангирање објавено на world population review се со највисок просечен коефициент на интелигенција во регионот, е и држава со убедливо најдобар квалитет на живот. Словенија на светското рангирање на нациите за квалитет на живот во 2023 година се наоѓа на високото 13 место во Европа, односно на 18 место на светско ниво и е највисоко рангирана од сите земји во регионот, соодветно на рангирањето на коефициентот на интелигенција. По неа следи Хрватска, која е рангирана на 17 место во Европа, односно подобро од сите останати во регионот освен од Словенија, соодветно на просечниот коефициент на интелигенција. Следна на оваа листа на земји со најдобар квалитет на живот е Бугарија, која е рангирана на 27 место, пред Грција која е рангирана на 29 место според квалитетот на живот и пред Босна и Херцеговина и Србија. Да потсетам, според објавеното истражување за просечен коефициент на интелигенција на нациите, Бугарите се поинтелигентни од Србите, Грците и Босанците, што целосно соодветствува и со рангирањето за квалитетот на живот објавено на Нумбео. Албанија, воопшто не е рангирана на ова истражување за квалитет на живот.
За потребите на оваа колумна направив истражување за класификациите на коефициентот на интелигенција кои често следат стандардна дистрибуција, при што мнозинството од населението спаѓа во просечниот опсег. Еве една заедничка класификација:
Под 70 - Интелектуална попреченост: Поединците со коефициент на интелигенција под 70 често се смета дека имаат интелектуална попреченост.
70-85 - Под просекот: овој опсег се смета за под просекот и поединците може да се соочат со предизвици во задачите кои бараат посложени когнитивни способности. Жалам што морам да потенцирам, но според рангирањето на world population review, Македонците со просечен коефициент на интелигенција од 81,91, заедно со Албанците се наоѓаме токму во оваа категорија, за разлика од сите останати наши соседи кои се во следната категорија.
85-115 - Просек: Ова е просечниот опсег, што го опфаќа мнозинството од населението. Повеќето луѓе спаѓаат во оваа категорија.
115-130 - Над просек: Поединците во овој опсег се сметаат за надпросечни во однос на когнитивните способности.
130-145 - Надарени: Овој опсег често се поврзува со надареност или висок интелектуален потенцијал.
Над 145 - Високо надарени или гениј: Резултатите над 145 се сметаат за показатели за високо надарени поединци или за оние со интелигенција на ниво на генијалност.
Потреба од интроспекција
Важно е да се напомене дека иако тестовите за интелигенција даваат нумерички резултат, тие се само една мерка за когнитивните способности. Интелигенцијата е сложена особина под влијание на различни фактори, а тестовите за интелигенција имаат свои ограничувања во доловувањето на целиот спектар на човечката интелигенција. Дополнително, културните и социо-економските фактори може да влијаат на перформансите на овие тестови. Резултатите од коефициентот на интелигенција треба да се толкуваат од професионалци во контекст на поширока проценка и тие не треба да бидат единствената основа за оценување на способностите на поединецот.
Сепак ова поразително рангирање на коефициентот на интелигенција на нациите, колку и да е контроверзно, некако е поразувачко.
Ако на ова рангирање со надоврзе и дека нашиот најдобар, најстар и најголем универзитет е рангиран околу 2.000 место во светот, и ако земеме дека на рангирањето на програмата на ОЕЦД-ПИСА, Македонија во друштво со Албанија и Косово е убедливо најниско рангирана во регионот, не остава ништо друго туку потреба од интроспекција. Мораме да се свртиме кон самите себе, да си ги видиме слабостите и да се обидеме преку реално согледување на положбата во која се наоѓаме да најдеме решение. Но, пред сѐ е потребен ремонт на целиот образовен систем, почнувајќи од високото образование па надолу. Не еден, и сто пленуми нека се појават, целосен ремонт е неопходен.
Се плашам само да не е веќе доцна.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.