За првпат по три години: Германија депортираше Авганистанци
30 август 2024Германија соопшти дека денеска ја извршила првата депортација на Авганистанци назад во нивната матична земја откако талибанските власти ја презедоа власта во август 2021 година, додека Берлин се соочува со притисок да ја запре миграцијата.
„Тоа се авганистански државјани, кои сите беа осудени престапници кои немаа право да останат во Германија и против кои беа издадени наредби за депортација“, вели во соопштението на владиниот портпарол Штефен Хебештрајт.
Во чартер летот на „Катар ервејс“, кој полета од аеродромот во Лајпциг за Кабул нешто пред 5 часот по Гринич, имало 28 Авганистанци, објави магазинот Шпигел, цитирајќи безбедносни извори.
Операцијата била резултат на двомесечни „тајни преговори“ во кои Катар учествувал како посредник меѓу Берлин и талибанските власти, пишува Шпигел.
Хебештрајт рече дека Германија „побарала поддршка од клучните регионални партнери за да се олесни депортацијата“, без да даде повеќе детали.
Германија целосно ги запре депортациите во Авганистан и ја затвори својата амбасада во Кабул откако талибанската администрација ја презеде власта во 2021 година.
Денешната депортација доаѓа во момент кога германската влада се соочува со зголемени повици да ја спречи илегалната миграција и да преземе построги мерки против опасните и осудени баратели на азил, по серијата злосторства од висок профил на осомничени мигранти.
Германија е сè уште во шок од минатонеделниот напад со нож на уличен фестивал во градот Солинген, во западна Германија, во кој загинаа три лица, и кој беше извршен од 26-годишен Сириец, поврзан со терористичката група Исламска држава.
Осомничениот требало да биде депортиран во Бугарија пред неколку недели, но операцијата пропадна откако властите не успеаја да го лоцираат.
Во мај, 25-годишен Авганистанец беше обвинет за убиство на полицаец во напад со нож на плоштадот во градот Манхајм.
Нападот ја шокираше Германија и ја оживеа дебатата за депортирање на сериозни криминалци дури и ако тие доаѓаат од земји кои се сметаат за небезбедни како Авганистан или Сирија.