1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во темнината на заборавот

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
14 ноември 2023

Граѓаните на Македонија прво треба да излезат од темницата на заборавот, на лагите, на примитивизмот и на провинцијализмот, да се ослободат од заробениот ум, да се освојат себеси, па потоа Европа. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4YlUk
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Во Македонија во изминатите 18 години, од 2006 до 2023 година стасаа 18 извештаи на Европската Комисија за едногодишниот напредок на земјата. Сите тие густо отпечатени на, по 120 до 130 страници, а со нормален проред над 200 страници. Вкупно, некаде околу 3.600 страници согледувања на европските влади  за нашите состојби и реформи на патот за ЕУ. Што мислите дали овие десет тома од по 360 страници ги имаат прочитано целосно, освен преведувачите, барем уште десетина луѓе на одговорни позиции?

Не верувам. Но, затоа пак, како реакции на повторувачите се напишани и изговорени неброени оценки на оценките во разјаснување на непрочитаното, неразбраното, најчесто и на несаканото. Стотици експерти и анлитичари, политичари, јавни личности, пропагандисти, големите мајстори на кулинарството на социјалните мрежи и во медиумите, водат јалови дебати за она што го знаат безмалку сите и што секојдневно е главна тема  во изминатите три децении. Ете тоа ни го пишуваат. што е препишано од нашата главна тема во целиот период на независноста и најдолгата европска транзиција. Тоа е темата на сите државни и национални стратегии, на сите партиски програми, на сите избори и кампањи, на стотина собраниски декларации, резолуции, ратификувании меѓународни договори и уште милион програми, обуки, проекти и се разбира потрошени милиони евра наши и европски пари.

И уште неколку заборавени факти. Од 2009 година наваму во сите извештаи Европската комисија предлага безусловно започнување на преговорите со ЕУ. Освен во 2015 и 2016 година кога преговорите се условени со исполнување на Договорот од Пржино и спроведување на итните реформски приоритети за ослободување на заробената држава од режимот на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ

Пустош во свеста од патриотски пропаганди 

Досега веќе требаше да разбереме дека граѓаните на Македонија прво треба да излезат од темницата на заборавот, на лагите, на примитивизмот и на провинцијализмот, да се ослободат од заробениот ум, од целата таа пустош во свеста што им ја направија лажните патриотски пропаганди, незнаењето и арамилакот.

Уште не сфативме дека не е можно да ја освоиме Европа без да се освоиме себеси. Никогаш не ја пресметавме цената на изгубеното време. А, и не може да се пресмета бидејќи е немерлива. 

И во едни такви околности на „јунаштво“ под јорган планина, да се биде против евроатланските интеграции под закрила на големата лага за тоа колкава цена треба да платиме за распродажбата на националните и државни интереси, Македонија успеа да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со првата меѓувладина конференција со ЕУ. И тука, пак да се закопа во балканската дупка што ја копа револуционерната партија за изгубените идентитети, за предавства, за асимилација, за историското минато, за потеклото, за јазикот, за  криминал и коруција, за се она што беше најголем виновник во долгогодишното владеење.

Зошто се уште има потреба да се објаснува дека кога ќе паднеш во дупка, прво што треба да направиш е да престанеш да копаш, оти колку што повеќе копаш повеќе пропаѓаш. 

Тие што измислија нови идентитети од пред Христа, што словенското потекло го прогласија за навреда, што ја маргинализираа најголемата историска победа на создавање на првата национална и парламентарна држава по победата во антифашистичката војна, што ги игнорираа сите извештаи на ЕУ за заробената држава, што беа директни учесници со нивните злосторнички здруженија во ограбување не само на државата, туку и на приватните успешни компании, што владеењето на правото го претворија во владеење на власта, што од првите демократски исчекори направија режим, денес бесрамно врскаат за најлошиот извештај од ЕУ.

Се разбира, како и за секој Извештај на Европската комисија во изминатите 18 години, како и за овој последниот, има многу што да се критикува и тоа жестоко. Но, најмалку имаат право на тоа тие што се најодговорни за неспроведените реформи и за блокадите и се најголемите виновници за децениското доцнење. Тоа се, со мали искључоци истите тие луѓе и партии кои се во владата и во Собранието, во власта и во опозиција целиот овој период откако секоја година стасуваат Извештаите за напредок 2006- 2017 -2023 година. 

И во последниот извештај за РСМ, ЕК бара реформи - остануваат слабостите во судството и борбата против корупцијата
И во последниот извештај за РСМ, ЕК бара реформи - остануваат слабостите во судството и борбата против корупцијатаФотографија: DW/M. Maksimovic

Во тој период, најголемата одговорност за вкупните состојби во државата имаат ВМРО ДПМНЕ на власт со своите коалициски партнери од 2006 до 2017 година, цели 11 години, СДСМ со коалицијата од 2017 до 2023 година, шест години и ДУИ сите 18 години. 

Реши каде ќе се приклучиш

Неспорен факт е дека најголемите исчекори со членството во НАТО и со отпочнување на преговорите со ЕУ се направени во периодот од 2017 до 2023 година. Но факт е и тоа дека не е можно спроведување на реформите без заеднички став на релевантните парламентарни партии, без разлика дали се на власт, или во опозиција. Тоа е првата работа со консензусот за членство во ЕУ што го направија сите земји кандидати кои имаа вековен напредок со припадноста на Европа. Но, македонските политичари не успеваат во тоа. Немаат заеднички став за ништо освен за своите привилегии. 

За крај една поучна приказна како нашите партиски лидери, јавни личности, академици, универзитетски професори и новинари  ги читаат и проповедаат извештаите на Европската комисија, каде што за секое поглавие има добри, помалку добри и лоши оценки. Приказната е за Насредин Оџа.

Една анама го замолила оџата да и прочита, како што кажала, едно писмо. Насредин оџа почнал да чита: „Почитувана госпоѓо еве после долго време ви се јавувам да прашам како сте вие и вашето семејство... анамата спискала аман бе оџа што читаш тоа е тапијата од куќата. Еее, рекол оџата ти ми рече писмо и јас читам како писмо, да ми речеше дека е тапијата ќе прочитав како за тапија.

Така е кај нас со извештаите на ЕК. Едни читаат и проповедаат само тоа што е добро, другите читаат и проповедаат само тоа што е лошо.

1.„Убедливото мнозинство од луѓето воопшто не мислат, а тие што мислат никогаш не стануваат убедливо мнозинство. Реши каде ќе се приклучиш.“

2.Ако не можеш да решиш, тогаш едноставно вегетирај си, биди печурка или растение.“

Елиф Шафак во „Копилето од Истанбул“ 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема