Документи без термин за граѓаните кои наполниле 18 години
4 април 2024Во пресрет на изборите, институциите преземаат забрзани чекори со цел да се обезбедат важечки документи за граѓаните. За таа цел во сабота (6.04), во периодот до 8 до 15 часот ќе се овозможи фотографирање за лични документи без закажан термин за граѓаните кои наполниле 18 години. Тие ќе можат да аплицираат за нови документи во подрачните канцеларии за управни работи низ државата
На тој начин ќе се надмине проблемот со онаа категорија на граѓани коишто немаат никаков биометриски документ, ниту лична карта ниту пасош, што пак е услов за да може да се гласа на пролетните двојни избори во Северна Македонија.
Повик
„Ги повикуваме граѓаните кои наполниле 18 години, а немаат никаков биометриски документ, да дојдат во сабота во подрачните канцеларии за управни работи низ државата, за да бидат фотографирани и навремено да им биде изработен личниот документ, со цел да можат да го остварат своето право на глас на претстојните избори“, повикаа од МВР.
Министерството за внатрешни работи неодамна информираше дека дневно се издаваат по 900 лични карти во просек, во главниот град. Статистиката се однесува на периодот од 10 до 24 март. За две недели биле издадени вкупно 12.500 лични карти во подрачните полициски станици, со што според МВР за четирипати е зголемен бројот на издадени документи во однос на претходниот период.
Приоритет
Стапувањето на сила на одредбите од Договорот од Преспа, со кои до средината на февруари граѓаните беа обврзани да ги заменат старите документи со нови, на кои стои името Северна Македонија, предизвика хаос и тензија во земјата. Нервозите особено се зголемија поради претстојните избори, кога стравувањата беа дека на 100 илјади граѓани би можело да им биде ускратено правото да гласаат, доколку не успеат навреме да обезбедат нови документи.
Народниот правобранител во неколку наврати апелираше до МВР да им се даде приоритет за вадење на документи на лицата кои наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат ниту лична карта ниту пасош.