1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Педесетина претставки до Омбудсманот за личните документи

ДТЗ
1 март 2024

Покрај неможноста да ги подигнат готовите документи, граѓаните се жалат дека не можат да закажат термини, а некои од нив бараат и надомест на трошок за замена на документи чиј рок не е истечен.

https://p.dw.com/p/4d55D
Насер Зибери
Педесетина претставки до Омбудсманот за личните документи: Насер ЗибериФотографија: Petr Stojanovski/DW

Народниот правобранител за два месеца, во јануари и февруари годинава, примил 50-тина претставки од граѓаните во врска со замената на старите документи со нови на кои стои името „Северна Македонија“. Покрај неможноста да ги подигнат готовите документи, граѓаните се жалат дека не можат да закажат термин за замена на документите, а некои од нив бараат и надомест на трошок за замена на документи чиј рок не е истечен.

Со укажување дека станува збор за сериозен проблем, народниот правобранител Насер Зибери на прес-конференција во Скопје го повика МВР да се реорганизира, за да се надмине хаосот со издавањето на нови документи, особено што голем број од документите се веќе изготвени, но граѓаните никако не успеваат да ги подигнат. 

Тимови на Народниот правобранител лично се увериле во тоа. При посета на двата главни пункта во Скопје – во  МРТВ и во Кисела Вода, тие утврдиле дека „сериозен број исправи“ (лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, но и пасоши) биле ставени настрана и не им се доставени на граѓаните, иако се готови. 

Според Зибери, нивните тимови досега им помогнале на граѓани на кои итно им бил потребен пасошот што не успеале да го подигнат, најчесто за некој вид патување (за лекување, спортско, деловно или научно патување) и во соработка со служби на МВР ги пронашле готовите документи. 

„МВР треба тоа да го прави по службена должност и да им ги даде документите, а не ние. Укажуваме МВР да направи добра реорганизација на процесот и нормално да тече издавањето готови исправи. Доста чекаат за добивање термин, па за фотографирање, обработка и одобрување, па уште и за издавање да се чека?“, реагира Зибери.

Деликатна ситуација - како без документи на избори?

Граѓаните се соочуваат и со бројни проблеми и нејаснотии дали ќе можат да гласаат на пролетните избори, доколку не успеат навреме да ги заменат документите. Проблем има и со дел од граѓаните кои во меѓувреме наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат ниту лична карта и пасош.

„Ќе се доведе во прашање нивното право на учество на изборите што е уставно загарантирано. Дел од тие лица имаат патна исправа, но, за жал, со стар образец, што значи согласно постојната регулатива тие исправи се невалидни за учество во изборниот процес“, вели Зибери.

Доколку Владата не преземе нешто, според него, многу граѓани може да бидат ставени во ваква деликатна ситуација. Поради тоа се бара тие приоритетно да добијат нови документи. 

Проблем е и тоа што не се применува член 7 од Законот за лични карти кој одредува дека на граѓаните над 65 години треба да им се издава лична карта со трајна важност. Место тоа, МВР и натаму издава документи со важност од 10 години. Зибери вели дека треба да се применува овој член, што ќе придонесе да се намали притисокот за промена на личните документи.