1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Веста на Ахмети пресретната од други „големи вести“

22 февруари 2024

Таравари најави дека ЕСП ќе бара отворање на Уставот за три прашања. Според Села, кандидатурата на Таравари оди само во прилог на планот на ВМРО-ДПМНЕ. На потег е Ахмети.

https://p.dw.com/p/4cj3R
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе одржи прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица во 13 часот за да ја „соопшти големата вест“, објавија од партијата
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе одржи прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица во 13 часот за да ја „соопшти големата вест“, објавија од партијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Во очекување на највената „голема вест“ што денеска (22.2) треба ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети, повеќе партии побрзаа да ги соопштат нивните големи вести. Претседателскиот кандидат на Европскиот сојуз за промени, Арбен Таравари, синоќа на вонредна прес-конференција објави дека влегол во претседателската трка со двојна цел: за првпат албанскиот кандидат да влезе во вториот круг на претседателските избори и да отворaт големата дебата за функцијата претседател во домашниот политички систем.

Таравари најави дека неговата претседателска платформа ќе се гради на зајакнувањето на консензуалната демократија, а тој и неговите партнери имаат цел идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот; отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик; изборот на претседател да се прави во Собранието, а не на избори.

Кандидатот на опозицискиот Европски сојуз за промени Арбен Таравари го претрка Ахмети и вчера ја соопшти својата голема вест.
Кандидатот на опозицискиот Европски сојуз за промени Арбен Таравари го претрка Ахмети и вчера ја соопшти својата голема вест.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ова е големата вест! На овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции. Ги повикувам Албанците и ДУИ, која се уште се двоуми кого да кандидира и која во минатото поддржувала и македонски кандидат за претседател, повикувајќи се на консензуализам, да ја поддржат мојата визија и мојата кандидатура. Сега ја имаме можноста заедно да ја зајакнеме консензуалната демократија на уставен начин. Сега можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции по автоматизам да им следи на Албаниците, како втор мнозински народ во Македонија", порача Таравари. 

Две одлуки?

На потег е Ахмети. По вчерашната најава од партијата дека тој денеска во 11 часот ќе им се обрати на граѓаните преку неговата страница на Фејсбук „за да ја соопшти големата вест", подоцна стигна соопштение дека Ахмети ќе одржи прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица во 13 часот.

Според ТВ 21, која тврди дека имала увид во говорот на Ахмети за денешната прес-конференција, лидерот на ДУИ ќе соопштел две одлуки: првата, дека партијата има црвени линии за формирање на следната Влада - отворање на Уставот и внесување на Бугарите во него, и втората, дека Бујар Османи е кандидат на ДУИ за претседател на државата. Во обраќањето Ахмети ќе барал поддршка од Албанците на изборите да кажат „не" на влијанието на Русија во Македонија.

Во пресрет на она што ќе го соопшти Ахмети, повеќе претставници на ЕСП објавија дека големата вест е токму тоа што опозицискиот блок на Албанците е во голема предност пред ДУИ. Како аргумент за тоа објавуваат резултати од анкета спроведена во време кога Таравари гостувал на дебатна емисија, и за време на која ставот го соопштиле 4.665 гласачи, од кои 63% (2.939) се изјасниле дека ќе гласаат за ЕСП, а 37% (1.726) за ДУИ.

Дали Бујар Османи ќе биде кандидат на ДУИ за претседател на државата?
Дали Бујар Османи ќе биде кандидат на ДУИ за претседател на државата?Фотографија: MFA Nord Mazedonien

Од она што денеска ќе го соопшти Ахмети во голема мера ќе зависи вкупниот успех на европскиот фронт. Ако ДУИ излезе со свој претседателски кандидат како одговор на кандидатот на ЕСП, завршува праксата на консензуално поддржан кандидат меѓу ДУИ и СДСМ како што беше на претходните избори, а кандидатот на СДСМ во првиот круг би останал без поддршката што ја имаше во претходниот циклус. Според аналитичари, тоа ќе се одрази на вкупниот резултат во атарот на т.н. европскиот фронт.  

Села: План за враќање кон груевизмот

На овие аспекти се осврнува и Зијадин Села, кој го предводи другото крило на Алијанса за Албанците во период кога судски треба да се утврди кој е легален и легитимен претставник на АА. Тој во интервју за весникот „Лајм" изјави дека кандидатурата на Таравари оди во прилог на планот на ВМРО-ДПМНЕ, која е свесна дека таа кандидатура ќе произведе и други кандидатури на Албанците за претседател.

„Ова би предизвикало гласовите на Албанците да се концентрираат на кандидатите Албанци и разликата на претседателските избори меѓу кандидатот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да биде голема, за по две недели таа разлика експоненцијално да вилјае на зголемување на бројот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, оценува Села.

Тој прашува - зошто албанскиот политички фактор да придонесе за таков план на ВМРО-ДПМНЕ, кој нема за цел да придвижува напред, туку од аспект на бројките и планот - е тенденција за враќање кон груевизмот. 

Во трка за реибор како кандидат на СДСМ: Актуелниот претседател Стево Пендаровски
Во трка за реибор како кандидат на СДСМ: Актуелниот претседател Стево Пендаровски Фотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Дали Ахмети ќе ја има предвид оваа аргументација, ќе се знае денеска. Во меѓувреме, раководството на СДСМ вчера дало поддршка актуелниот претседател Стево Пендаровски да биде нивен претседателски кандидат. Ако одлуката ја потврдат Извршниот и Централниот одбор, Пендаровски по вторпат ќе ги измери силите со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која беше канадидат и на претседателските избори и во 2019 година. Со собирање 10 илјади потписи во изборната трка ќе се вклучи Арбен Таравари од ЕСП, чија цел е влез во вториот круг, а кандидатура вчера најави и претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Мерсиха Смаиловиќ ќе биде кандидатка на Бошњачкииот демократски сојуз, Билјана Ванковска на Левица, а кандидатура за претседател се очекува денеска да објави и партијата ЗНАМ - За наша Македонија, предводена од кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема