1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори или панаѓур на суети

21 февруари 2024

Претседателската функција стана најважната споредна работа во Македонија затоа што станарот на Водно во последните години е само партиски играч од кој се бара само да аминува партиска политика. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4cdH7
Гордана Силјановска Давкова Стево Пендаровски Претседателски избори Македонија
Билборди на Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски на претседателските избори во 2019 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

На 8 мај ќе знаеме кој ќе биде новиот (или старо-новиот) претседател на Македонија, но на 21 февруари или два и пол месеци пред тоа, сѐ уште не знаеме кои се кандидатите за претседател. Тоа е македонската демократија, која сѐ уште живурка во конспирации, кулоарски лицитации, подметнувања и квази тактизирања кои немаат врска со транспарентноста на политиката, па макар да е тоа и партиската. Како да се подготвува панаѓур на суети, а не избор на личност која ќе ја освои највисоката функција во државата. Јавноста бара знаци кај двете најголеми партии да види во која насока им одат плановите, но ништо не се наѕира. Гледаме дека професорката Гордана Силјановска со видео записи прави кампања на социјалните мрежи, но дали тоа е вовед во кандидатура или само партиска алатка за збунување на противникот, не знаеме. Гледаме дека и актуелниот претседател Стево Пендаровски чека да му каже СДСМ, па тој нам да ни каже дали одлучил да бара уште еден мандат. Последниве десетина дена се изви и некоја магла од Мала Речица со пробни кандидати како лидерот Али Ахмети и шефот на дипломатијата Бујар Османи. 

Сите се со полни усти демократија и грижа за јавноста и граѓаните, но кон највисоката функција во државата се однесуваат како да им е последна грижа во партиската битка. Можеби тоа е затоа што станарот во вилата на Водно во последните години е само партиски играч. Или затоа што од шефот на државата не се бара ништо освен да аминува партиска политика. Малку опозиција на почеток на мандатот кога веќе партиските гласови се испорачани и верификувани, потоа малку лојалност кон граѓаните ама повеќе кон партијата што ги подарила гласовите, потоа глумење граѓански претседател на средината на мандатот, и покорно веднење глава пред партијата за да се добие и втора кандидатура. Така отприлика изгледа петгодишниот мандат на претседателот на Северна Македонија, кој кога води кампања дава ветувања како за извршна власт, а кога ќе го изберат на секое деликатно прашање одговара дека „не е надлежен“.  

Наследниците послаби од Глигоров

За волја на вистината игрите околу претседателскиот трон не се ништо ново. Така е откако од него замина единствениот политички тешкаш во Македонија, Киро Глигоров, и многумина ќе се согласат дека после него ниту еден друг претседател не ја извршуваше функцијата со толкаво чувство за политика. Иако неговите политики за еквидистанца со соседите, како и кон Албанците, а посебно тврдиот став околу името со Грција, не го издржаа тестот на времето, сепак во тоа време во Глигоров граѓаните гледаа достоен татко на нацијата, умешен преговарач кога се распаѓаше Југославија, и скромен социјалист кога беа во прашање класните разлики, што е дијаметрална спротивност од претседателите кои дојдоа после него. Тие се претворија во доследни партиски играчи, секој со својот политички табор. 

Киро Глигоров
Првиот претседател на независна Македонија, Киро ГлигоровФотографија: European Comission

Речиси со секоја смена на функцијата земјата добиваше сѐ послаб претседател па дури и во некои случаи партиите гледаа само формално да ја пополнат функцијата. Така стигнавме до ситуација да имаме претседател кој само потпишува укази за закони, одвреме навреме боцкајќи со неставање потпис, и претседател кој наместо да ја издигне вилата на Водно во центар за креирање на високи политики, ја направи приемна канцеларија како од времето комунистичкиот социјалистички сојуз на работници. 

Играњето по партиски ноти од претседателите направи и безлични фигури кои се немоќни да дадат придонес во напорите да се намалат внатрешно - политичките тензии во државата. Иако имаат надлежности во надворешната политика, во безбедноста и во судството, речиси да не се памети претседател да ставил „вето“ на амбасадорска листа ако му е испратена од Министерството за надворешни работи кое е во раце на неговата партија или коалицијата што го донела на функцијата. Зад завесите можеби се одвиваат преговарања, но никогаш за квалитетот на амбасадорите туку чии апетити се задоволени и чиј кандидат треба да се најде на конечната листа. Актуелниот претседател во една прилика ќе каже дека неговите предлози за членови на Судскиот совет и Уставниот суд морале да бидат усогласени со парламентарното мнозинство (читај власта) ако сака да бидат изгласани да ги добијат функциите. Тоа се коси со поделбата на сферите на влијание и уставната положба на шефот на државата да биде своевиден коректив на политиките и сосема го обезвластува претседателот иако на хартија му е доделена моќ во политиката. 

Претседателските избори како лакмус 

Ваквите состојби ја направија претседателската функција неефективна, што впрочем се потврдува и со односот на партиите кои ја третираат како да е фудбал – односно во предизборните комбинаторики има статус на најважната споредна работа. 

Билјана Ванковска
Левица која ја избра професорката Билјана Ванковска да се трка за функцијата претседател. Фотографија: Petr Stojanovski

Политичката јавност, пак, на претседателските избори гледа како на лакмус кој го покажува расположението на граѓаните во одредени периоди во политичкиот развој на државата. Тоа се гледа и од брзањето на помалите партии – рано да ги објават имињата на нивните кандидати како што е случајот со Левица која ја избра професорката Билјана Ванковска да се трка за функцијата. И во такви случаи не станува збор за почит кон претседателската функција туку да се фатат позиции или да се измери силата пред гласањето на парламентарните избори кое ќе следи по првиот круг од претседателските избори. 

Некои кругови од поодамна заговараат изборот на шефот на државата да се врати во парламентот, како што беше на почетокот на осамостојувањето, бидејќи функцијата се извршува церемонијално и без некоја поголема тежина и преземање одговорност. Логиката на тоа барање е дека така ќе се заштедат финансиски средства кои одат на товар на буџетот односно на граѓаните. За претседателските избори во 2019 година, на кои победи актуелниот претседател Стево Пендаровски, беа потрошени 7,9 милиони евра. Од нив, скоро 3,8 милиони евра од буџетот биле потрошени за медиумската кампања на кандидатите. Податоците покажуваат дека претседателските избори чинат помалку од парламентарните, но сепак станува збор за голема сума за сиромашна држава која има стари и дотраени болници и училишта, и застарена и небезбедна транспортна инфраструктура. За споредба одржувањето на последните парламентарни избори во 2020 чинеше 9,2 милиони евра. Додека пак претходните парламентарни избори во 2016 година чинеа 7,5 милиони евра или речиси колку претседателските во 2019.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи