1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСП ѝ фрла ракавица на ДУИ

15 февруари 2024

Арбен Таравари ќе биде претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците. Владејачката ДУИ е пред предизвик - дали и таа ќе парира со свој кандидат.

https://p.dw.com/p/4cPpn
Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците (АА)
Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците (АА)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците (АА), денеска (15.02) на градскиот плоштад во Гостивар во 10 часот официјално ќе ја објави неговата кандидатура за претседател на РСМ на предлог на Претседателството на АА, а поддржана од Европскиот сојуз на промени (ЕСП).

„Од кабинетот на лидерот на АА, Арбен Таравари, ја потврдија неговата кандидатура за претседател на РСМ од редовите на опозициските партии на Албанците“, пренесе ТВ Клан.

На прес-конференцијата ќе бидат присутни и партнерите од коалицијата ЕСП - претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претставникот на Самоопределување, Беким Ќоку.

Oдлуката била официјализирана вчера, на заедничка средба на лидерите од опозицискиот Европски сојуз за промени, но ѝ претходеа денови на интензивни средби и разговори во опозицискиот блок. Таравари, заедно со партиските лидери од ЕСП, на 30-ти јануари беше и на средба со косовскиот премиер Албин Курти, по која во официјалното соопштение на косовската влада, меѓу другото, беше наведено дека „четворицата лидери го искажале својот предлог за претседател на Северна Македонија, кој ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија, претседател кој овојпат треба да доаѓа од редовите на Албанците“.

Од ЕСП не криеја дека го предлагаат Арбен Таравари, но тој првично го отфрли предлогот.

„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, изјави Таравари два дена по средбата во Приштина.

На што се должи пресвртот?

Извори од ЕСП за ДВ објаснуваат дека нема пресврт. Таравари се двоумел од една причина - не сакал понудената кандидатура да биде протолкувана како негов мотив заради кој АА се приклучила кон опозицискиот блок, бидејќи главната причина за тоа е желба за промени и испраќање на ДУИ во опозиција. Од ЕСП сметаат дека неговата кандидатура ќе биде голема додадена вредност во заложбата на опозицијата за промени.

Објавувањето на кандидатурата на Таравари следи по еден ден откако претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера ги потпиша решенијата за распишување на седмите претседателски и 11-тите парламентарните избори.

„Денеска (14. 2.- н.з.), кога и официјално се распишани претседателските избори, сакам да ја информирам јавноста дека Европскиот сојуз за промени веќе има свој кандидат за претседател“, објави вчера лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, на неговиот профил на Фејсбук .

„Кандидатот на Сојузот ќе биде почитувано име, кое ги надминува етничките и политичките граници, што е ретка можност во Северна Македонија за првпат да се изрази мултиетничкиот карактер на државата. Сојузот има кандидат кој влегува во оваа трка за да победи и да стане претседател на Северна Македонија, кој нема да биде ‘другиот’, туку ќе биде ‘нашиот’ (...) Добрата вест доаѓа“, најави Гаши.

Во друга објава се осврна и кон политичките опоненти.

„Опозицијата ќе претстави победнички кандидат за претседател! Ја повикуваме ДУИ да го поддржи“, порача лидерот на Алтернатива.

Следна или сегашна мисија?

Овој потег на опозициските партии на Албанците ја става пред предизвик владејачката ДУИ - дали ќе парира со свој кандидат. Партијата беше во фаза на анализа за сите можни опции, а го овласти партискиот лидер Али Ахмети да води преговори за секоја од нив. Иако во последните две недели само се шпекулираше дека и ДУИ може да излезе со свој партиски кандидат, таквото размислување би можело да стане доминантно откако претседателот Пендаровски ги налутил интегративците со тоа што не го попиша указот за прогласување на Законот за игри на среќа и за забавните игри, кој бил важно изборно ветување на партијата од Мала Речица. Но, според извори во партијата, и без тоа се правале сериозни проценки дали ДУИ треба да има свој кандидат, со или без консензуална поддршка.

Потпретседателот на партијата, Бујар Османи, говорејќи за потребата од етничко демонополизирање на главните функции во државата, а во контекст на „првиот премиер Албанец“, лани во декември изјави дека „вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ“.

Тоа се толкуваше како потврда дека ова се можеби последните претседателски избори на кои ДУИ консензуално ќе поддржи независен или партиски кадар предложен од СДСМ. Но, под притисок од чекорите на опозицијата, не е исклучено мисијата да почне на овие избори.

„ДУИ дефинитивно ќе оди со свој кандидат за претседател на државата, и тоа најверојатно ќе биде потпретседателот и министер за надворешни работи Бујар Османи“, брифирал за „Слободен печат,“ висок партиски функционер.

Бујар Османи
Бујар Османи во игра како можен претседателски кандидат на ДУИФотографија: Thomas Peter/REUTERS

СДСМ ќе проценува

Ваков исход би можел да ја стави СДСМ во тесно. Таму сѐ уште не е донесена одлука дали повторно ќе го номинираат Стево Пендаровски или ќе одат со партиско решение. Ни Пендаровски сѐ уште нема став дали ќе влезе во трка за втор мандат, а најави дека ќе реши до крајот на месецот. Изборот на СДСМ ќе зависи и од тоа дали нивниот кандидат ќе ја има подршката од ДУИ, односно од партиите во европскиот фронт.

Одлука сѐ уште нема ни во ВМРО-ДПМНЕ. Јавниот повик на кој треба да се пријават кандидати за претседател трае до 21-ви февруари и сите кои ќе се пријават и ги исполнуваат условите ќе учествуваат на Конвенцијата што ќе се одржи на втори март во Скопје. Независно од тоа, партијата во моментов ги мери рејтинзите на неколку имиња.

„Можам да кажам дека не се повеќе од три имиња во моментов, но огласот е отворен и тоа е независно од анализата на партијата. Секој што ќе ги исполни условите, ќе биде дел од Конвенцијата за претседателски кандидат“, изјави партискиот претседател Христијан Мицкоски пред неколку дена.

Дека ќе имаат свој кандидат на претседателските избори најави стигнаа од претседателот на новоформираната партија ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, и од ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Партијата Левица прва го објави нивниот претседателски кандидат - професорката Билјана Ванковска.