1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Курти ли е оваа држава?

14 февруари 2024

Голема „пофалба“ за македонските политичари кои обземени од желбата за моќ, пари и уште повеќе пари, дозволија Албин Курти да стане фактор во Македонија. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4cMsf
Албин Курти
Косовскиот премиер Албин КуртиФотографија: AFP via Getty Images

Чија е оваа држава? На Курти ли е, на Рама ли е, на Вучиќ ли е? 

Нормално ли е Албин Курти, премиер на Косово, да одлучува и да биде клучен фактор во Македонија? Курти се промовирал како клучен фактор и регионален лидер на Албанците. И тоа го дочекавме. Тотално детронизирано, мнозинството во оваа држава, стана неважно. Злобата и меѓусебните поделби, го атомизираа македонскиот народ во македонската држава, до ниво еден Курти да одлучува за нашата иднина. За мојата иднина и иднината на моите деца во мојата држава. Браво. Голем кудос за македонските политичари кои обземени од желбата за моќ, пари и многу пари, дозволија Курти да стане фактор во Македонија. Претставниците на албанските партии одат на баци рака кај Курти и бараат од него мислење, совет и поддршка за тоа како политички да делуваат во друга, во нашата држава. А ние Македонците, разделени, раскарани, со горчина во душата ова немо го набљудуваме и премолчено прифаќаме. Никако не можам да прифатам што претставниците на албанските партии прават така како што ќе им каже Курти, но ме порази тотално бламажата на која се подложи раководството на СДСМ и отиде на кафеанска средба со Курти. Што бараа, Алијанса да не се дели и да оди со СДСМ на избори? Курти да одлучи за тоа? Патот до власта во Македонија преку Курти е? Не можат тие да ги убедат, па ќе барат помош од надвор? Премиер на друга, соседна држава да ги управува и одлучува за политичките процеси во Македонија? Тој да одлучува кој ќе ја води државата, а не македонските граѓани! Ова понижување досега не сме го сретнале во македонската политичка историја. Ако јас бев лидер на СДСМ и ми дојдеше некој советник или сопартиец со ваква „брилијантна идеја“ да го молам Курти за да останам на власт, така дрско ќе го измарширав, да не знае да ја погоди вратата за излез од кабинетот, и додека излегуваше ќе му викав - „Со кој памет ме тераш да се потчинам на Курти и со тоа да го потчинам и македонскиот народ на Курти? Толку ли сте очајни за власт? Не знаеш ли друго да работиш, па мораш цел живот функционер да бидеш? Марш надвор и да не ти паднало на памет, другпат да ми предложиш заради алчност, желба за власт или било што да ја потчинам мојата држава на друга држава или друг премиер. Ако македонскиот народ смета дека ние не треба да ја водиме државата, ќе си одиме во опозиција и така ќе продолжиме да се бориме за добро на оваа држава, па народот после некое време ќе може да процени кој бил во право, дали ние или нашите политички опоненти.“ Вака би реагирал јас, но она што го видовме е тотално спротивното. 

Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Вучиќ е иста приказна

За да не се мачите и неосновано да ме прогласувате за албанофоб, веднаш ќе ви кажам дека исто, ако не и уште повеќе ми пречи кога претставници на партијата на Србите ќе отидат кај Александар Вучиќ на баци рака и на консултации за тоа како политички да дејствуваат во Македонија. Сѐ што напишав и што важи за Курти, важи и за Вучиќ. Не можам да прифатам друг премиер, од друга држава, кој и да е, да одлучува за нас овде, за граѓаните на Македонија и на тој начин интересот на таа странска земја да биде остварен во мојата земја. Секогаш кога некој претставник на партијата на Србите ќе отиде кај Вучиќ и ќе го праша што да прави и како да делува и секогаш кога тоа што ќе му го каже Вучиќ ќе го направи во Македонија, треба да знае дека на тој начин не работи за интересите на граѓаните на Македонија, туку за интересите на граѓаните на Србија. А интересите на овие две држави некогаш може да се преклопуваат, но некогаш може да бидат и спротивставени, дивергентни, како на политичко, така и на безбедносно или економско поле. Затоа Курти и Вучиќ во овој поглед, се двете страни на една иста паричка, односно лицето и опачината на ист суштински и егзистенцијален проблем за оваа наша земја.

Наметнати интереси 

Ќе се делела Алијанса. Баш ми е гајле. И нека се подели и нека исчезне од политичката сцена ако тие така одлучиле, затоа што не егзистира за да ги оствари интересите на Албанците од Македонија, туку на Албанците од Косово. Ќе ви повторам, тие некогаш може да се преклопуваат, но некогаш може да бидат и спротивставени. Затоа ќе ја почитувам онаа партија на Албанците која ќе се грижи и бори за политичките и економски интереси на моите сограѓани Албанци, кои се родени и живеат тука, во мојата, во нашата држава.

И на крај знаете што ќе направев, ќе кренев телефон и дрско и отсечно ќе му кажев на Курти, на Вучиќ или било кој: „Престани да се мешаш во внатрешните работи на мојата земја и бери си го своето гајле и решавај си ги проблемите на граѓаните на твојата земја, затоа што си имате повеќе и посериозни проблеми од нашите. Тргнете ги рацете од Македонија и од нејзината судбина. Само граѓаните на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци или други, можат да одлучуваат за судбината на сопствената земја врз основа на сопствените интереси, а не врз основа на вашите интереси. Ова не значи да ги изгубите врските со вашите сонародници, но не значи и дека можете преку нивни политички претставници да го наметнете вашиот национален интерес во туѓа држава. Сакаме да бидеме пријатели, но вистинските пријатели не се мешаат во туѓа куќа.“ 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи