1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Велес и Доналд Трамп: Измамниците повторно во акција

БГ
27 февруари 2024

Измамници од Велес повторно си најдоа профитабилен извор на приход, продавајќи лажни производи со ликот на Доналд Трамп во САД. Манипулациите носат милионска заработка.

https://p.dw.com/p/4cvX2
Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Chris Carlson/AP/dpa/picture alliance

Откако во 2016 година беа обвинети дека влијаеле на американските претседателски избори со лажните кампањи во корист на Доналд Трамп, велешките онлајн измамници повторно се „во игра“. Овојпат, според истражување на Радио Слободна Европа, тие директно профитираат од „брендот Трамп“ продавајќи безвредни картички, монети, налепници, стикери и други производи кои на купувачите треба да им обезбедат милионски профит откако Трамп повторно ќе стане претседател на САД.

Измамниците на американските граѓани им пласираат приказна, според која, производите со ликот на Доналд Трамп купени денес, ќе вредат милиони долари по неговото враќање на власт. Всушност, на продажба се нудат целосно безвредни картички, монети, налепници, стикери и бројни слични производи, со ветувања дека по враќањето на Трамп на чело на САД, тоа ќе им донесе профит, пишува РСЕ на македонски. 

Велес
На социјалните мрежи биле идентификувани најмалку 45 продавачи на лажни картички со ликот на Трамп лоцирани во Велес.Фотографија: Ana Aleksovska

На социјалните мрежи биле идентификувани најмалку 69 продавачи на лажните картички со ликот на Трамп. Од нив, 45 биле лоцирани во Велес. Меѓу нив имало студенти, месари, раководители на детски игротеки, но сите одбиле да одговорат на прашањата за измамите. 

Една од жртвите на велешките измамници била 86-годишната Ен Бретон, пензионерка од предградието на Нешвил во американската сојузна држава Тенеси. Таа купила 20 картички со ликот на Трамп и за нив платила 6.000 долари, со надеж и ветување, дека откако поранешниот американски претседател повторно ќе стапне во Белата куќа, таа ќе инкасира 4 милиони долари. На потенцијалните клиенти огласот им ветувал дека на секоја картичка веќе има уплатено 200 илјади долари кои можат да се подигнат од банкоматот на било која банка во САД. Се разбира, и тоа се покажало неточно.

Милионска заработка

Податоците на македонската Управа за јавни приходи до кои дошла редакцијата на РСЕ, вела дека во последните две години 98 лица од подрачјето на град Велес, на возраст до 35 години, пријавиле приход од САД во износ од над 11 милиони долари. Најголем дел од овие приходи се остварени од маркетинг и интернет услуги. Дали меѓу нив се и ново-откриените измамници е тешко да се каже.

Велес се стекна со „светска слава“ во 2016 година откако беше откриено дека малиот македонски град на оддалеченост од 8.000 километри од САД, е седиште на стотици интернет портали и страници на социјалните мрежи, кои со лажни вести влијаеле врз текот на претседателските избори во САД, во корист на Доналд Трамп. 

Фејсбук Лажни вести
Фејсбук започна да ги брише страниците со лажни вести на велешките спамери во 2017 годинаФотографија: picture-alliance/picturedesk.com/H. Fohringer

Дури во јуни 2017 година, Фејсбук започна голема акција за бришење на профилите и страниците на велешките спамери кои ширеа лажни вести. Тогаш се избришани стотина такви страници, а една година подоцна, истражување на Базфид и македонската Истражувачка лабораторија открива дека „бизнисот“ со лажните вести во Велес го започнале двајца браќа кои ангажирале и американски конзервативци како автори.

Засега, ни американските, ниту македонските власти не реагираа за измамите од Велес. Властите во Исланд потврдија дека истражуваат американска компанија која ги регистрирала домејните за лажните интернет страници кои имаат седиште во Рејкјавик.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи