Македонските про-Трамп спамери во топ-10 на Фејсбук
17 ноември 2016Не стивнуваат реакциите и критиките во американската јавност кон Фејсбук, Гугл и другите социјални мрежи кои во кампањата за претседателските избори беа искористени како платформи за ширење лажни вести и дезинформации во корист, пред сѐ, на Доналд Трамп. Во анализите повторно централна улога играат и про-Трамп спамерите од Македонија.
„Базфид“ открива дека две од 10-те најуспешни лажни вести во последните три месеци од изборната кампања во САД, дошле токму од македонските интернет страници.
Во последните три месеци од претседателската кампања во САД, најуспешните лажни изборни вести на Фејсбук генерирале повеќе реакции од врвните текстови на водечките медиуми како Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Хафингтон Пост, ЕнБиСи и други, пишува во анализата „Базфид“.
Во овие критични месеци од кампањата, 20-те најуспешни лажни изборни приказни од измамнички интернет страници и блогови генерирале 8,7 милиони споделувања, реакции и коментари на Фејсбук. Во истиот период, 20-те најдобри стории од 19 водечки информативни интернет страници донеле 7,3 милиони споделувања, реакции и коментари на Фејсбук.
Македонците во топ-10
„Разочаран сум што Фејсбук прави толку малку за да се намалат лажните вести“, вели Брендан Нихан, професор на политички науки на Колеџот Дартмут и истражувач на политичките дезинформации. „Дури и да не ги свртеле изборите, доказите се јасни дека лажните стории имаа неверојатен опфат на мрежите. Фејсбук треба да се бори против дезинформациите, не да ги засилува“, вели Нихан за Базфид.
Меѓу најчитаните пет лажни информации на Фејсбук, две имаат вакви наслови: „Папата Франциско го шокираше светот, му даде поддршка на Трамп за претседател“; „Викиликс потврди дека Хилари му продавала оружје на ИСИС“. Двете лажни приказни заедно имаат 1,8 милиони реакции.
Повеќе светски медиуми, меѓу нив и ДВ, пишуваа за напливот на про-Трамп интернет страници од Македонија кои шират лажни вести на интернет. Нивната бројка се проценува на најмалку 100. Две лажни информации од македонските страници успеале да стигнат и на листата на Топ-10 најуспешни на Фејсбук во последните три месеци пред изборите. Страницата „Конзервативна држава“ „Conservative State“ (која според информациите потекнува од Велес) објавила приказна со лажен цитат на Хилари Клинтон во кој таа вели: „Би сакала да видам повеќе луѓе како Доналд Трамп да се кандидираат за функции; тие се искрени и не можат да бидат поткупени“. Оваа приказна генерирала повеќе од 480 илјади реакции на Фејсбук. Втората лажна сторија од Македонија од сајтот „Ворлд Политикус“ тврдела дека Клинтон набрзо ќе биде обвинета. Веста е во меѓувреме избришана од страницата, но донела над 149 илјади реакции на читатели на Фејсбук.
„Славата“ на македонските тинејџери
Анализите на читаноста на лажните вести, сепак, не нудат докази дека про-Трамп спамерите од Македонија имале клучно влијание врз одлуката на Американците кому да го дадат својот глас на изборите. Доколку се следи тој тренд, може да се заклучи дека највлијателна била радикално конзервативната страница „Ендинг д Фед“ „Ending the Fed“, која била одговорна за четири од десетте најчитани лажни вести на Фејсбук, со вкупно 2,9 милиони реакции.
По жестоките критики во јавноста, Гугл и Фејсбук најавија дека работат на промена на правилата. Гугл бара начин да ги спречи интернет страниците со лажна содржина да ја користат нивната мрежа за рекламирање АдСенс, додека Фејсбук воведува нови правила за рекламирање.
Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг веќе се огласи со изјава дека неговата социјална мрежа немала никакво влијание врз исходот на изборите. „Само мал дел се лажни вести и измами“, тврди Закерберг.
Сепак, светските медиуми веќе подолго време говорат за македонските „тинејџери“ кои влијаеле врз изборниот резултат, а кулминација на „славата“ беше пораката од познатиот водител и комичар Стивен Колберт во неговото шоу на СиБиЕс: „Еј македонски тинејџери! Престанете!“
Извор: Базфид