Велес се загрева за 2020 година
14 октомври 2017Парадоксите некогаш се поголеми од реалноста. Кога неодамна Си-Ен-Ен објави феноменална репортажа за „светската престолнина на лажните вести“ – Велес, тоа беше само еден од низата новинарски докази како од една мала држава како Македонија може да се влијае на одреден начин на изборите во најмоќната држава во светот – Америка. Тоа беше уште еден доказ колку продукцијата на лажни вести може да биде поголема од самата држава Македонија и сите нејзини маки: сиромаштијата, проблемот со името и блокадата на нејзината европска иднина, застрашувачката корупција, отфрлањето на владеењето на правото и неизвесните перспективи. Тоа е уште еден доказ дека нејзините осиромашени граѓани ги бараат сите можни начини да заработат пари, па макар тоа било и со продуцирање вести кои немаат никаква врска со вистината и може да предизвикаат и лични и општествени ломови. И, најпосле, тоа е уште еден доказ дека за вистински новинарски приказни нема влијание времето на нивното објавување, ниту пак фактот дека од американските претседателски избори помина една година.
Доларите пред етиката
Се разбира, имаше домашни новинарски истражувања за велешката фабрика на лажни вести, но за жал, тие не беа длабински (веројатно и поради сломот што се подготвуваше во трите највлијателни весници во тоа време), а телевизиите повеќе се занимаваа со драмата што се случуваше пред изборите во Македонија. Во некоја рака, тука имаше одредено насладување во фактот што некои голобради момчиња од Велес ја измешаа претседателската трка во САД и му помагаа на милијардерот-аутсајдер Доналд Трамп. Прашањето за етичноста дека некој заработува илјадници долари само со продуцирање на лажни вести беше тргното на самиот раб на феноменот.
Си-Ен-Ен, „Wired",„BuzzFeed", Ен-Би-Си, „Гардијан“... последниве два-три месеци го вратија Велес на нивните најважни политички страници за посредно да посочат колку 100-те веб-страници креирани во овој град за опишување на настани коишто не се случиле, посредно помогнале САД да се водат на хаотичен начин од администрацијата на Трамп. И да ја пренесат главната порака – дека Велес се загрева за претседателските избори во 2020 година за да работи на реизборот на Трамп. Во јуни „Фејсбук“ затвори 30 страници од Македонија поради лажни вести од каде што нивните автори ги калапеа доларите преку кликањето и банерите за огласи. Портпаролот на „Фејсбук“ тогаш за „BuzzFeed News“ изјави: „Овие случаи се дел од нашите тековни, глобални напори за откривање и спречување спам активности на нашата платформа, а не да се изолира Македонија“. Тоа внесе загриженост меѓу велешаните, но тие не се откажуваат и уште сега ја подготвуваат стратегијата за 2020 година, како да ги избегнат забраните на „Гугл“ и „Фејсбук“ и да се дообучат во презентирањето на лажните вести.
Момчето кое се претставило само со името Михаил на репортерката на Си-Ен-Ен едноставно ја објаснува филозофијата на тоа што го работи: „Не ми е гајле какви вести се тоа бидејќи луѓето ги читаат. Во врвот на кампањата заработував и по 2.500 долари дневно од огласите на мојата веб-страница, имав 15 вработени и 1,5 милиони следбеници на ’Фејсбук‘“. Тоа е брутално материјалистички а моралноста е фрлена во бунар. Велешаните, всушност, не се се грижат дали Трамп ќе победи или не сѐ додека тоа им носи пари во нивните џебови. Тоа е пораката што интернетот ја пренесува преку мрежата на лажни вести – нема никаква одговорност за последиците од постапките на поединците.
Обама опседнат со велешаните
Во текстот на извонредниот американски магазин „Њујоркер“ – „Обама се пресметува со претседателството на Трамп“, има еден пасус во кој се објаснува улогата на велешките фабрики за лажни вести во Белата куќа. Во него се опишува за што разговарале Обама и политичкиот директор на Белата куќа, Дејвид Симас, додека патувале во Шарлот во Северна Каролина на неколку дена пред изборите во ноември, каде претседателот држеше говор за поддршка на Хилари Клинтон: „Тој ден, додека патуваа, Обама и Симас зборуваа речиси опсесивно за една статија во ’BuzzFeed‘ која опишуваше како македонскиот град Велес доживеа ’дигитална златна треска‘ кога една мала група млади луѓе таму создаде повеќе од сто про-Трамп веб-страници, со стотици илјади ’Фејсбук‘ следбеници. Овие сајтови имаа имиња како TrumpVision365.com и WorldPoliticus.com, а повеќето од постовите беа диво сензационалистички, рециклирани од американските алт-рајт сајтови. Ако ги прочитате овие сајтови ќе научите дека папата Франциско го поддржал Трамп и дека Клинтон, всушност, го охрабрила Трамп да се кандидира, бидејќи тој ’не може да се купи‘“. Велешани тоа би можеле да го протолкуваат како почест – на неколку дена пред изборите во ноември 2016 американскиот претседател Обама бил опседнат со нивните страници за лажни вести.
А што се случуваше со американските корисници на чии компјутери и телефони се појавуваа лажните вести од Велес? Во една сторија од пред неколку месеци „Хафингтон пост“ опишува што се случувало со кампањата на Берни Сандерс, главниот ривал на Хилари Клинтон меѓу демократите.
Ланскиот јуни, Џон Мејтс од Сан Диего почнал да забележува нешто чудно како вирус на „Фејсбук“ страницата каде што тој помагал во адмистрирањето на поддржувачите на Берни Сандерс. Наеднаш луѓе кои немале никаква врска со Калифорнија почнале да споделуваат линкови полни со анти-Хилари Клинтон пропаганда. Во тие приказни се тврдело дека Клинтон ги убивала своите политички противници, а како илустрација се користеле лажни тела. Кога Мејтс, поранешен телевиски новинар, почнал да оди по трагата на регистрацијата на домеините тоа го одвело во Македонија и Албанија.
Мејтс и неговите пријатели не знаеле што да направат со овие мамки во кампањата за поддршка на Сандерс. Тој се впуштил во поголема потрага по регистрираните домеини и открил дека дури 40 отсто од тие кои проиведуваат лажни вести се од Источна Европа. Бидејќи во тоа време битката меѓу демократите стануваше борба на живот и смрт, Мејтс и пријателите не се заинтересирале премногу за конспиративните теории против Хилари што доаѓале од Македонија.
Приврзениците на Сандерс забележале дека лажните вести почнале да пристигнуваат во почетокот на 2016 година. Понекогаш се чинело дека е тешко да се објасни од каде доаѓаат и со каква цел. Алета Пирс од Малибу, Калифорнија, администратор на шест про-Сандерс групи на „Фејсбук“ во почетокот на 2016 година им испратила мемо на различни групи за да ги предупреди на лажните вести и на лажните страници. „Тие се најчесто од Русија или Македонија“, напишала Пирс. Таа објаснува дека првиот бран бил повеќе анти-Берни, испратен од поддржувачи на Клинтон. Но откако таа стана претседателски кандидат на демократите пораките наеднаш се претворија во анти-Хилари со линкови до лажни вести. „Тие беа преовладувачки и доаѓаа 24/7", вели Пирс. Имало такви постови во кои се тврдело дека Хилари Клинтон има Паркинсонова болест и дека таа држи цел синџир пицерии кои биле гнезда за педофилија.
Слични работи забележал и Бев Коулинг од Алабама. Тој вели дека летото 2016 година во „Фејсбук“ групата што ја администрирал почнале да пристигнуваат по стотина барања за приклучување секој ден, а постовите биле екстремно бизарни. „Тоа беше како цунами од лажни информации“, вели Коулинг. „Луѓето беа толку анти-Хилари без разлика што ќе кажеш, тие беа подготвени да ги шират лажните вести“. Метју Смолон од Тенеси со овие лажни вести се соочил неколку месеци порано. Тој забележал дека лажните вести доаѓале од страниците чии седишта биле во Велес. Главната цел на овие гласни звуци не била толку да се шират дезинформации колку да се оттргне вниманието од вистинските вести.
За тоа време Мејтс од Сан Диего бил интригиран од „Фејсбук“ корисникот со име „Оливер Митов“, кој без прекин ширел анти-Хилари пропаганда. Тој за прв пат ја забележал групата на Митов на „Фејсбук“ во септември, два месеци пред изборите. Тој брзо открил дека не бил еден туку четворица Митовци. Тројца од нив го имале Сандерс како слика на профилот. Сите четворица имале триесетина про-Сандерс групи во САД, а заедно имале стотици илјади членови. Сите тие постирале експлозивни приказни кои биле лажни. Тие главно почнувале со пораката: „Ова е приказна која нема да ја видите на Си-ен-ен/ Фокс њуз или во другите мејнстрим медиуми“. А потоа пласирале стории како таа дека Клинтон создала мало богатство со тоа што му продавале оружје на ИСИС. Главната цел била да се одвратат поддржувачите на Берни Сандерс да не гласаат за Хилари Клинтон во изборната пресметка со Доналд Трамп.
Но во Велес има и други примери. Отворете ја страницата HealthyFoodHouse.com што ја водат браќата Борче и Александар Велковски посветена на здравата храна и нутрициски совети, како и препораки за диети и убавина. Борче Велковски не се крие зад лажни идентитети, туку таму објаснува како дошол на идејата да отвори ваква советодавна страница. Податоците што таму се наведени за бројот на следбениците на двајцата велешани се вчудовидувачки. Месечно дури 10 милиони посетители специјално ја отвораат страницата HealthyFoodHouse.com, а таа има два милиони следбеници на „Фејсбук“. Дури 70 отсто од посетителите на страницата се од САД. Тоа се неверојатни бројки, дури зашеметувачки за ваква активност од Македонија.