1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкане, Балкане, Балкане мој

16 септември 2017

Додека речиси целата трговија на Балканот се одвива со ЕУ, за високите гости од Пекинг и Москва се постилаат најдолгите црвени теписи. Тие не прашуваат ништо за човекови права, слобода на изразување и плуралната мисла.

https://p.dw.com/p/2k3PZ
West Balkan Länder - Mazedonien - Ohrid
Фотографија: Imago/D. Delimont

Хавиер Солана, политичарот кој стана фамилијарен лик на Балканот (особено во Македонија) неодамна опишувајќи колку овој регион е политички и културно комплексен, го посочи примерот на Никола Тесла. Европејците, се разбира, знаат за генијалноста на Тесла, за неговите пронајдоци и експерименти, кои и денес изгледаат несфатливи. Но тие Европејци не ја знаат битката за докажување чиј син е Никола Тесла – на Хрватска или на Србија? Иако тој по заминувањето во САД во 1884 (роден е во Смилјан, Лика, во 1856, во семејство на српски православен свештеник) се трансформира во Американец, неговата припадност и денес е предмет на дебата. Тесла веруваше дека научните постигнувања ќе доведат до изградба на нови мостови меѓу народите, а трансмисијата на електричната енергија без жици ќе го зацврсти мирот во светот.

Но наследството на Тесла, за кое се борат двете негови „татковини“, не изгради мостови на мирот меѓу нив, туку во 1990-тите отвори војни. Србија денес го прекрсти аеродромот во Белград во „Никола Тесла“, изгради музеј за него, Хрватска ја обнови разурнатата родна куќа и црквата каде што служел неговиот татко за да направи место за своевиден аџилак за генијалецот. Но никој нема да го спомене дека Тесла има споменик на Нијагарините водопади како почест за научникот што го промени светот. На Балканот е важно да се стави рака врз националната припадност на извонредниот човек, а не да се глорифицира неговото неговото универзално значење.

Nikola Tesla
Тесла веруваше дека научните постигнувања ќе доведат до изградба на нови мостови меѓу народите, но...Фотографија: public domain

Ова е само еден од многуте примери на политичката злоупотреба на големите луѓе од страна на малите нации на Балканот. Во некои од случаите Македонија и нејзините соседи се натпреваруваат да докажат чии се историските личности и да направат повеќе поделби отколку да создадат мрежа на заедништво. Македонија и Албанија се натпреваруваат кој повеќе ќе ја присвои Мајка Тереза – автопати, болници, аеродроми, улици, музеи – на сегашната државна дребност треба да ѝ се закачи панделката на големината на само еден човек, или жена. Бугарија и Македонија ги ставаат под својата национална капа десетици и десетици едни те исти луѓе – градовите како Делчево во Македонија и Гоце Делчев во Бугарија се именувани според еден ист човек, улици и булевари во Скопје и Софија ги носат имињата на македонски револуционери, само што овде имаат една национална припадност, а отаде границата друга. Автопатот и аеродромот во Скопје треба да бидат нишката што оваа држава ќе ја поврзе со Александар Македонски, а музеите и спомениците во Северна Грција треба да го означат хеленскиот печат на големиот освојувач.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Извонредниот бугарски антрополог, професорот на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, во еден свој текст за Дојче веле неодамна по потпишувањето на бугарско-македонскиот договор ги опиша заблудите коишто се раѓаат во нациите и во политиката: „Тука има два типа на национална идентификација: историска и територијална. Каде била заменета глаголицата со кирилица - во бугарската држава или на територијата на денешна Македонија? Точни се и двете... Кога ѝ одговара, Бугарија ја изостава историската легитимација и се претставува како наследник на автохтоните Тракијци - тоа важи за битката со наследниците на Источната римска империја - Грците. Истите Грци кои ја приватизираа историјата на регионот, а нам ни оставија етноси и природни убавини... Националниот идентитет е таков - колаж од импровизирани елементи склопени во конкретни историски моменти. Збирот од историски факти не го создава идентитетот. Идентитетот е волја да се живее заедно. Историските факти се суровина, но не и причина за националниот идентитет... Современите Македонци се различни од нас и 'признавањето‘ на едни или други факти не можат да го сменат тоа. Уште не сме излезени од идентитетското едноумие од времето на националната изградба. Оттука и нашата апсурдна ситуација со Македонија".

За да поентира со една теза која е спротивна на политичкото кредо што се мантра во Софија и во Скопје – историчарите да се занимаваат со историјата - Дичев вели: „Едноставно треба извесно време нашите 'романтични‘ историчари да замолкнат - да тргнеме со зближувањето прагматично, ако сакате и со цинизмот на социјалните науки - преку чинење, а не со дрдорење".

Ivajlo Ditchev
Дичев: Идентитетот е волја да се живее заедноФотографија: BGNES

Кинезите и Русите на шаховската табла

Додека политичките и научните елити се занимаваат со толкувањето на историските настани и личности, малкумина обрнуваат внимание на глобалната слика чиј мозаик се склопува на некои други места, а овде постои одбивност да се гледа во камчињата. Пред неколку месеци Федерика Могерини, шефицата на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, изјави дека „Балканот може многу лесно да стане една од шаховските табли каде што ќе се игра големиот меч за моќта“, а во регионот тоа беше третирано како бриселско црцорење. Кога Владимир Путин беше во Белград во 2014 година изјави дека „Русија, исто како и во минатото, секогаш ќе ја гледа Србија како свој најблизок сојузник“. А кога кинескиот претседател Ши Џинпинг некоја година подоцна дојде во Белград да објави дека Србија е во центарот на грандиозниот проект „Еден појас, еден пат“ вреден 900 милијарди долари, се обиде да го стави печатот на Пекинг. И за Путин и Џинпинг посетите се подготвуваа во титоистички манири. Не е важно што парите во земјата доаѓаат од ЕУ и САД, важна е автократската идеолошка блискост.

Додека за гостите од Пекинг и Москва се постилаат најдолгите црвени теписи, економската реалност е сосема друга. Дури 74 отсто од вкупната трговија на Западен Балкан (без Хрватска) отпаѓа на Европската Унија, што е гигантски размер во однос на само шест отсто со Кина, пет отсто со Русија и едвај четири отсто со Турција. Но тоа не му пречи, на пример, на Ивица Дачиќ, шефот на српската дипломатија да изјави како гатачка дека ако ЕУ не се прошири кон Балканот ќе била осудена на бавно умирање. Шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент, ја отвори вратата на можностите: „Јасно е дека нема да има натамошно проширување за време на мандатот на оваа Комисија и овој Парламент. Ниту еден од кандидатите не е подготвен сега. Но потоа, Европската Унија ќе биде поголема од сегашниот број од 27 членки. Кандидатите за членство мораат да му дадат најголем приоритет на владеењето на правото, судството и основните права“.

Какво е тоа владеење на правото кога инвестираат Кинезите? Овде е речиси целосно јасно како дојде до кинеските кредити и изградбата на двата автопати. Провизии, лоши договори, лоши проекти... Во Србија кинеска државна компанија ја купи железарницата во Смедерево за 46 милиони евра. Претходниот сопственик, американската компанија „U.S. Steel“ и ја продаде железарницата на српската влада за симболичен еден долар. Работниците во железарницата, кои претходно имале анимозитет кон Американците, сега со носталгија се сеќаваат на времињата кога тие ја воделе компанијата. Работниците биле ценети, добро платени и почитувани. Кинескиот пристап е поинаков: договорите се чуваат во тајност, безбедноста е падната на ниско ниво, контактот меѓу сопствениците и вработените не постои, а правата на работниците се исклучени.

Russland Wladimir Putin empfängt Xi Jinping
За гостите од Пекинг и Москва се постилаат најдолгите црвени теписи (фото: Владимир Путин и Ши Џинпинг, Москва, 03.07.2017)Фотографија: Reuters/S. Chirikov

Во играта на геополитиката е и иницијативата на Кина за изградба на брза пруга меѓу Белград и Будимпешта (кон домот на уште автократски лидер, Виктор Орбан). Европската комисија во моментот истражува дали има повреда на тендерските правила за изградба на оваа пруга.

Србија го прегрнува кинескиот модел на развој воден од државата, а го отфрла моделот на ЕУ за отворена и пазарна процедура и транспарентни одлуки. Србија ги прифаќа со две раце кредитите од кинеските банки, обично на 20 до 30 години и со камата од два до 2,5 проценти. Дури 5,5 милијарди долари и има позајмено Кина на Србија досега за мостови, патишта и пруги. Во 2014 година кинескиот премиер Ли Кечијанг го инаугурира големиот мост преку Дунав вреден 170 милиони евра изграден со кредит земен од кинеската Експорт-импорт банка. Истата онаа што ја финансира изградбата на двата автопати во Македонија. Кина не прашува ништо за човекови права, слобода на изразување, политички притисок и плурална мисла. Зошто би прашувала кога сето тоа го отфрла дома. Во истовреме, Русија ѝ продава оружје и авиони на Србија, обидувајќи се од неа да направи регионална сила, која ќе води повеќе сметка за интересите на Москва отколку на Брисел. Во заднината стои и еден од најважните интереси на Белград – Русија и Кина да го блокираат до недоглед членството на Косово во Обединетите нации преку ветото во Советот за безбедност.

Одмазда пред соработка

Viktor Orban, Ministerpräsident Ungarn
На Виктор Орбан му треба трет последователен мандат, па соодветно на тоа влече потези кон соседитеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Во политиката на Балканот секогаш има моменти кога одмаздата доминира над соработката и добрите односи меѓу соседите. Македонија најдобро го има почувствувано тоа последниот четврт век. Спорот за името со Грција влезе во својата бизарна фаза во која изгледа ќе остане заглавен уште многу години. Блокадата и одмаздата на свој начин ги почувствуваа изминативе две недели Хрватска и Романија. Двете членки на ЕУ се најдоа на патот на гневот на други две членки на ЕУ, Словенија и Унгарија. Љубљана и Будимпешта најавија вето на хрватската и романската апликација за членство во клубот на најбогатите земји, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Нема тука некои длабински објаснувања, причините се чисто политички, Љубљана и Будимпешта тоа јасно го соопштија. Словенија ја најави блокадата затоа што Хрватска не сака да ја почитува одлуката на Арбитражниот суд за Пиранскиот Залив (која во голема мерка е во корист на Љубљана). Унгарската одмазда спрема Хрватска не е поврзана со територија, туку со трговски спор. Унгарија го најави ветото поради третманот на нејзината нафтена компанија МОЛ во Хрватска и поради тоа што хрватското судство покрена постапка против нејзиниот шеф Жолт Хернади, обвинувајќи го дека го подмитил поранешниот премиер Иво Санадер со 10 милиони евра при продажбата на уделот на ИНА. Случајот со Романија е поврзан со долгодишниот спор околу треманот на унгарското малцинство. Нема влез за Романија во ОЕЦД поради тоа што романските власти затвориле католичко училиште на унгарски јазик во Тргу Муреш, Трансилванија, откако Националниот директорат за антикорупција покрена постапки против двајца функционери. Се разбира, унгарското малцинство е злоупотребно за политички цели, иако романските власти не се најпријателски расположени кон него. Но идната пролет се избори во Унгарија, а на Виктор Орбан му треба трет последователен мандат. Неговата влада веќе има доделено 700.000 пасоши за Унгарците што живеат во Романија, Војводина и западна Украина и тие ќе имаа важен глас на изборите. А ОЕЦД може да причека на Романија.

Затоа, стиховите од легендарната песна на „Азра“ – „Балкане, Балкане, Балкане мој/ буди ми силан и добро ми стој“, се само романтичен занес за едни други времиња и за едни други луѓе. Сегашноста и иднината е отруена од егоизмот на политичарите и лажното чувство за лажната големина, чија главна храна, во основа е корупцијата.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар