1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена – 200 дилеми

9 септември 2017

Зоран Заев во овие 100 дена како да сфати дека беше полесно да се оствари револуција со пенкало, отколку да се владее со сите лостови на моќта. Затоа изгледаше замислен на отчетот

https://p.dw.com/p/2jaJ7
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Двајца здрвени луѓе во вторникот ја оценуваа работата на владата во нејзините први сто дена. Едниот беше премиерот, другиот лидер на опозицијата. Не треба да бидеш стручњак за говор на телото, за психолошки пресек на настапот, да бидеш режисер кој ја оценува драматургијата на говорот за да забележиш дека и едниот и другиот беа згрчени, тешко доаѓаа до здив и имаа малку вистински пораки. Наместо да се појави како лидер на нацијата, Зоран Заев ја преслика иконографијата од неговиот претходник и со свитата министри зад себе се покажа само како претседател на владата. Зборуваше напнато, со мал жар, повеќе отстутен отколку фокусиран – со еден збор: замислен. Никола Груевски се мачеше да ги чита речениците од „идиот-камерата“, и тој отсутен (толку многу што не ни забележа дека едно младо момче колабира зад него), обидувајќи се да се соочи со реалноста дека тој веќе не поднесува отчети. Освен политичките фрази за лошата работа на новата влада, Груевски не се издигна ниту еден милиметар погоре од неговите стандардни и ораторски ужасно здодевни говори и се врати да го трча кругот на сопствените заблуди кога поднесуваше детализирани рапорти како војнички десетар.  Сакајќи да направи силна порака, споменувајќи кошмар и 15 октомври, Груевски ја транспортираше алузија директно врз самиот себеси. Ораторско самоубиство.

Што се случи со двајцата политичари? Дали и двајцата повеќе се загрижени за тоа што овој месец треба да се појават во судот на рочиштата кои веќе нема да бидат лесни, отколку политичката битка на локалните избори. Ситуацијата во Македонија има европска уникатност – двајцата најмоќни политичари се обвинети, а судството во процесите против нив треба да ги искине прангите на вазалноста. Или пак и двајцата сфатија дека не се снаоѓаат најдобро во нивните сегашни улоги. Заев беше во вистински вознес пред изборите („Уживам во оваа кампања“ – повторуваше често), се чувствуваше како човек со мисија, која најпосле ја оствари. Тоа беше многу тешко во еден автократски систем, но сега изгледа виде дека владеењето е многу покомплицирана работа отколку посветеноста на една мисија.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Како да се владее

Најголемиот проблем за овој СДСМ е што во стоте дена покажа дека е многу тешко за кусо време да научиш да владееш по толку многу опозициски години. Особено кога очекувањата во јавноста се далеку поголеми од реалната можност да се испорача. Во оваа влада меѓу сдсмовските кадри речиси и да нема луѓе кои имале можност да бидат дел од некоја структура која владеела (со исклучок на Радмила Шекеринска) и тоа генерално неснаоѓање може да се забележи. Заев ги одбра луѓето од СДСМ за кои мислеше дека најдобро ќе одговорат на големите очекувања и генералниот впечаток е дека тоа се министри кои можат да се носат со предизвиците. И дека курсот по кој што тргнала новата влада е добар. Најважното е дека општеството се ослободи од автократскиот грч, дека верувањето во демократијата и слободата на изразувањето донесе нова надеж, дека драматично се спуштија општите тензии во државата. Владата се обиде во овие сто дена да оствари дел од ветувањата дадени во кампањата – како зголемувањето на минималната плата, законот за стечајците, укинувањето на радиодифузната такса, враќањето на евтината струја, укинувањето на екстерното тестирање, двосменското работење на администрацијата и градинките, да предложи да се разреши јавниот обвинител Марко Зврлевски... И дека со планот 3-6-9, а особено со реформите во судството, Македонија ќе се врати на европските шини. Но кога очекувањата се големи, чувството на разочарување стигнува со светлосна брзина. Граѓаните кои се бореа за демократијата и за „животот“ не се расположени да ја растегнуваат нивната толеранција ни за три летни месеци. Ниту пак сакаат да ги гледаат процедуралните пречки. 

Заев на отчетот, како и секој премиер, зборуваше само за успесите, обидувајќи се да ја пренесе пораката дека за 100 дена не може целосно да се искорени еден режим кој навлезе во сите пори на општеството, кој корумпираше, уценуваше, манипулираше и осиромашуваше. Но прашањето што не го постави, а за кое јавноста расправа, е – дали е тоа доволно и дали владата беше доволно умешна да ги остварува своите политики.

Во европската политика има еден термин за владеење што се вика „Пристапот на Јупитер“, наречен според врховниот бог во римската митологија и означува фокусирање кон надворешните работи, а не кон сложеноста на внатрешната политика. За да се ослободи од товарот на блокадите на соседите, Заев се сврте кон овој Јупитеров залог и уште од првиот ден ја вложи сета енергија да се обиде да ги реши барем еден од двата големи надворешно-политички проблеми. Договорот со Бугарија е успех, тој овозможи Скопје да ја сврти на своја страна Софија, која досега беше еден од кочничарите на европскиот пат. И покрај сите обвинувања за национално предавство, Заев успеа да го одбрани во јавноста овој договор како едно од клучните постигнувања на владата во стоте дена. Со Грција е сосем поинаку. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, добро знае дека 40 отсто од дипломатијата е театар, па средбите со Никос Коѕијас во Атина и во Скопје се дел од таа драматургија. И дека на другите 60 проценти ќе треба да се чека можеби уште долго време. Затоа и очекувањата за некакво брзо членство во НАТО под привремената референца спласнаа со истата брзина со која беа поттикнати. Но и во тој театар има сентенци кои оставаат голем впечаток. Како изјавата на германскиот шеф на дипломатијата Зигмар Габриел по средбата со Никола Димитров: „Импресивен старт на новата влада во Македонија. Сега е клучно имплементацијата на реформите“. Таква пофалба од надвор не се плаќа дури ни со пари.  

Во меѓувреме, сложеноста на домашната политика ја доведе во прашање кредибилноста на ветувањата. Не може да се каже дека потрошената енергија за склучување на договорот со Бугарија беше лош стратегиски избор, но тој влијаеше врз добрите политички одлуки. Со доаѓањето на локалните избори владата се најде во теснец па мораше да направи масовни смени во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија и агенции во само еден ден за да го фати последниот рок пред да стапат во сила законските ограничувања. Тоа ја доведе до ситуација да носи брзи кадровски решенија и да прави грешки. Некои од нив јавноста ги дочека на нож, па мораше посрамено да се повлекува за да ја амортизира штетата.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Законите чекаат на ред

Дали поради лоша проценка или поради намерата на опозицијата да го прикаже секој потег на владата како лош, Собранието цело лето беше заглавено само на две теми – ребалансот на буџетот и разрешувањето на Марко Зврлевски, а сега ја почна и најжешката, законот за јазиците. Забелешките за проширената употреба на албанскиот јазик се огромни во македонската јавност, особено во лингвистичките кругови, па СДСМ ризикува неговото усвојување да оддалечи дел од гласачкото тело што му ја даде поддршката на 11 декември, а дел да го поттикне на апстиненција на 15 октомври. Според она што го кажуваше во кампањата Зоран Заев навистина верува дека со проширената употреба на албанскиот јазик државата нема ништо да загуби од својата унитарност и дека тој проблем ќе биде решен засекогаш. Но јасно е дека ставањето на овој закон на брзата лента во Собранието е дел од комплицираниот состав на владата и танкото мнозинство каде мора да се прават отстапки со кои СДСМ можеби не е среќен. Не само поради тоа што неговото усвојување може да ја намали поддршката за партијата на 15 октомври, туку во наредните две декади да се поврзува со некакво „антимакедонство“, како што ден-денес се врзува територијална поделба со едно друго владеење на СДСМ.

За тоа време, законите во коишто најмногу полагаше СДСМ, чекаат во Собранието. Прашање е колку од нив ќе можат да дојдат на дневен ред пред тоа да се распушти поради локалните избори. Тогаш ќе му биде многу тешко на СДСМ да го претстави билансот на успесите во кампањата што доаѓа. Груевски полека ја префрла политичката агенда од популистичките национални теми (лажната драма со бегалците, на пример) и се насочува кон економијата, обидувајќи се и натаму да се претставува како економски гуру, наспроти „аматерите од СДСМ“. И со тоа да поврати дел од гласачите кои мислат да не му ја дадат поддршката, затоа што се почувствуваа ослободени од инструментите за принуда од поранешната власт.

Ако владата не испорача ништо до кампањата од она што го ветуваше, најмногу поради блокадата во Собранието, сите тројца коалициски партнери ќе се најдат на лизгав терен. ДУИ мисли дека законот за јазиците може да им биде главен адут, но тоа е дел од нивната долгогодишна заблуда – службената употреба на албанскиот јазик не беше моторот што ги празнеше селата и ги тераше луѓето да си одат од Македонија на пат без враќање. Формуларите на албански јазик не се храната за пристоен живот, туку само чувство на рамноправност.

Кога Македонија ја доби новата влада и кога стигнаа пофалбите од сите страни за враќањето кон демократијата и кон Европа, можеби Заев почувствува дека е на пат да стане лидер на слободниот Балкан, кој доаѓа од мала земја, но има либертијански визии а не автократски нагон. Храброста со која влезе во „револуцијата“ за соборување на режимот на Груевски преку избори му донесе признанија во Европа и во Вашингтон, а и искрено почитување кај поголемиот дел од македонските граѓани. Заев потсвесно го разбираше оној слоган од париските улици од 1968, кој веројатно и не го знаел – „Трчај, другар, трчај, стариот свет е зад тебе“. И на 31 мај навистина го остави стариот свет зад себе. Но во политиката работите се менуваат не за еден месец, не за една недела, туку и за еден ден. Вчерашниот успех може да биде денешна пропаст. Можеби затоа на отчетот изгледаше замислен. Како да сфати дека беше полесно да се оствари револуција со пенкало, отколку да се владее со сите лостови на моќта и да се испорача во комплицираниот свет на мешани партиски и лични интереси и суети. Но знае дека е на вистинскиот пат, а и јавноста го чувствува тоа.  

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи