1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Ковид-19: Скапо платени вакцини во преголеми количини

Маркус Грил (НДР)
31 јануари 2023

Колку плати Германија за набавка на вакцини против коронавирус? И зошто тие поскапеа среде пандемијата? Зошто се порачани повеќе вакцини отколку што е потребно? Германските медиуми побараа одговор на овие прашања.

https://p.dw.com/p/4MtrQ
Колку плати Германија за набавка на вакцини против коронавирус?
Колку плати Германија за набавка на вакцини против коронавирус?Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Во текот на 2020. година Европската комисија преговараше со неколку фармацевтски концерни за испорака на вакцини против коронавирус. Склучените договори се тајни, до денес во јавноста протече само мал дел од информациите.

Новинари од НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“ добија увид во деталната листа на порачки на германската влада, вклучувајќи ги цените, количините и останатите релевантни податоци. Министерството за здравство во Берлин на новинарско прашање потврди дека Германија досега порачала вакцини во вкупна вредност од 13,1 милијарда евра.

Најповолна била фирмата АстраЗенека, која својата вакцина ја разви во соработка со Универзитетот Оксфорд - сојузната влада уште на 27.8.2020 порачала повеќе од 56 милиони дози по цена од 2,30 евра по доза.

Најмногу пари за вакцините барал американскиот концерн Модерна - при порачката во септември 2021 година е договорена цена од околу 30 евра за доза вакцина. Вакцината на Џонсон и Џонсон чинела околу седум,а Новавакс барал 18,20 евра за доза.

Пораст на цените

Посебно паѓа в очипорастот на цените на вакцината на производителите Фајзер/Бионтек и Модерна и тоа среде пандемијата. Германија во декември 2020. година од Бионтек порачала околу 39 милиони дози и тоа по цена од 15,50 евра по доза, а девет месеци подоцна, кога Владата порачала дополнителни 168 милиони дози, една доза во просек чинела околу 23,20 евра, или поскапување од близу 50 %.

Слична политика на цените практицирала и американската фирма Модерна. Германија на 23.12.2020. од Модерна порачала околу 15 милиони дози по поединечна цена од 19,50 евра, а три месеци подоцна една доза од вакцината на Модерна чинела 29,70 евра, што е поскапо за 50 %. Модерна не одговори на новинарски прашања за цените на вакцините, а Бионтек го испрати само следниот одговор: „Не потпирајте се на информации кои не може да се проверат (наводите за цените не можеме да ги разбереме)“. 

Фабриката на Бионтек во Марбург за производство на вакцини против коронавирус
Фабриката на Бионтек во Марбург за производство на вакцини против коронавирусФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Огромна добивка на Бионтек

Шефот на Бионтек, Угур Шахин уште во 2020. година објасни дека „ниедна фирма не сака да се збогати“ со вакцините против коронавирус. Една година подоцна Бионтек во билансот презентираше добивка од 10,3 милијарди евра, а во првите десет месеци од 2022. година од дополнителни 7,1 милијарди чиста добивка.

Од фармацевтската бранша може да се чуе дека фирмата од Мајнц со години трошела повеќе пари отколку што заработувала, вложувајќи пари во истражување на лекови, па сегашната актуелна заработувачка е само „награда“ за сето тоа. А таа „награда“, се тврди, шефот на фирмата, Шахин, сака да ја вложи во развој на нови лекови. За Шахин не е важен личниот профит, велат познавачите на фармацевтските прилики. Што е тогаш причина за порастот на цените среде пандемија? 

Соговорниците на германските медиуми тврдат дека и Германија и ЕУ во договорите за порачка на вакцини вградиле и одредени, наводно скапи клаузули – односно дека производителите на вакцини преку високите цени сакале да се „осигураат“ за случај еден ден да мора да плаќаатевентуални отштети или слично.

Финансирање на истражувањата

Хан Штојтел, претседател на Здружението на фармацевтските компании кои се занимаваат со истражувања (вфа), вели дека за самите цени на вакцините не може ништо да каже, зашто тие се тајни, но сепак додава дека „...рентите на фармацевтската индустрија мора да бидат високи, зашто ризикот на истражувањата и развојот е енормно висок“. Ако рентите не би биле високи, „никој не би ги купувал тие акции," вели тој. 

Штојтел напоменува дека цените на вакцините или некој лек не се ориентираат само од трошоците на производство и истражување и развој, туку и од тоаколкава „вредност“ има конкретнот средство за општеството: „Погледнете, повторно имаме нормален живот. А цената која ја плаќаме за тоа е всушност исклучително ниска.“

Претседателот на Комисијата за лекови во Германија, Волф-Дитер Лудвиг вели дека во принцип не пречат цените кои за своите вакцини ги барале фирми како Модерна или Бионтек, зашто може да се споредат со цените за вакцина против грип. Она што му пречи на Лудвиг е порастот на цените на вакцини среде пандемија: „Тоа го сметам всушност за несериозно, со оглед на прометот кој го остварија, можеше да се остане и на старата цена“. Тој сепак додава дека „вакцините ни беа потребни“ и дека „фармацевтските концерни можеа да ги условуваат цените.“

Од Бундестагот стигнуваат гласни критики на сметка на порастот на цените. Лекарот и пратеник Штефан Пилсингер (ЦСУ) вели: „Ако тоа е вистина, тогаш мислам дека е целосно неоправдано, Владата не смеела да се впушта во такви дилови“.

вакцини против ковид
Само за 2023 година Германија порачала вакцини против Ковид во вредност од две милијарди евраФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Деталите се тајна

Информациите за цените на вакцините се наоѓаат во Бундестагот, во просторија за чување на доверливи доументи и тие се тајна. Кога ќе се соберат сите порачки до декември 2021 година, кога заврши мандатот на тогашниот министер за здравство, Јенс Шпан, тогаш се доаѓа до вкупна вредност од 10,05 милијарди евра. Во текот на мандатот на новиот министер Карл Лаутербах, сумата порасна уште повеќе. „Вкупната вредност на порачките се движи околу 13,1 милијарда евра бруто“, потврди Министерството за НДР, ВДР и ЗЦ.

Штефан Пилсингер од владата бара „веднаш и сеопфатно да ги објави бројките“. А Ролф Блага од невладината организација Транспаренси интернешнал исто така ја критикува владата поради тајноста околу договорите за порачки: „Јавноста мора да има доверба дека не се расфрлаат пари на даночните обврзници“. Политичари од владејачките партии СПД и Зелените не сакаа да дадат коментар околу ова прашање.

Колку дози се порачани?

На мета на критиките е и количината на порачани вакцини. Според одговорот на Министерството за здравство на прашање од НДР, ВДР и ЗЦ, сојузната влада од почетокот на пандемијата со договори се обврзала на купување 672 милиони дози, од кои 556 милиони се порачани во текот на мандатот на министерот Шпан. Тоа значи дека на секој жител на Германија, од бебе до старец, на располагање му биле осум дози. Дури и Волф-Дитер Лудвиг, кој е уверен во ефикасноста на вакцината, смета дека „таа количина едноставно е преголема“.

Хелге Браун, претседател на Комисијата за буџет во Бундестагот, поаѓа од тоа дека Германија само во тековната 2023. се обврзала на купување вакцини против коронавирус во вредност од две милијарди евра: „Тоа е премногу, па мора да се смета на уништување на дел од испораките“, вели Браун.

Најголем дел од вакцините се порачани за време на „големата коалиција“, во тек на мандатот на министерот Јенс Шпан. Неговиот наследник, министерот за здравство Карл Лаутербах, според сопствени наводи, веќе неколку недели, исто како и неговите колеги од другите земји од ЕУ, се труди околу намалување на количините на порачките. Засега успеале да го намалат бројот на порачани дози, но само за 11, 3 милиони. Дали е опција можеби донирање на вакцините на сиромашните земји?

Секако, велат од Министерството за здравство од Берлин, со дополнување: „Глобалната понуда на вакцини против Ковид-19 моментално е многу повисока од побарувачката“.