1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцината Новавакс-нова надеж, но слаб интерес

Александер Фројнд
6 март 2022

Корона-вакцината на Новавакс е достапна и во Германија. За скептиците, а пред сѐ за глобалната кампања за вакцинација, докажаната техника за производство на вакцини е вистинска алтернатива, но интересот досега е мал.

https://p.dw.com/p/47Ptu
Пред и-РНК вакцините да доживеат пробив, протеинските вакцини важеа за особено докажана технологија
Пред и-РНК вакцините да доживеат пробив, протеинските вакцини важеа за особено докажана технологијаФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Во цела Германија се очекуваше голем интерес за вакцината на Новавакс , бидејќи таа функционира различно од до сега достапните вакцини на Фајзер и на Модерна засоновани на технологија на информациска РНК (и-РНК) или оние кои користат векторска технологија како АстраЗенека и Џонсон&Џонсон. Но досега интересот се движи во скромни рамки.

Веќе кон крајот на 2021, Европската агенција за лекови ЕМА издаде дозвола за Нуваксовид како петта вакцина против коронавирусот. Германија има нарачано вкупно 34 милиони дози, првите 1,4 милиони  се веќе испорачани.

Алтернатива за скептиците и за глобалната кампања

За скептиците, проетинската вакцина е вистинска алтернатива бидејќи вакцини на таков принцип се користат со децении - за заштита од полио, тетанус, хепатитис-Б или грип. Тие пружаат многу добра заштита против коронавирусот, но предизвикуваат помалку нуспојави отколку веќе дозволените вакцини.

Но, вакцините се пред сѐ итно потребни за кампањата за вакцинација во светот. Богатите земји се моментално зафатени со бустер дозите и затворање на дупки во вакцинацијата така што често забораваат дека во сиромашните земји само мал дел од населението е вакцинирано.

Тука може да бидат многу од корист вакцините на Новавакс бидејќи се поевтини и многу полесно се транспортираат и чуваат отколку и-РНК вакцините.

„Многу од првите дози ќе одат во земји со ниски или средни примања и тоа од почеток и ни беше целта", рече шефот на Новавакс, Стенли Ерк, при поднесувањето на барањето за ЕМА.

Генерално вакцините базирани на протеини би можеле и да се произведуваат на глобалниот југ, ако фармацевтските компании ги стават на располагање патентите.

Како се разликуваат овие од другите вакцини?

Вакцините на база на протеин содржат мали делови од спајк протеинот на вирусот, а имуниот систем реагира токму на него при што реакцијата е многу побрза отколку кај другите вакцини кај кои спајк протеинот тек треба да биде создаден во организмот.

Така настанатите нано честички не содржат генетски материјал од вирусот, па и нуспојавите се многу поретки. Затоа пак и реакцијата на имунолошкиот систем е послаба.

За да се засили одговорот на имунолошкиот систем на вакцината се додаваат засилувачи кои во вакцината на Новавакс се растителни екстракти и фосфолипиди.

Одредени додатоци како алуминиумски соли според противниците на вакцините се штетни по здравјето, иако во мета студии не е докажана поврзаност меѓу нив и тешките нуспојави или алергии.

Долгорочен развој

Пред да се пробијат и-РНК вакцините со короната, токму вакцините на база на протеин важеа за голем потенцијал и созреана техника, смета проф.др.Карлос Алберто Гузман, шеф на Одделот за применета микробиологија при центарот Хемхолц.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

„Вакцини на база на протеини се многу добро познати и генерално подобро ги поднесува организмот и нема многу отворени прашања. Негативна страна е што развојот на таквите вакцини трае подолго отколку на и-РНК или на векторските."

Потребно е време да се интегрира начинот на синтеза на спајк протеин кој се добива од микроби, цицачи, инсекти или растенија. Последните месеци покажаа колку е напорно да се адаптираат прочистените протеини на начин што ќе може без проблем да бидат синтетизирани.

Но, кога еднаш ќе се стаса до таа точка таквите вакцини се во секој случај сериозна конкуренција за етаблираните векторски или и-РНК вакцини. 

Колку се ефикасни вакцините против корона базирани на протеини?

Според Новавакс, вакцината треба да делува и оротив Омикрон сојот. Реакцијата и по две дози е во споредба со другите мала, но по третата по пест месеци од втората доза, значително се зголемува заштитата.

Институтот Паул Ерлих наведува дека за сега податоците достапни за делотворноста против Омикрон и други загрижувачки варијанти се ограничени.

Кон средината на 2020 на тестирањата во САД и Мексико вакцината Новавакс со севкупна заштита од 90,4% беше речиси на исто ниво како Фајзер и Модерна. Но, тоа беше пред појавата на Делта и Омикрон сојот кои се проблематични и за и-РНК вакцините.

Затоа мора да има адаптација на Нивавакс вакцината. Според компанијата, веќе се работи на развој на специјална вакцина против Омикрон, а клинички студии треба да започнат следниот месец.

Двојна заштита против САРС-Ков-2 и грип

Мудро е што Новавакс е комбинација која штити истовремено од корона и сезонски грип. Тоа е паметна стратегија, бидејќи не е нужно да се чека да пројде време меѓу двете вакцини, туку заштитата е одеднаш.

Според Гузман „неодамнешната појава на Новавакс протеинската вакцина NVX-CoV2373 е пробив. Ни дава први докази дека Ковид-19 вакцина може да се прима истовремено со вакцина за грип во двете раце и притоа да нема последици по дејството на едната или другата."

Новавакс веројатно може да се користи и за заштита од грип
Новавакс веројатно може да се користи и за заштита од грипФотографија: Tomislav Miletic/PIXSELL/picture alliance

Може ли и Новавакс да ги испорача дозите?

Оттука, очекувањата од вакцината Новавакс базирана на протеини се исто така големи, бидејќи според компанијата тие склучиле договор за испорака на 2 милијарди дози, од кои 11 милиони во САД. Но, во матичната земја на компанијата сѐ уште се чека на одобрување.

Со Нуваксовид на почеток се вакцинираше само во Индонезија и на Филипините, по што следеше нејзино одобрување од ЕУ на крајот од 2021. Новавакс поднесе барање за важниот американски пазар дури на крајот на 2021, што е речиси една година подоцна од планираното. Дали надлежните власти ќе дадат зелено светло зависи и од тоа дали релативно малата фармацевтска компанија ќе може и да испорачува без ограничување. А, околу тоа има одредени сомнежи, дури и во Европската унија.

Во минатото Новавакс повеќепати не успеа да изврши испораки на време, рече  министерот за здравство Лаутербах. Според министерството треба до крајот на март да се испорачаат четири милиони дози Нуваксовид во Германија.

Има и други сериозни кандидати

И други производители на вакцини, како на пример индискиот фармацевтски концерн „Биолоџикал Е" и кинескиот конкурент „Кловер Биофармацеутикалс“ во блиска иднина може да поднесат барања за одобрување на нивните вакцини. Се очекува по нив да следат и британско-француската „Санофи-ГлаксоСмитКлајн“, канадската „Медикаго“ и јужнокорејската фармацевтска компанија "ск биосајенс".

Вакцините базирани на протеини се развиваат во многу земји, а во некои земји како Куба, Русија и Тајван токму тие се столбот на националните кампањи за вакцинација.