Ќе ги натера ли Новавакс скептиците да се вакцинираат?
21 декември 2021Експертите од ЕМА од ноември ги проверуваа сите студии за ефектите и ризиците. Ова е петтата вакцина одобрена во ЕУ. Протеинските вакцини како оваа на Новаваксможат да направат голема разлика во глобалната кампања за вакцинација. Но, испробаната и проверена техника на вакцинација е исто така вистинска алтернатива за бустер-имунизацијата или за скептиците кон вакцинирањето.
Бидејќи тие функционираат поинаку од вакцините против коронавирусот кои моментално се достапни во ЕУ, кои се засноваат или на информациска РНК (како што се вакцините од Бионтек/ Фајзер и Модерна) или на технологијата на вирусни вектори (како што се вакцините од АстраЗенека и Џонсон и Џонсон).
Доколку невакцинираните луѓе не се фундаментално против вакцинирање, тие наскоро би можеле да се вакцинираат со протеински вакцини против коронавирусот, бидејќи таквите протеински вакцини се користат со децении - за заштита од полио, тетанус, хепатитис Б или грип. Тие исто така нудат многу добра заштита од коронавирусот, а предизвикуваат уште помалку несакани ефекти од веќе одобрените вакцини.
Итно неопходни за глобалната кампања за вакцинација
Но, пред сè, протеински вакцини се итно потребни за кампањите за вакцинација ширум светот. Бидејќи богатите земји во моментов се толку зафатени со засилувачкото вакцинирање и затворање на празнините во вакцинацијата, што премногу често се заборава дека во земјите со ниски приходи е вакциниран само мал дел од населението.
Вакцините засновани на протеини може да дадат исклучително важен придонес овде, бидејќи тие се релативно евтини за производство и може значително полесно да се транспортираат и складираат од замрзнатите иРНК вакцини - на 2 до 8 Целзиусови степени. Покрај тоа, вакцините базирани на протеини може да се произведуваат и на глобалниот југ. Сето ова може да се покаже многу корисно во кампањите за вакцинација во структурно слабите региони.
Развојот на ваква вакцина против корона базирана на протеини траеше подолго, но во средината на ноември американската фармацевтска компанија Новавакс поднесе барање за одобрение на пазарот на ЕУ до надлежната Европска агенција за лекови (ЕМА).
Новавакс доби итна дозвола во Индонезија на почетокот на ноември, а барањата за одобрение сѐ уште се испитуваат во Велика Британија, Канада и во Австралија.
Во што се разликуваат вакцините базирани на протеини?
Вакцините за корона засновани на протеини содржат мала честичка од карактеристичниот шилест протеин. Имунолошкиот систем реагира на протеините во вакцината. Имунолошката реакција е многу побрза, бидејќи телото, за разлика од другите вакцини - овие шилести протеини не мора допрва да ги произведува.
Пред иРНК вакцините да го доживеат својот пробив во пандемијата на коронавирусот, протеинските вакцини се сметаа за особено ориентирани кон иднината, зрела технологија, вели професорот Карлос Алберто Гузман, раководител на Одделот за вакцинологија и применета микробиологија во центарот Хелмхолц: „Вакцинациите базирани на протеини се едноставно многу добро познати, по правило подобро се поднесуваат и нема големи прашалници. Еден недостаток е тоа што развојот на протеинските вакцини трае подолго од оној на векторските или на иРНК вакцините.
Повеќе: Зошто вакцинацијата има смисла?
Потребно е време за да се интегрираат упатствата за склопување на шилестиот протеин во клетките добиени од микроби, цицачи, инсекти или растенија. Последните неколку месеци покажаа колку е тешко да се прилагодат прочистените протеини за да можат навистина да се произведуваат во голем обем без грешки.
Но, штом ќе се завршат развојот и потребните клинички тестови, овие протеински вакцини се сериозни конкуренти за веќе употребуваните векторски и иРНК вакцини.
Колку се ефикасни протеинските вакцини против коронавирусот?
Вакцините базирани на протеини не само што се поевтини и полесни за транспорт, туку се и ефикасни. Со вкупна делотворност од 90,4 проценти, вакцината од Новавакс е приближно иста како и онаа на иРНК вакцините на Бионтек/Фајзер и на Модерна, соопшти компанијата. Меѓутоа, овие бројки потекнуваат од студиите во САД и во Мексико од средината на годинава.
Во една британска студија, направена во период кога веќе циркулираше сојот Алфа, Новавакс забележа ефективност од 83 проценти. Во истовремено спроведена студија во Јужноафриканската Република, ефективноста на Новавакс против сојот Бета беше само околу 50 проценти. А со Делта или актуелната варијанта Омикрон, веројатно би изгледало уште помрачно.
Двојна заштита од САРС КоВ-2 и од грип
Затоа, вакцината Новавакс, исто така, мора да се прилагоди на новата варијанта на вирусот, порача на Твитер Карстен Вацл, генерален секретар на Германското друштво за имунологија.
Ако варијантите на вирусот продолжат да се шират агресивно, ефикасноста дополнително ќе се намали, како и кај сите постоечки вакцини. Затоа е потребна и бустер доза.
Од друга страна, вакцината „Новавакс“ е комбинирана вакцина која треба да штити од коронавирусот и од сезонскиот грип во исто време. Тоа би можело да се покаже како паметна стратегија, бидејќи тогаш веќе нема да мора да се чека меѓу вакцините и би можело истовремено да се имунизира против двата патогена.
Клучна улога во глобалната кампања за вакцинација
Дури и ако многу европски земји со оглед на големиот број на инфекции се преокупирани со самите себе, тие остануваат посветени на глобалната борба против пандемијата.
Покрај веќе постоечките вакцини, кампањите за вакцинација во структурно слабите региони најверојатно ќе користат протеински вакцини. Новавакс, на пример, веќе вети преку една милијарда дози за глобалната програма Ковакс.
Според Новавакс, првично може да се произведуваат 100 милиони дози вакцини месечно, а подоцна дури и 150 милиони дози месечно. „Многу од нашите први дози ќе одат во земјите со ниски и средни приходи, и тоа беше целта од самиот почеток“, истакна шефот на Новавакс, Стенли Ерк во апликацијата за итно одобрение од ЕМА.