Бионтек со заработка од милијарди евра
15 мај 2021Бионтек е без сомневање исклучителна фирма. Фармацевтската компанија од Мајнц го има зголемено својот обрт на средства за 70 пати во споредба со истиот период лани - на речиси две милијарди евра. Профитот, во споредба со претходниот квартал, е поголем за трипати и изнесува 1,1 милијарда евра. Сето тоа, се разбира, е резултат на испораката на вакцини. Досега се испорачани околу 450 милиони дози. „Во врска со нашата вакцина многу ме радува извонредноста на нашиот тим и соработката со нашиот партнер Фајзер. До денес имаме испорачано 450 милиони дози во 91 земја во светот“, изјави шефот и коосновач на Бионтек, Угур Шахин.
Во првиот квартал од минатата година Бионтек наместо добивка од една милијарда евра имаше загуба од околу 50 милиони евра. Тоа се должеше на високите трошоци за истражување и развој. Во моментов фирмата работи пред сѐ на зголемување на производството за да може да се покрие потребата од вакцини во светот. Компанијата зборува за трансформација кон еден биотехнолошки концерн кој работи глобално, кој е специјализиран за вакцини за борба против инфекции и терапии за канцер.
Централа во Сингапур
Во делот на вакцини Бионтек планира преселба на своето главно седиште во регионот на југоисточна Азија. Во нова фабрика во Сингапур годишно би требало да се произведуваат до една милијарда вакцини. Новата фабрика во Сингапур не е наменета за актуелната пандемија. „Размислувам надвор од границите на Ковид-19. Се надеваме дека ќе можеме да основаме централа за регионално, а можеби и глобално снабдување со низа различни препарати и терапии“, го цитира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ основачот на Бионтек, Шахин.
Притоа се мисли на вакцини и лекови кои ќе се засноваат на новата иРНК-технологија и би требало да се применуваат, меѓу другото, и во борбата против ракот.
Според наводи на основачот на Бионтек, сумата која ќе треба да се инвестира во Сингапур е „стотици милиони американски долари“. Медиумите информираат дека Бионтек добива голема поддршка од државата Сингапур. Тамошната фабрика би требало да почне со работа во 2023 година.
Повеќе: Фотографија на денот: Во САД одобрена вакцината Бионтек/Фајзер за деца од 12 до 15 години
Орден за заслуги за Озлем Туречи и Угур Шахин, творците на вакцината Бионтек/Фајзер
Ковид-19: Зошто производството на вакцината е толку комплицирано?
Со централата во Сингапур, Бионтек го прави вториот голем чекор во насока на светска експанзија. Минатата година компанијата го отвори своето американско седиште во Кембриџ, Масачусетс.
Бионтек досега претпазливо соработуваше со Кина. Таму соработува со кинеската фармацевтска компанија Фосун. Фосун во текот на викендот најави дека сака да изгради фабрика за производство до една милијарда вакцини годишно. Бионтек/Фајзер ја очекуваат дозволата за својата вакцина во Кина најдоцна до јули.
Бионтек само што склучи договор за испорака на натамошни 900 милиони вакцини од декември годинава до 2023 година. Покрај тоа, постои опција за уште 900 милиони дози, доколку бидат неопходни. Само за тековнава 2021 година Бионтек има договори за испорака на 1,8 милијарди вакцини.
Дебата за патентите
Додека во Германија има изгледи за сѐ повеќе вакцини, ситуацијата во посиромашните земји е далеку помрачна. Американскиот претседател Џо Бајден предложи временски ограничено укинување на патентите за вакцини, за фирми во погодените земји да можат да произведуваат и самите.
Повеќе: Се бара временски ограничено укинување на патентите за вакцините против Ковид
Угур Шахин од Бионтек смета дека тоа нема да доведе до остварување на целта, зашто изградбата на функционални фабрики би траела најмалку една година, а според негова претпоставка дури и подолго. Со новите фабрики, како во Сингапур и Кина, тој гледа шанса за 9 до 12 месеци Бионтек и други производители на вакцини да произведат доволно вакцини за да се покријат потребите во светот.
Слично на работите гледа и експертот за оваа бранша Томас Шисле од компанијата за анализи Equi.ts. „Тоа звучи многу добро во морална смисла, но производството на ваква вакцина е многу комплексен процес. За таков процес да се одржи стабилен и со висок квалитет е потребно време. Подобро е ако може да се зголеми производството на компанијата.“