Зошто производството на вакцината е толку комплицирано?
11 јануари 2021Кога се обелодени дека германска компанија е една од првите во светот која развила вакцина против болеста Ковид-19 предизвикана од корона вирусот, имаше големо олеснување - и одредена мера на патриотска гордост; Бионтек е компанија со седиште во Мајнц.
Но, гордоста и олеснувањето брзо се помешаа со скепса оти уште при издавањето одобрение за вакцината се отворија многу прашања: кој ќе биде прв на ред за вакцина? Кој ќе биде редоследот понатаму и пред сѐ: дали воопшто правовремено ќе има доволно вакцини на располагање?
Не е доволно само да се купи фирма
Ролф Хемке, портпарол на Здружението на истражувачи и производители на лекови (ВФА) во кое членуваат речиси 50 германски фирми, не одговара директно на прашањето. Во разговор со ДВ тој посочува на еден основен проблем: „Едно е да произведуваш помали количини, нешто сосем друго кога одеднаш мора да зголемиш производство”. Бионтек на таквиот предизвик реагираше со преземање на дополнителни производствени капацитети во Марбург од конкурентот Новартис. Се работи за потполно опремен погон со добро обучени вработени. Хемке вели дека и постоечката постројка “имала погони за размножување на бактерии и за прочистување, но ништо не било соодветно за конкретната потреба”.
Но, и во Марбург прво ќе треба да се подготви персоналот за новите задачи. Хемке појаснува дека „техниката е еден дел, но потребен ви е и искусен персонал, а тој во случајов морал прво да биде дообучен”.
Според информации од Бионтек, производството треба да започне уште во февруари. Еден од двајцата основачи на Бионтек и дел од тандемот што ја разви вакцината, Угур Сахин, го потврди тоа. За неделникот Шпигел изјави: „Производството на мРНК вакцини со соодветниот квалитет е сѐ освен тривијална работа. Не може просто да се препрограмира, па наместо Аспирин и сируп за кашлање преку ноќ да почнете да вадите вакцини. За тоа е потребна долгогодишна експертиза и соодветна градежна и технолошка опрема.”
Техниката постои
„Градежна и технолошка опрема" во овој специфичен случај не е поврзано со инвестиции во производствени средства, туку адаптирање и проширување на капацитетите. Очигледно не се потребни нови машини. Тоа ни го потврдија од Здружението на производители за погони и машини (ВДМА) од Франкфурт на Мајна. Велат, немале зголемена побарувачка за нови машини.
Повеќе:
-Колку може да се одлага втората доза Ковид вакцина?
-Ангела Меркел: Претстои најтешката фаза на Ковид - пандемијата
-Коронавирус: Со 2,4 милиони дози вакцини до колективен имунитет
Ниту здруженијата од медицинската бранша, ниту класичните снабдувачи на фармаколошката индустрија или пак шпедициите кои се соочуваат со посебни барања заради дистрибуцијата на вакцината, во моментов не пријавиле зголемена потреба од машини.
Сам ништо не правиш
Да се развие нов лек или вакцина е задача за мал тим од специјализирани истражувачи. Со помош на донатори или поголеми центри за истражување, тие ги произведуваат и количините потребни за клинички тестирања и добивањето одобрение.
Но, повеќе од тоа не може да покрие ниту еден тим на истражувачи. Дури и големи компании не можат сами да стасаат подалеку од таа точка, нагласува Хемке. „Во фармакцевтстката индустрија зависите од снабдувачите. Не е дека секогаш почнуваме само со нафта”, вели Хемке.
Нафта како базична суровина во фармаколошката индустрија е незаменлива, но постојано се доставува во веќе рафинирана форма. По кратко размислување Хемке набројува и други неопходни материјали како „бактериски култури и медиумот за нивно размножување, потоа серија специјални хемикалии. мРНК се затвора во специјални меури за кои исто така се потребни состојки. Потребни се повеќе снабдувачи”, заклучува Хемке.
И стаклото за ампули доаѓа од Мајнц
Дел од овие снабдувачи испишуваат успешни - германски - приказни, на пример во случајот со стаклото за ампули. За чување и складирање на вакцини не може да се користи било какво стакло. Тоа мора да исполнува одредени стандарди. На пример, мора да биде отпорно на разни температури (што е особено важно сега во случајот со вакцината на Бионтек/Фајзер која се чува на екстремно ниски температури). Исто така не смее да реагира со супстанцата со која доаѓа во контакт.
Вакво стакло, таканаречено боросиликатно стакло, се произведува во фирмата Шот од Мајнц уште од 1887 година. Денес, Шот е една од трите фирми кои доминираат на глобалниот пазар за боросиликатно стакло. Останатите две се италијанската компанија Стевенато и германската Гересхајмер од Диселдорф.
Германската средна класа со глобална ориентација
Гересхајмер АД произлезе од стакларницата Гересхајмер која пред 120 години беше една од најголемите светски производители на стакло. Иако го носи името според населбата Гересхајмер од градот Диселдорф, таа одамна ја има „надраснато“.
Компанијата сега претпочита да произведува онаму каде што претежно се наоѓаат нејзините клиенти: стаклени ампули за вакцини за Северна Америка се произведуваат во две фабрики во САД и Мексико, за клиентите од Азија има една фабрика во Индија и три во Кина. Производството за Европа им е сместено во француски Шалон и полски Болесавиец. Стаклените ампули за германскиот пазар пак, се произведуваат во Бунде, во Северна Рајна Вестфалија.
Лондонскиот „Фајненшл Тајмс“ има уште едно објаснување за германскиот успех за развојот на вакцина против коронавирусот – структурата на економијата во Германија чиј столб е средната класа. Овие, споредено со други, релативно мали компании можеле побрзо и пофлексибилно да реагираат отколку големите концерни. Научните истражувања и развојот од една страна, и производството од друга, биле релативно тесно поврзани, а корисно според весникот било и тоа што средната класа во Германија е интернационално ориентирана и се прилагодила на глобализацијата.
На пат кон масовно производство
Клучно за количината на произведени и испорачани вакцини, и за брзината со која тоа може да се направи, нема да биде само проширувањето на производствените капацитети. Колку брзо едно население ќе може да биде вакцинирано, според Ролф Хемке зависи и од тоа „колку брзо ќе се појават и други производители.“ За портпаролот на ВФА е јасно дека “ниту една фирма не може да создаде такви производствени капацитети за да одговори на глобалната побарувачка во реално време. Тоа едноставно е невозможно.“
Тој не е единствен што размислува така. И истражувачот и креатор на вакцината на Бионтек, Угур Сахин, чија фирма колку повеќе дози произведува и продава толку повеќе може да заработува, сепак го дели истиот став. Сахин апелира на одговорноста на конкуренцијата и властите: „Настанува дупка бидејќи нема одобренија за други вакцини.“
И покрај сѐ, успешна приказна
Научното истражување во Германија, што се покажа особено преку примерот на компанијата Бионтек од Мајнц, го привлече меѓународното внимание. Тоа може да се објасни со квалитетот на Германија во сферата на науката и истражувањето, како и со организацискатс и логистичка разноликост на дотичните компании, можеби дури и со особеностите на средната класа во Германија.
Хемке посочува дека и покрај постоечките проблеми не треба да се занемарат досегашните достигнувања.
Според него, патот од производството на мали количини за клинички студии до масовно производство кое го гледаме сега е извонреден успех: „За воопшто да може да се постигне тоа сигурно биле вложени неверојатно многу часови работа од многу искусни луѓе,“ нагласува тој.
Во однос на критиките кои пристигаат од сите страни дека не е нарачана доволна количина вакцини, портпаролот на ВФА е категоричен. „Испорачаното количество не е ограничувачки фактор, туку брзината со која се вакцинира.”