Уставни измени: Џабе работи, џабе не седи
20 април 2023Помошното стручно тело или т.н. работна група на Министерството за правда што ќе работи на уставните измени е комплетирано, со можност во тој состав тековно да бидат вклучени и други експерти, покрај имињата на десетина што вчера беа официјално објавени. Но, според правни експерти, оваа постапка во моментов нема никакво значење поради ноторниот факт - нема како работата на ова тело да се ефектуира, бидејќи во парламенот не постои двотретинско мнозинство што ќе крене рака „за“ отворање на постапката за уставни измени, со што, сѐ се сведува на наративот „џабе работи, џабе не седи“.
Уставните измени, со кои бугарската заедница треба да биде впишана во највисокиот правен акт во државата, се главен услов за одржување на Втората меѓувладина конференција, односно за почеток на отворање на преговарачките кластери. Власта очекува дека текот на дебатата за уставните измени ќе произведе апсорпциска моќ за зголемување на поддршката за уставни измени, но од опозицијата повторуваат дека таква надеж не постои. Верни на овој став, опозициските партии не номинираа нивни претставници во работната група, па во неа има членови од владејачките СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, НСДП, ЛДП, ДОМ, Партија на пензионерите, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. Во работната група има и по еден претставник од кабинетот на претседателот на РСМ, од Секретаријатот за европски прашања и од Министерството за надворешни работи. Вчера составот беше докомплетиран со десетина експерти, меѓу кои доминираат поранешни судии и уставни судии, а меѓу професорите само двајца се по уставно право.
Не е мала работа
Каква задача стои пред овој состав на работната група, во сегашните околности? Според правни експерти - сложена и тешка, според шефот на државата „нема голема работа“. Ваквиот став Пендаровски го искажа минатата недела, одговарајќи на прашањето - зошто да се плаќа тоа тело, ако нема никаков исход по неговата работа?
„Да знаете, нема тука голема работа. Ќе има три интервенции во Уставот, каде би биле вметнати Бугарите. Ќе има интервенција во Преамбулата, ќе има интервенција во Комитетот за односи меѓу заедници, и ќе има во она што порано беше член 49, во кој се зборува за македонската дијаспора и таму се спомнуват дијаспори на другите делови од народи. Тоа се тие три места, начелно зборувам, на кои би требало да се интервенира со по една-две реченици. Значи тука нема голема работа за да се земаат пари“, изјави Пендаровски на ТВ Сител.
Она што во експертската јавност наидува на несогласување, не е аспектот на хонорарот, туку релативизирањето на сложеноста на постапката со која ќе се занимава помошното стручно тело.
Правни експерти со кои разговараше ДВ не сакаат јавно да говорат за тоа пред работната група официјално да почне со работа, но генерално нивните забелешки се однесуваат на неколку сегменти. Едниот е составот на тоа тело, во кое има и партиско-експертски претставници, за кои е неизвесно дали ќе го застапуваат партиски или стручен став. Второ, во услови кога во парламентот нема двотретинско мнозинство за отворање на постапката за уставни измени, стравуваат дека процесот на подготовка на формулации и нивно обелоденување (без почната постапка во парламентот) може само да и даде многу време на другата страна за „рецензирање“ на формулациите и да предизвика евентуални сугестии, како што и беше навестено - дека источниот сосед сака да биде консултиран во текот на процесот.
Трето и најважно, сметаат дека воопшто не се работи за „една - две реченици“, туку за многу сложена постапка кој бара длабока стручна анализа и многу внимателно постапување, со цел - решавајќи едно, да не се произведат други прашања и проблеми.
Како што дознаваме, овие причини, како и сегашната беспредметност на расправа за уставни измени поради отсуство на двотретинско мнозинство, биле причина дел реномирани експерти да не ја прифатат поканата за учество во ова помошно стручно тело што го формираше Министерството за правда.
Мицкоски: Местото на иницијативата е во парламентот
Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за изјавата на премирот Ковачевски - дека сите предлози за уставни измени треба да бидат доставени и да се дебатираат во работната група, повтори дека работната група за нив е затворена тема.
„Јас сум кажал дека работната група е затворена тема за мене и за ВМРО-ДПМНЕ. Во овој парламентарен состав уставни измени ќе нема и тоа му е јасно и на Ковачевски. Затоа, еве го повикувам - нека не чека, нека ја достави оваа иницијатива во парламентот. Нема да се смени ништо ни во мај, ни во јуни, ниту во септември, ниту во октомври, јас јавно го кажувам тоа. Нека ја достави во парламентот. Ако има 80 пратеници, како што рековме - јас заминувам од политиката, тој продолжува да биде премиер. Ако нема 80 пратеници тогаш треба да одиме на избори, затоа што неговата политика е поразена“, рече Мицкоски.
Од опозициската Беса уште претходно најавија дека немаат проблем со внесувањето на Бугарите во Уставот, но дека партијата би го поддржала тоа доколку се прифатат и уставни измени со кои формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 отсто од граѓаните“ ќе се замени со формулацијата „албански јазик“.
Работната група наскоро треба да почне со работа. Според процедурата, кога нивната предлог-иницијатива ќе биде подготвена, таа преку Министерството за правда треба да биде доставена до Владата. Потоа Владата треба да ја востанови како формална иницијатива и да му ја предложи на парламентот.