Уставни измени: Едни нудат експерти - други бојкотираат
10 април 2023Рокот за номинирање на претставници за работната група која ќе ги подготвува амандманите за уставни измени истекува на полноќ, поради што дел од партиите побрзаа да ги соопштат своите адути. Цветанка Иванова, Арбр Адеми, Ремзи Мехмеди, професорот Александар Спасов се само дел од претставниците на партиите и експертите кои што е извесно дека ќе бидат дел од работната група, која што ќе ги изготвува амандманите со кои бугарската заедница треба да биде вметната во Преамбулата на Уставот.
Номинации
Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) се одлучи да ја номинира генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, за свој претставник во работната група. Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, образложувајќи ја номинацијата на Иванова, рече дека таа е дипломиран правник, со долгогодишно искуство, одличен познавач на Уставот и законите, но и и на собраниските процедури.
„СДСМ активно ќе учествува во експертското тело што го формира Министерството за правда. Тоа е државнички, тоа е одговорно, затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во Европската Унија, како врвен национален и државен интерес. Очекуваме преку отворен, транспарентен процес, да дојдеме до најдобриот македонски модел за уставни измени, кој ќе значи продолжување на европскиот пат“, порача Каевски.
Демократската унија за интеграции (ДУИ) како свој претставник во работната група го номинираше пратеникот и координатор на пратеничката група Арбр Адеми. Во експертската група учество ќе земе и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски соопшти дека ќе го номинира својот советник, професорот од Правниот факултет Александар Спасов, да учествува во работата на експертската група која што ќе ја формира Министерството за правда.
Освен парламентарните политички партии, во работната група претставници треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека наскоро ќе биде соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Опозицијата нема да учествува
Министерството за правда во вторник (11.04) ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Од партиите од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, Социјалистичка партија и Демократски сојуз најавија дека нема да предложат свои претставници во работната група за уставни измени.
„Нема да учествуваме во работната група затоа што во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот“, изјави Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда.
Уставните измени се обврска на сите
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека уставните измени се дел од обврските на патот кон ЕУ. За него било очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група.
„Во државата имаме два концептa - едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на ЕУ и имаме втора група на политички партии, предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, што се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило. Одлуките за НАТО, денешната опозиција не гласаше за ниту една. Тие не гласаа ниту за договорот Фронтекс, каде што за првпат македонскиот јазик е дел од договор во којшто се наведени сите други јазици на земјите-членки на ЕУ. И тоа не влегоа да го гласаат“, рече денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.
Според него, „подобрувањето на животниот стандард, воведувањето демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во ЕУ, не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек, туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки што ќе обезбедат европска иднина на сегашната и на идните генерации“.
Откако ќе бидат направени амандманите во Комисијата при Министерството за правда, тие ќе бидат дадени на јавна расправа пред академската заедница, пред невладиниот сектор, бизнис заедницата, медиумите, да се запознаат и граѓаните, по што ќе започне парламентарната процедура во Собранието.
„Овие уставни измени нема да бидат и последни до зачленувањето на земјава во Европската Унија, како и последно гласање за кое е потребно двотретинско мнозинство“, порача премиерот.