1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата од мај ќе ги турка уставните измени во Собранието

ДТЗ
3 март 2023

Премиерот Димитар Ковачевски најавува дека дебатата најпрво ќе започне на експертско ниво. Од владејачката партија пристигнуваат најави дека процедурата во Собранието би можела да започне во мај.

https://p.dw.com/p/4ODfM
Собрание Северна Македонија
Од владејачката партија пристигнуваат најави дека процедурата во Собранието би можела да започне во мај. Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Отчукува часовникот за постигнување државен консензус околу уставните измени, коишто се еден од најважните чекори за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски најавува дека уставните измени ќе се носат со широк општествен консензус, а дебатата најпрво ќе започне на експертско ниво, по што ќе бидат вклучени и другите чинители. Во моментов не се размислува за лидерска средба на оваа тема. Од владејачката партија пристигнуваат најави дека процедурата во Собранието би можела да започне во мај.  

Дебата на експертско ниво 

Премиерот смета дека дебатата за уставни измени мора да почне на експертско ниво, бидејќи треба прво да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните и сите други да видат како изгледаат тие. 

„Тоа ќе го направат експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и сигурно претставници на политички партии. Во однос на вклучување на сите политички партии, нормално дека тие ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи процесот на уставни измени се одвива во Собранието во неколку фази“, изјави Ковачевски по увидот на изградба на градинка во општина Центар. 

Димитар Ковачевски
Во јавните дискусии ќе бидат вклучени академската и деловната заедница, граѓанските организации, медиумите, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Во јавните дискусии ќе бидат вклучени академската и деловната заедница, граѓанските организации, медиумите... 

Процедурата ќе започне во мај? 

Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат М телевизија рече дека очекува со заокружување на процесот на реконструкција на Владата да отпочнат јавно разговори за и околу јавната широка дебата за уставните амандмани. „Доколку се движи според очекуваното темпо јавната расправа и вклученоста на граѓаните и стручната фела во целата дискусија можеби е за очекување некаде во мај да почне процедурата во Собранието“, вели Богоев. 

Според него, уставните измени се важни за членството во ЕУ кое значи бројни придобивки за граѓаните и државата. 

„Со заокружување на процесот на реконструкција на Владата очекувам да отпочнат јавно разговори за и околу јавната широка дебата за уставните амандмани. Практично да се отвори дискусија и со пратениците и со стручната фела и со јавноста, да се објасни на граѓаните што значат тие амандмани, дека тоа значи делови од народи, дел од Хрватите, Бугарите, Црногорците, да влезат во уставот. Да се објасни и да се дискутира со стручната фела како тие амандмани најдобро може да изгледаат, но и да се објасни дека тоа може само да ја зајакне С Македонија, не може да ја ослаби“, изјави Богоев.  

Пораките од владејачката партија се дека таа останува отворена за сите политички партии и поединци и организации кои сакаат да се приклучат на „Европскиот сојуз“, а кои сакаат да учествуваат во носење одлуки кои значат побрзо зачленување во ЕУ и носење побрзо и поефикасно на реформските закони за сите значајни области во Собранието.  

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во петокот одби да ги коментира најавите за уставни измени во Собранието. Мицкоски побара да се организираат предвремени избори и оцени дека уставните измени „постојат само во главите на неколку политичари, кои и сами не веруваат дека тоа е добро“.