Украинското жито, хрватските пристаништа и гладот во светот
5 август 2023Веста стаса дури и до најважниот германски информативен портал. „Тагесшау" уште во понеделникот вечерта (31.7.) меѓу главните вести на страницата објави за можниот извоз на украинско жито преку Хрватска. „Украина и Хрватска очигледно се договорија за користење на хрватските пристаништа на Дунав и на јадранскиот брег за извозот на житни култури од Украина", се вели во веста.
Германскиот медиум, инаку онлајн издание на водечката германска информативна емисија на првата програма АРД, во текстот се повикува на изјава на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба по разговорот со својот хрватски колега Горан Грлиќ Радман во Киев, кој во меѓувреме го потврди и хрватското министерство за надворешни работи.
Во текстот се наведува и дека „сѐ што помага на извозот помага на снабдувањето на светот со храна", како што рекол Кулеба и дека двете страни сега заеднички ќе поработат на тоа да се пронајдат најефикасни рути.
Огромен логистички предизвик: пристаништата
Ова последното би можело да потрае. Самиот поглед на картата покажува какви огромни логистички проблеми би требало да се совладаат за да се реализира идејата.
Украинските житарки до Дунав може да се транспортираат преку две украински пристаништа: Рени или Измаил, при што последново неодамна беше ракетирано од Русите.
Друга опција е житарките преку Црно Море да се донесат до романското пристаниште Констанца, па од таму до Дунав, а потоа повеќе од 1000 километри до Вуковар. Тамошното пристаниште пак е мало и вкупниот капацитет актуелно е 1,2 милиони тони годишно и има само еден силос со капацитет од 10 илјади тони.
За споредба, податоците на ЕУ покажуваат дека Украина во периодот од август 2022 до мај 2023 во рамки на Договорот за сигурен коридор за бродовите на Црно Море извезла повеќе од 30 милиони тони житарки и друга храна. Таа количина ја превезле повеќе од 1080 бродови. Вуковарските капацитети не би играле некоја сериозна улога.
Симболичен гест на поддршка
Се поставува и прашањето како тие огромни количини да се донесат до Риека, Задар или Сплит. Најголемите камиони може да пренесат максимално 45 тони. Тоа би значело 22 илјади такви камиони за товар од милион тони жито.
Хрватската железница би била друга опција, но илузорно е да се мисли дека таа која не е во состојба да организира ни колку-толку нормален патнички сообраќај, би можела да се носи со таква задача и тоа на пруги кои се во лоша состојба и во голем дел неелектрифицирани.
„За да се оствари таквиот транспорт потребни би биле огромни инвестиции и многу време. Години. Не само во железницата, туку и за пристаништата за кои сега се зборува и кои не се оспособени за претоварање на толку големи количини стока. Се тоа би било прескапо", вели во разговор со ДВ, Љупчо Јурчиќ, поранешен професор на Економскиот факултет во Загреб и поранешен министер за економија.
Тој смета дека "Хрватска пред се сакала да покаже симпатии со Украина и дека е на нејзина страна и ја поддржува. Тоа повеќе е симболички гест на поддршка", смета тој.
Финансиска капка во морето
Ни во финансиска смисла извозот на житарки преку Хрватска не би значел многу за Украина. Актуелната цена на житото на светските пазари е 350 евра по тон, а на пченката 260 евра по тон. На милион тони годишно тоа би биле околу 300 милиони евра, при што за украинските земјоделци ќе отпадне само дел од заработката која ја делат со превозниците и велетрговците.
Истовремено според германската платформа за статистика „Статиста" само ЕУ од почетокот на војната до мај годинава на Украина и доделила повеќе од 25 милијарди финансиска помош, а САД повеќе од 24 милијарди.
А има уште серија други земји кои пружале билатерална помош како Германија со 1,3 милијарди евра. Тукс не се вклучени хуманитарната и воената помош.
Проектот за транспорт на житарки според Јурчиќ ќе има поголеми трошоци за Хрватска отколку ќар за Украина. „Хрватскиот придонес за Украина во војната е безначаен, што се вели на ниво на статистичка грешка. Тоа се однесува и на другите потези кои се пред се израз на симболична поддршка - без разлика дали се работи за хеликоптерите кои се праќаат таму или оружјето и муницијата. Украинците веројатно гшја трошат за еден ден", вели Јурчиќ. На почетокот на мај беше објавено дека Хрватска донирала за Украина 14 хеликоптери од типот Ми-8.
Примерен европски ученик
Ваквиот гест на хрватската влада не е само порака за Украина, туку цели и на тоа дека ќе биде забележана и од ЕК. „Хрватска некогаш изразува поголема поддршка на ЕУ отколку што и самата таа бара и се профилира како една од земјите во ЕУ кои се најнаклонети кон политиките на Брисел. Некогаш Хрватска се однесува како да е поголем католик и од Папата“, вели Јурчиќ.