Извоз на украинско жито преку хрватски пристаништа
1 август 2023Украина соопшти дека постигнала договор со Хрватска за извоз на своето жито. Како што информираше Министерството за надворешни работи во Киев, земјоделските производи ќе бидат пренесувани со бродови преку реката Дунав во Хрватска, а потоа преку железница до брегот на Јадранско Море. Колкави количини можат да бидат транспортирани на тој начин, не е соопштено.
Со овој потег Украина сака да ја заобиколи блокадата на своите пристаништа на Црно Море од страна на Русија, откако Москва на средината на јули го откажа договорот за извоз на украинско жито,постигнат со посредство на ОН и на Турција.
Руски напади врз пристаништата
Руската војска во последно време во повеќе наврати изврши напади со дронови и ракети на поморското пристаниште во Одеса и на пристаништата на реката Дунав. Според наводи на украинското Министерство за надворешни работи, во нападите се уништени 180.000 тони жито, а во меѓувреме руската флота го блокира пристапот кон украинскиот брег.
Киев прави обиди да го зголеми извозот по копнен пат преку Европската унија, но наидува на пречки – повеќе соседни држави, како Полска го попречуваат овој транспортен пат,зашто многу земјоделци во ЕУ стравуваат од пад на цената доколку украинското жито стигне на пазарот.
Се бара заштита на транспортот
Украинскиот амбасадор во Германија, Олексиј Макеиев упати апел до НАТО: „Ако НАТО би ги штител украинските транспортни и трговски бродови при поминувањето низ Црно Море, би бил добар сигнал, според принципот по кој што НАТО и ЕУ во Средоземното Море или пред Рогот на Африка ги обезбедуваа или ги обезбедуваат бродските рути од пиратерија. Во моментов, ниеден брод не се чувствува безбеден во Црно Море“,изјави амбасадорот за весниците „Рајнише пост“ и „Генерал анцајгер.“
Украина е во можност со своите аграрни производи да им помогне на многу земји во светот, таа располага со жито за 400 милиони луѓе, истакнува Олексиј Макеиев.
Украина е еден од најважните земјоделски извозници во светски рамки. Поради ограничувањата на украинскиот извоз, од предизвиканиот раст на цените на прехранбените продукти како последица на руската војна, посебно се погодени посиромашните држави.