Украинците подготвени за мировни преговори со Русија
19 јули 2024Во Украина сѐ повеќе се зборува за мировни преговори со Русија. Претседателот Володимир Зеленски во минатото постојано отфрлаше можни договори со актуелното руско раководство, па дури издаде и декрет, според кој разговори со рускиот претседател Владимир Путин се исклучени. Но, сега ситуацијата очигледно се менува. Зеленски сега смета дека руските претставници треба да бидат присутни на вториот „мировен самит“ што Украина планира да го одржи во ноември.
Дали е време за преговори?
Во исто време, 44 отсто од Украинците во областите зад линијата на фронтот веруваат дека е време да започнат официјални разговори меѓу Киев и Москва. 35 отсто сметаат дека нема причина за почеток на мировни преговори, а 21 отсто се неопределени, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од украинскиот истражувачки центар „Разумков“ по налог на онлајн порталот ZN.UA во периодот од 20 до 28 јуни 2024 година.
Сепак, според анкетата, Украинците се категорично против Украина да ги исполни неодамнешните услови на Путин за завршување на војната. Речиси 83 отсто од анкетираните отфрлаат повлекување на украинските трупи од преостанатите делови на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје кои не се под контрола на Москва. Околу 84 отсто од испитаниците се против отстапување на овие територии на Русија. Покрај тоа, 77 отсто се против укинување на сите западни санкции против Русија.
Во однос на неутрален, неврзан статус за Украина без нуклеарно оружје, ставот на населението во областите контролирани од Киев е помалку јасен. Против ваквиот статус се 58 отсто од анкетираните, а „за“ - 22 отсто.
На прашањето кој е минималниот услов за склучување мировен договор со Русија, над 51 отсто одговориле дека Украина мора да биде ослободена од руските окупаторски сили во нејзините граници од 1991 година. Иако мнозинството Украинци сакаат враќање на овие граници, речиси секој втор Украинец (46 проценти) е на мислење дека не е срамно да се одбие воената служба. Само 29 отсто имаат спротивно мислење, додека 25 отсто се неопределени.
Што го збунува украинското општество
„Ова ја покажува фрустрацијата на населението. Луѓето не знаат каква перспектива имаат тие и самата земја во услови на војна. Токму тоа го сигнализираат таквите парадоксални одговори од општеството“, вели за ДВ Олех Саакјан, политиколог и коосновач на „Националната платформа за стабилност и кохезија“. Големата подготвеност да се преговара за мир покажува дека претходните напори за мобилизирање на населението и создавање единство се исцрпени бидејќи се насочени кон кратка војна, оценува тој и додава: „Влеговме во долга војна, а ниту властите ниту елитите не им понудија на луѓето визија за тоа како треба да живеат во Украина во услови на постојана војна или во ризик од војна.“
Според него, сè што е одложено „до по војната“, како што се борбата против корупцијата, непотизмот и неефикасната администрација, почнува да ги загрижува Украинците. Затоа што на луѓето им стана јасно дека војната ќе трае долго. „Мобилизација, злоупотреба на власта, енергетски и економски прашања, утврдувања на фронтот и одбрана - сето тоа е исклучително актуелно за општеството во моментов, бидејќи војната продолжува и овие проблеми се нерешени. Во исто време, општеството сака победа, но отворено е како таа може да се постигне“, објаснува Саакјан.
Ихор Рејтерович од универзитетот „Тарас Шевченко“ во Киев забележува дека украинскиот претседател неколку месеци практично не ги споменува границите од 1991 година како предуслов за мир со Русија, но не зборува ниту за нови. Ова го збунува украинското општество, вели експертот и во интервју за ДВ нагласува: „Ова значи дека од една страна мнозинството сака да се вратат сите територии, а од друга страна половината велат дека одбивањето на служењето во војската не е проблем. Одговорите се амбивалентни. Затоа е потребно соочување со тоа и да размислување за решение што може да го обедини украинското општество и со кое може да се живее“.
Како да се живее во воени услови?
За да ја добие поддршката на Украинците за своите иницијативи, владата треба да започне отворен дијалог со општеството за иднината и да развие визија како да се продолжи да се живее во услови на војна. Според експертите, во процесот на одлучување треба да се вклучат што повеќе луѓе.
Во исто време, тие забележуваат дека амбивалентни реакции на сложени проблеми се нормална појава за општествата во целосна неизвесност. „Секогаш мора да се следи јавното расположение и да се препознае динамиката за да може внимателно да се подготвиме за предизвиците“, објаснува Михајло Мишченко од истражувачкиот центар „Разумков“.
Експертите со кои разговараше ДВ се согласуваат дека ваквите истражувања во моментов се неопходни за да може украинското раководство јасно да ги формулира можните опции за иден развој и соодветно да го подготви вториот „мировен самит“. Тие би му дале и силни аргументи за преговарање за мировен план.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик