Украина: САД не сакале да испорачаат тенкови „Абрамс”
27 февруари 2023Американскиот претседател Џо Бајден според информации од Белата куќа попуштил во однос на испораката на тенкови „Абрамс” за Украина само поради притисокот од Германија. „Првично одлучи против бидејќи од неговата армија оцениле дека на бојното поле во оваа војна тенковите нема да се од корист”, вели советникот за безбедност на Бајден, Џејк Саливан за телевизијата Еј-Би-Си. Наспроти тоа, сметале дека корисни се германските тенкови од типот „Леопард”. „Но, Германците му рекоа на претседателот дека не се подготвени да ги пратат ‘Леопардите’ во битка сѐ додека претседателот не се согласи да испрати и од тенковите ‘Абрамс’”, вели Саливан. Во интерес на „единството во Алијансата” и за да „ѝ обезбеди на Украина да добие тоа што сака” Бајден се согласил на долг рок да испорача од американските тенкови. „Претседателот рече: ОК, јас ќе бидам предводник на слободниот свет. Јас ќе испраќам тенкови ‘Абрамс’ на долг рок ако вие сега испратите тенкови ‘Леопард’”, вели Саливан објаснувајќи го процесот на договарање со Германија.
Белата куќа со противречни изјави
Со тоа Белата куќа противречи и на свои соопштенија, како и на германската влада. Од Берлин тогаш појаснија дека испораката на „Леопард 2” кои се од германско производство, нема да ја врзуваат за испораката на „М1-Абрамс” тенкови од американско производство. „Немало во ниту еден момент условување дека мора да се случи едното за да се случи другото” изјави тогаш владиниот портпарол Штефен Хебештрајт. И САД на темата „Абрамс” тенкови во нивните јавни соопштенија често беа противречни.
Прво се тврдеше дека ставањето на располагање на таквите борбени оклопни возила од практични причини не се смета за мудро. „Едноставно нема смисла на Украинците да им се стави на располагање вакво оружје во овој момент”, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, кон средината на јануари годинава. Откако САД дадоа согласност за испорака на тенковите „Абрамс” Синг нагласи дека не била единствената цел да се отвори патот за испорака на тенкови и од сојузниците. И Бајден во минатото даваше различни изјави од овие што ги слушаме сега од неговиот советник за безбедност, Саливан. „Германија не ме принуди да си го сменам ставот", одговори Бајден на прашање на новинарка во врска со промената на позицијата на американската влада.
Испораката може да потрае
Веројатно ќе пројде доста време додека се испорачаат тенкови во Украина. Американската влада сега прави нарачки во воената индустрија, што значи дека нема да издвои тенкови од сопствените редови. Бајден кон крајот на јануари нагласи дека за испораката „ќе биде потребно некое време”. Времето треба да биде искористено Украинците да бидат целосно подготвени „да ги интегрираат тенковите ‘Абрамс’ во нивната одбрана”, рече Бајден. Тие се „најмоќните тенкови на светот, но и екстремно комплексни за управување и одржување”, посочи тој. Претставник на американската влада рече дека до фактичка испоракана тенковите може да пројдат и „месеци”.