1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција: Сојузник со Западот, пријател со Русија

Бурак Унверен
25 октомври 2024

Турција, една од најстарите членки на НАТО, под претседателот Ердоган сè уште одржува стратешко пријателство со Путин. Дали земјата сака да се оттргне од Западот или следи други цели?

https://p.dw.com/p/4mDLY
Реџеп Таип Ердоган  Владимир Путин  БРИКС во Казан
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКС во КазанФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP/dpa/picture alliance

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше специјален гостин на 16-от самит на БРИКС во Казан, Русија. Не беше првпат Ердоган да присуствува на самитот на БРИКС како набљудувач, но овојпат неговото присуство беше особено значајно поради  интересот на Турција за членство во БРИКС. Иако Кремљ пред неколку недели соопшти дека Анкара поднела формално барање за членство, турската влада првично го негираше тоа.Но во меѓувреме, министерот за надворешни работи Хакан Фидан јасно стави до знаење: „Ги информиравме БРИКС дека сме заинтересирани за членство“. Доколку Турција навистина се приклучи, тоа би била првата држава на НАТО во незападната алијанса.

Во сенка на терористичкиот напад

На самитот во Казан турскиот претседател се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин на билатерални разговори. Сепак, средбата со Путин остана во сенка на  нападот врз турската воздухопловна и одбранбена компанија Тусас  во Анкара. Турција за нападот ја обвинува ПКК (Работничка партија на Курдистан), која е класифицирана како терористичка организација во САД и ЕУ.

Претседателот Ердоган и претседателот Путин веднаш јавно ја покажаа својата солидарност и заеднички го осудија нападот, при што Ердоган постојано го нарекува Путин „мој драг пријател“. Путин, пак, ја истакна  улогата на Турција во решавањето на глобалните проблеми.

„БРИКС не значи „оддалечување од Европа“

Во рамките на НАТО, особено Турција ја одржува отворена комуникацијата со Путин. Турција не е само важен партнер на НАТО, туку и го штити стратешки важното југоисточно крило на алијансата и ја обезбедува втората по големина армија во НАТО. Со години, претседателот Ердоган води сè понезависна надворешна политика чија цел е зајакнување на улогата на Турција на глобалната сцена.

„Продлабочувањето на односите со Русија е само дел од стратегијата на Турција во однос на БРИКС. Самитот во Казан нуди и можност за средби со шефовите на државите на Кина, Индија и републиките Узбекистан и Азербејџан, кои се тесно поврзани со Турција, за да разговараат за регионалните проекти“, објаснува Заур Гасимов, експерт за турско-руски односи и координатор на ДААД на Турско-германскиот универзитет во Истанбул.

Во говор пред неговата парламентарна група, Ердоган неодамна јасно стави до знаење каква надворешна политика води Турција. Тој нагласи дека во поглед на регионалните тензии, неопходно е да се одржи рамнотежа во меѓународните односи. Турција нема да му го сврти грбот ниту на Истокот, ниту на Западот бидејќи тоа е неопходност за земјата.

Сепак, на Запад има критики за овој пристап. Многу земји од НАТО го гледаат членството во БРИКС како потенцијален конфликт со принципите на НАТО, бидејќи БРИКС често се смета за контрапункт на Западот, особено преку неговите водечки членки Русија и Кина. Ова покренува прашања за компатибилноста на членството во НАТО  со евентуално членство во БРИКС.

Моди, Путин, Ши Џинпинг  БРИКС во Казан
Моди, Путин, Ши Џинпинг - шефовите на државите Индија, Русија и Кина на самитот на БРИКС во КазанФотографија: Alexander Kazakov/SNA/IMAGO

„Не би го гледал можното членство на Турција во БРИКС како наводна преориентација на земјата, така да се каже, 'оддалечување од Европа““, вели Заур Гасимов. БРИКС не е воен сојуз и неговата сегашна инфраструктура се наоѓа главно во банкарскиот сектор. Дополнително, во рамките на организацијата нема армија или воени вежби. Затоа е разбирливо дека Анкара сака да ја диверзифицира својата надворешна политика - и пред се нејзините надворешни економски односи", смета експертот.

Еден од централните аргументи на турската влада во потрагата по  алтернативни меѓународни платформи е дека Турција со децении без успех стои на прагот на ЕУ. Во исто време, расте важноста на БРИКС, чии основачки членки - вклучувајќи ги Русија, Кина и Индија - се повеќе го доведуваат во прашање западниот светски поредок. Ваквиот развој на настаните се одразува и на расположението во Турција, каде што исто така се отвораат сомнежи за Западот.

„Денес турската влада  континуирано ја критикува ЕУ,  па дури ни опозицијата повеќе не ја брани ЕУ“, објаснува Берк Есен, политиколог од Универзитетот Шабанџи во Истанбул. Есен посочува дека поврзаноста на Турција со Западот се повеќе се доведува во прашање. Помеѓу доцните 1990-ти и средината на 2000-тите, во Турција преовладуваше позитивна перцепција за ЕУ." Денес поддршката за ЕУ е значително опадната. На САД, истакнува Есен, во Турција се гледа уште понегативно.

Турција си припаѓа... сама на себе

Според Есен, Турција е во еден вид „сива зона“: фактот што Турција сака да се приклучи на алијансата БРИКС „не треба да се толкува како автоматска поддршка за земји како Русија или Кина“, нагласува тој. За разлика од некои источноевропски земји кои свесно се оддалечуваат од западниот свет и се приближуваат кон Русија, Турција води поинаква стратегија. Таа сè повеќе развива став во кој пред сè мора да има доверба во себе - став заснован на една стара националистичка изрека: „Единствениот пријател на Турчинот е Турчинот“.

Русија нема најдобар имиџ

Додека владата спроведува сопствена надворешнополитичка агенда, Русија не е особено популарна меѓу Турците. Според една студија на турскиот институт за истражување на мислењето ИстанПол од 2022 година, многумина ја гледаат Русија како „непријател“ на Турција во меѓународен контекст - заедно со САД, Израел и Грција.

рускиот претседател Владимир Путин
Русија не е особено популарна меѓу Турците - рускиот претседател Владимир Путин како домаќин на БРИКС во Казан Фотографија: Alexander Nemenov/Pool via REUTERS

Според истражувањето на Истанбулскиот тинк-тенк ЕДАМ, во 2018 година само 27,4 отсто од Турците биле за останување во НАТО, додека тој број се искачи на 41,1 отсто во 2021 година. Поддршката за политичко-безбедносната соработка со Русија драстично падна од 22,1 отсто на само два отсто во истиот период.

И покрај тоа што Турција истражува нови патишта во надворешната политика, многу Турци остануваат позаинтересирани за Берлин и Лондон отколку за Москва или Пекинг. Според Берк Есен, тоа е затоа што многу Турци ги гледаат Европа и Северна Америка како претпочитани дестинации за образование, работа или емиграција, дури и ако се критички настроени кон политиките на овие земји кон Турција.