1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп - претседател/осуденик/востаник

7 јуни 2024

Трамп ѝ објавува војна на сопствената држава, обвинета дека одбива да се потчини на волјата на екс-претседателот, кој претендира да биде над законот, над Судот, па дури и над изборот на гласачите. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4glLb
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп  САД
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп Фотографија: Timothy A. Clary/AFP/Getty Images

Како што веќе добро знаеме, Судот во Њујорк го прогласи поранешниот претседател Доналд  Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението  за фалсификување деловни записи пред претседателските избори во 2016 година за да ги скрие исплатите на ѕвездата од филмовите за возрасни.

Иако станува збор за минорни кривични дела, за кои Трамп најверојатно ќе помине само со парична казна, но не и затвор, настанот сам по себе има историски пропорции и може да има драматични и пресвртни последици од причина што досега ниеден поранешен претседател не бил осуден од страна на суд. Сексуалниот Вотергејт на Доналд е без преседани.

Ако постои еден позитивен аспект од целата работа, тогаш тоа е дека еден ваков „тешкаш“ од американската политика и бизнис е прогласен за виновен и тоа е индикатор за силата на правната држава во Америка. Минатонеделната пресуда ни кажува дека никој не е над законот во САД. Тоа значи дека настрана политичките инклинации, можеме позитивно да ја констатираме цврстината и солидноста на американските институции, особено во услови на анти-системски регрес кој пак е последица на сѐ поголемата политичка поларизација.

„Судот на народот“

Толку од позитивата. Негативните аспекти се далеку побројни и позагрижувачки. Трамп нема да има никаква потешкотија да ја инстументализира сопствената пресуда и да капитализира (и во буквална смисла од донаторите) растечки конзенсус помеѓу електоратот, имајќи предвид дека потешките правни случаи, оние за немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година и тоа поврзано со наводното мешање во изборите во државата Џорџија, допрва треба да почнат.

Но, ако од аспект на прибирање донации, осудата ја зајакна кампањата на Трамп, ситуацијата е многу потешка за дешифрирање кога станува збор за народниот консензус и „судот на народот“. Според анкета на „Abc News“ 50% од испитанците ја смета за исправна пресудата виновен за Трамп, наспроти 29% кои не се согласуваат, додека 49% сметаат дека екс-претседателот треба да се повлече од изборната трка. Ова се дефинитивно негативни податоци за Трамп, но и тие се балансираат со сосема други елементи кои произлегуваат од истражувањето. Да, затоа што за 47% од испитаниците обвиненијата биле политички мотивирани, наспроти 38% кои го тврдат спротивното. Тоа што генерално произлегува е дека осудата нема произведено големи промени на електорално поле и дека нема да влијае на многу гласачи, бидејќи повеќето веќе имаат цврсти мислења за Трамп.

Трамп и законите

Вистинскиот проблем за Америка и за нејзината политичка и институционална стабилност произлегува од фактот што Трамп го искористи судењето за да ја поттикне и зајакне неговата база на страствени поддржувачи, тврдејќи дека има политички заговор за блокирање на неговиот реизбор за претседател. Трамп со други зборови ја избегнува легалноста на пресудата и го обвинува судијата Хуан Мерчан дека е предводник на емигрантските востаници против Америка. Или поточно кажано, Трамп кој и покрај осудата може да се кандидира и да стане претседател, всушност не ја прифаќа поделбата на моќта.

Доналд Трамп пред суд во Њујорк
Доналд Трамп пред суд во ЊујоркФотографија: Steven Hirsch/New York Post/AP/pool/picture alliance

Тоа го прави неговиот случај и неговата осуда далеку пострашна и од онаа на Никсон и од онаа на Клинтон. Затоа што и Никсон за Вотергејт и Клинтон со импичментот за случајот Левински, и покрај сите перипетии, на крај ќе ја прифатат пресудата или срамната процедура. Тоа што е уште пострашно е што денеска никој нема храброст од републиканскиот табор да го посоветува Трамп да ја прифати пресудата. Во 1974-та, републиканецот Бери Голдвотер ќе го советува Никсон да ја прифати правдата, додека денес никој не се дрзнува да му се спротивстави на Трамп.

Трамп во суштина ја отфрла основачката традиција на републиканската партија за „Закон и ред“ и ја отвара ерата на освети, предрасуди и поделби.

„Америка е фашистичка држава“! Почекот и епилогот на кризата на демократијата во САД и во светот, можеме да ја сублимираме во овие зборови на Трамп после пресудата. Трамп ѝ објавува војна на сопствената држава, обвинета дека одбива да се потчини на волјата на екс-претседателот, кој претендира да биде над законот, над пресудата на Судот, па дури и над изборот на гласачите.

Тоа е вистинската новина на  американската криза  и на глобалната криза на демократијата, тој така лесен и произволен излез од рамките на демократијата, од рамките на демократската култура и политика. Бидејќи ако Америка е фашистичка држава, тогаш паѓа во вода и секој уставен патриотизам и тоа значи дека  десницата и републиканците повеќе не се препознаваат во заедничкиот хоризонт на републиканската демократија.

Трамп вешто ја искористи кризата на демократијата и слабостите на демократскиот систем, разочараните ветувања за универзална слобода и еманципација, неспособноста да се соочи со бесот и разочарувањата на оние исклучените од системот и благодетите, кои западнаа во агонија од нееднаквости, маргинализација и прекаријат. Трамп ова чувство на бес, фрустација и желба за освета, го претвори во социјална категорија, онаа на „заборавениот човек“, „the forgotten man“, човекот заборавен од политиката, но не и од Трамп, лидерот кој му ветуваше на народот дека заедно ќе влезат во Белата куќа.

„Политички затвореник“

Револуционерниот парадокс е што еден мултимилионер и тајкун го искористи гневот на маргинализираната и пропадната средна класа, и тој бес го претвори во анти-политика, во универзален бес против естаблишментот, во еден вид на право да се излезе од рамката на демократските правила и вредности, и моќта да се претвори во чисто самоволие и авторитаризам. Заборавениот човек, или бесниот човек кој го напаѓа американскиот Капитол беше протагонистот на  првото владеење на Трамп.  Денеска новината е што потенцијалната втора сезона на реакционерската револуција ќе се базира строго на лидершипот и на лидерот, кој и самиот се претвора во востаник или бунтовник. Трамп осуденикот  од „заверашите“, од системот, од апаратите, оди по стапките на својот бунтовен и заборавен народ, станува едно со него и се претвора во претседател-осуденик, во „insurgent“, во спасителот на заборавените и оштетените. Затоа што како што и Трамп им посочува на своите следбеници: „Ако можат мене да ми го прават ова, тогаш можат и на вас“.

Така говори Трамп кон своите следбеници - дека системот е загрозен, но и дека тој е подготвен да отиде во затвор со цел да го спаси. Тие пак треба да излезат на избори и да го спасат него на 5-ти ноември, затоа што вистинската одлука ќе биде донесена тогаш.

Синдромот на „политички затвореник“ само дополнително ќе ја отруе политичката клима и ќе го загрози демократското здравје на Америка. Трамп со сигурност ќе продолжи по својот пат, затоа што уставот и законот секако му обезбедуваат можност  и осуден и затворен да биде избран за претседател.  Неговиот реизбор, кој е мошне веројатен, ќе произведе една парадоксална ситуација, со претседател-осуденик кој иако не би можел директно да се помилува себеси, може преку именување на свој јавен обвинител да ги отфрли федералните случаи против него. Таков евентуален исход би имал катастрофални последици врз демократското држење на американските институции, зaгрозувајќи ја притоа и меѓународната позиција на САД и односите со нејзините сојузници.

Но, најлошо од се, еден таков исход би му дал одврзани раце на Трамп да лансира радикални освети против своите ривали, институциите и граѓанскиот сектор.

Ќе одлучи народот, дали Трамп ќе остане обичен осуденик или претседател-осуденик, лидер-востаник способен да го растури демократскиот систем и да го моделира овој комплициран 21-век, според сопствената слика и убедување.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема