Расте меѓународниот притисок врз Вашингтон со цел да дозволи Украина да користи американско оружје за напади врз руска територија. Најверојатно и тоа табу, како и многу други црвени линии кои ја условуваа западната воена помош за Украина, на крајот ќе падне во вода. Жалбите и протестите на Зеленски, повторени овие денови за време на масовното руско бомбардирање на Харков, почнуваат да влегуваат во ушите на западните сојузници. Прашањето е дали можеби е предоцна? Или обратно, дали можеби е преопасно?
Целиот притисок или настојување започна со францускиот претседател Макрон кога на 14 март во интервју после конференцијата посветена на Украина, сугерираше силна волја Франција да испрати копнена војска во поддршка на Киев. Дотогаш тоа важеше како една од црвените линии во војната и тоа и за Москва и за Западот. Русија се закани дека западните војници во Украина ќе бидат цел на нејзините напади. Но, тоа што звучеше како француски претеризам, во последните неколку месеци се претвори во градуална реалност поради се пожестоките напади на Москва.
Германскиот канцелар Шолц кој порано беше дури и превнимателен, разбирливо поради географската и историска блискост со Русија, сега наеднаш се доближи до позициите на Макрон за дозволување напад на руска територија со западно оружје. Веднаш потоа на Германија се придодадоа и Канада, Полска и Финска, додека Шведска најави нов пакет воена помош за Киев во висина од 1,16 милијарди евра, подигајќи ја тоталната сума на 4,35 милијарди.
Конкретно одбрани цели на напад
Резонот на Макрон е мошне логичен, вклучувајќи и ја суптилната дистинкција која ја карактеризира неговиот предлог. Во суштина Макрон вели: Како можат Украинците да ги бранат своите градови, Харков пред се, ако ние им го негираме правото да ги нападнат (се разбира со западни ракети) руските бази во близина на границата од каде што секојдневно ги бомбардираат. И тука лежи и дистинкцијата која Макрон ја прави, прецизирајќи дека руските цели кои би се нападнале мора внимателно да бидат одбрани, односно, само оние од каде што се лансираат ракети против Украина. За таа цел и за да се дообјасни, Макрон за време на средбата со Шолц понесе и мапи кои сликовито ги потврдија неговите зборови.
Впрочем и самиот Генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг деновиве изјави дека „дојде време“ членките на Алијансата да преиспитаат одредени ограничувања во однос на употребата на оружјето доставено до Украина. Путин веднаш го нарече „извеан“, па дури и тргна да објаснува како настанува и како се манифестира деменцијата. Но, Столтенберг не е дементен, туку соодветно си ја работи својата работа. Која сигурно во својот опис не предвидува Генералниот секретар на НАТО да биде „гулаб“, туку „јастреб“.
Сега, министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во петок ќе разговараат за пакетот воена помош за Украина, кој го предложи шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг, како и за употребата на западното оружје во Русија, нешто за што треба да се договорат на самитот во Вашингтон од 9 до 11 јули.
Делува дека и Бајден сериозно размислува за овој потег, како и за тоа да ја казни Кина за нејзината технолошка помош која и понатаму ја става на располагање на руската воена машина. Во Вашингтон позициите се разделуваат: државниот секретар Ентони Блинкен е наклонет кон франко-германската линија за давање дозвола на Киев и за промена на актуелната стратегија, нешто што му го пренел и на Бајден по неговата последна посета на Украина. На иста линија е и шефот на Пентагон Лојд Остин, иако на пресконференција одби да го елаборира својот став за да не дојде во судир со Белата куќа. Од друга страна пак, советникот за национална безбедност Џејк Саливен се уште е категоричен во противењето, загрижен од можната ескалација, како и од можните внатрешни проблеми, пред се во поглед на претседателските избори во ноември.
И кога сме кај волкот, токму појавата на Трамп и неговиот можен успех на изборите, го приморува Бајден во кратко време да донесе одлука. Затоа што и кај Трамп постојат сериозни калкулации. Дотаму што републиканскиот спикер во Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, човекот кој од декември до март го блокираше законот за воена помош за Украина во висина од 60 милијарди долари, сега тврди дека Украинците треба да се слободни да го користат американското оружје како што ќе посакаат. Некои забележуваат дека Трамп не го нападнал Џонсон на социјалните мрежи, како што би бил случајот кога спикерот би одел против неговата волја, што пак кажува дека најверојатно двајцата работат во договор.
Тоа значи и дека републиканците најверојатно користат малку политичка тактика во однос на изборите. Односно, ако Трамп стане претседател во ноември и Русија продолжи да ги бомбардира украинските градови и војска без никаков отпор, тогаш Путин не би имал многу причини да се посвети кон постигнување мир спонзориран од хипотетичката нова администрација на Трамп. Како и да е Трамп вешто ја користи двојната игра и деновиве пред своите донатори ќе изјави дека тој да бил во Белата куќа за време на руската инвазија на Киев, ќе ја бомбардирал Москва, како што би ја бомбардирал и Кина во случај на напад на Тајван.
Што се однесува до официјален Вашингтон, најверојатно е дека засега се задоволуваат со затварање едно око пред билатералните иницијативи на сојузниците за отстранување на забраните за користење на воената помош за гаѓање на Русија, без притоа јавно да преземат одговорност за таквата позиција.
Заканите на Путин
Путин од своја страна разбира дека ветерот полека, но сигурно дува во друг правец и дека табуата едно по едно полека паѓаат. Следното е она за испраќање воени инструктори во Украина, нешто за што Франција веќе е подготвена, а Литванија изрази расположеност. Путин кој после изборите и петтиот мандат го зајакна крилото на јастреби или „силовики“ во својот магичен круг на моќта, вети „сериозни последици“ за најблиските земји од НАТО до Русија, оние кои што се „мали и густо населени“. Не се потребни големи географски познавања за да се разбере на кои земји мисли. Во исто време шест членки на НАТО изјавија дека планираат таканаречен „ѕид од дронови“ за да се одбранат од руски напади. Станува збор за Финска, Норвешка, Полска и трите балтички држави, Литванија, Естонија и Летонија. Сите речиси мали и густо населени земји, особено балтичките.
Така се враќаме на почетните прашања и дилеми? Дали оваа промена во стратегијата на НАТО членките доаѓа малку предоцна? Можеби, затоа што Русија веќе акумулираше огромен квантитет на војска и оружје во близина на украинската граница, поточно кај Харков, не само со цел да ги бомбардира, туку и да ја започне дологочекуваната офанзива која зависи пред се од разубавувањето на временските услови. Офанзива која може да се покаже одлучувачка по уморните и деморализирани украински трупи, но и за судбината на самата војна, каде потоа би следувал предлог за примирје и обид за делигитимација на Зеленски кој е со истечен претседателски мандат.
Колку е се ова опасно и дали може до доведе до ескалација, тешко е да се предвиди, но дефинитивно го зголемува ризикот на терен. Дозволата за напади врз Русија и испраќањето на воени инструктори со сигурност би ја истенчиле тенката црвена линија која не разделува од можен конфликт помеѓу НАТО и Русија. Но, тука треба и јасно да навестиме дека и покрај сите нуклеарни или конвенционални закани од страна на Путин, царот одлично знае дека евентуален напад врз НАТО членка би го означило почетокот на неговиот крај.
Западот мора да ја обезбеди егзистенцијата на Украина и соочен со тој предизвик, нема премногу избор, освен да дозволи напади врз Русија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.