1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Западни трупи во Украина: Доаѓа ли пресврт?

Роман Гончаренко
30 мај 2024

Колку посилно Русија ја бомбардира Украина, толку повеќе западните табуа се под притисок. Испраќањето војници сега се чини можно. Тема на разговор се нападите со западно оружје на руска територија.

https://p.dw.com/p/4gOzx
Систем за противвоздушна одбрана од типот ИРИС-Т
Систем за противвоздушна одбрана од типот ИРИС-ТФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Од Украина пристигнуваат вести кои укажуваат на можен пресврт. Командантот на украинските вооружени сили Олександр Сирски, според неговите изјави, ги потпишал документите за присуство на француски воени инструктори. Според него, тие би можеле „наскоро“ да дојдат да ги прегледаат украинските тренинг центри. Сирски во својата објава на социјалните мрежи рече дека тоа е „амбициозен проект“ и дека се надева дека другите партнери ќе го следат францускиот пример.

Француски воени инструктори за Украина

Франција, сепак, ја ублажи оваа порака, тврдејќи дека разговорите се во тек и дека сè уште не се планира ништо конкретно. Сепак, се чини дека Франција е првата членка на НАТО која би можела да испрати свои војници во Украина. Во февруари, францускиот претседател Емануел Макрон покрена медиумска прашина со изјавата дека не ја исклучува можноста за испраќање француски војници во Украина. Дотогаш тоа важеше како една од црвените линии во војната и тоа и за Москва и за Западот. Русија се закани дека западните војници во Украина ќе бидат цел на нејзините напади.

Но, дебатата за тоа стануваше сè погласна на Запад во последните неколку недели, бидејќи Русија сè посилно ја напаѓаше Украина.

Претседателот Володимир Зеленски го посети претседателот Емануел Макрон во Париз во февруари 2024 година
Претседателот Володимир Зеленски го посети претседателот Емануел Макрон во Париз во февруари 2024 годинаФотографија: Bestimage/Imago

Недоволниот број сопствени војници и тесните грла во снабдувањето со муниција од Соединетите Американски Држави доведоа до тоа руската армија да зазема сè повеќе украински области на северот и на истокот на земјата. Набљудувачите сметаат на руска офанзива летово.

Николас Тенцер, експерт за француска надворешна политика, за ДВ вели дека испраќањето воени инструктори во Украина е првото можно сценарио. „Франција е подготвена да го направи тоа што е можно поскоро.“ Тој објаснува дека овие војници би можеле да бидат стационирани во Лвов или во Киев. Следната опција е да ѝ се помогне на Украина да напаѓа цели во Русија. Но, никој не зборува за тоа на Запад, бидејќи никој не сака да биде вовлечен во војната.

Јахара Матишек, воен експерт од Американскиот поморски воен колеџ, верува дека испраќањето инструктори е едноставна опција. „Би било лесно да се префрлат неколку илјади западни војници во Лавов како дел од мисијата за обука“, вели тој за ДВ. Тој објасни дека Европската унија веќе има таква мисија за обука и може да ја префрли во Украина. Овој американски експерт уште во април побара водечка улога на Европејците во оваа област.

Смее ли Украина да ја напаѓа Русија со западно оружје?

Тој оди чекор понатаму, сугерирајќи Западот да ги распореди своите сили долж украинската граница и на украинската страна, сè до десниот брег на Дњепар. „Мислам дека тоа ќе испрати јасен сигнал до (рускиот претседател) Владимир Путин. Ако Европејците го сторат тоа, тоа би ослободило до 20 украински бригади, кои потоа би можеле да бидат префрлени поблиску до фронтот“, вели Матишек.

Се доведуваат во прашање и други црвени линии. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, речиси секојдневно ги моли западните партнери да ѝ дозволат на Украина да ја гаѓа Русија со западно оружје. На ова досега се спротивставија најголемиот број западни земји, пред сè САД, но и Германија. Вашингтон и Берлин го оправдуваат своето однесување со тоа што сакаат да се избегне ескалација. Од помоќните земји на НАТО досега само Велика Британија се изјаснила за тоа.

Џахара Матишек смета дека без опција за напад на руска територија со западно оружје, Украина тешко може да ги брани градовите во близина на руската граница, како на пример Харков. Николас Тенцер ги критикува западните ограничувања и укажува на Повелбата на Обединетите нации, која на нападнатата Украина ѝ дава право да се брани.

Ако Западот навистина ги испрати своите сили во Украина, тоа ќе значи и „повеќе противвоздушна одбрана“ за заштита на тие војници, вели американскиот воен експерт Џахара Матишек. До неодамна ова беше табу, но сѐ повеќе се доведува во прашање. Во Германија, некои политичари се залагаат за соборување на руски беспилотни летала и ракети во западна Украина од територијата на НАТО.

Ова практично би значело воведување на ограничена зона на забранети летови за заштита на украинските градови во близина на полската граница, како што е Лвов. Германскиот канцелар Олаф Шолц е против учеството на НАТО и се залага за повеќе испораки на системи за противвоздушна одбрана. Германија неодамна испорача два такви система на Украина - Патриот и ИРИС-Т.

Матишек вели дека ја разбира воздржаноста на Германија кон Русија - од историски причини. Сепак, тој смета дека може да се преземе ризикот од ескалација. Според него, соборувањето руски ракети и беспилотни летала само над Украина, а не над Русија или нејзиниот сојузник Белорусија, би било речиси „хуманитарна мисија“. Целта би била да се заштити инфраструктурата и населението „од случајни напади“.