Таџиците во Русија под притисок по нападот во Москва
28 март 2024„Таџик си? Ако си, откажи го таксито.“
Ова беше реплика што многу таксисти ја слушнаа од потенцијални клиенти по минатонеделниот терористички напад во московската кoнцертна сала Крокус Сити Хол. Во него загинаа 143 лица кои или беа застрелани, или се задушија од чадот кога терористите ја запалија салата.
Неделава пред судот во Москва беа изведени осум лица, седуммина со таџикистанско потекло, кои се осомничени дека го спровеле или биле соучесници во најстрашниот напад во Русија во последните децении. Додека Москва вината ја наоѓа во Украина, огранок на терористичката група Исламска држава (ИД), познат како ИСИС-К, презеде одговорност за нападот и објави снимки од него.
Националноста на осомничените лица предизвика дебата со непријателски тон во однос на заострување на законите за миграција и доведе до растечка ксенофобија спрема лицата од Централна Азија, особено Таџици, кои живеат и работат во Русија.
Лицата од Централна Азија се соочуваат со ксенофобија
Во контекст на смртоносниот напад и општествениот гнев, таџикистанската дијаспора ги советуваше своите граѓани навечер да не ги напуштаат домовите, известува рускиот медиум База. Други централноазиски држави, како Киргистан, ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Русија. Ксенофобијата традиционално е голема закана за централноазиските заедници во земјата, па многу Таџици со кои зборуваше ДВ се загрижени дека нештата ќе станат уште полоши.
Алишер, вработен во противпожарната служба во Санкт Петербург, за ДВ вели дека по нападот непознати лица му приоѓале на улица. „Еднаш ме прашаа каква етничка припадност имам и дали поддржувам терористи. Без каков било акцент им кажав дека сум руски државјанин и ме оставија намира. Легално сум тука, но тие што немаат регулиран престој се плашат дека ќе бидат депортирани.“
Некои крајно десничарски и провоени руски канали на Телеграм се преплавени со пораки за одмазднички напади поттикнувајќи насилство против мигранти и сугерирајќи депортација на централноазиските мигранти и нивните семејства.
Пред нападот Абдуло, продавач на овошје и по потекло од Таџикистан, повремено добивал ксенофобични пораки на социјалните медиуми, но по минатиот петок пораките со омраза биле многу поинтензивни, вели тој за ДВ. „Се обидуваат онлајн да ми се закануваат за да ме притиснат да ја напуштам Русија, но јас не ни размислувам за тоа, бидејќи во Таџикистан не можам да заработувам добро“, вели Абдуло.
Вербалното насилство против лица од централноазиско подрачје на места преоѓа и во физичко. Во Благовешченск, на далечниот исток од земјата, едно кафуле на Таџик беше запалено. Во Калуга, град на 200 километри од Москва, тројца Таџици беа претепани од непознати лица. Од саботата, заради за безбедносни контроли, властите на аеродромот држат група лица кои допатувале од Киргистан. Руската новинска агенција Риа Новости јавува дека контролите на имигрантите може да бидат заострени.
Полициски контроли и противзаконски приведувања
Но, дискриминацијата по етничка основа не застанува тука. Според информации кои ги пренесува Медијазона, повикувајќи се на организации за човекови права, во двата дена по нападот биле поднесени околу 2500 жалби од централноазиски мигранти поради полициски контоли и противзаконско приведување. Десетици од овие лица биле предмет на тортура и депортација. Руските пратеници по нападот притискаат за рестрикции за влез во земјата и дигитална контрола на мигрантите.
„Осомничените за кои јавуваат медиумите се мигранти. Тоа го отвора проблемот со политиките за доселување. Проблемот одамна требаше да се најде на дневен ред. Информации за криминал сторен од мигранти има речиси секој ден во медиумите“, пиша во неделата Сергеј Аксенов, првиот човек на Крим, на својот Телеграм канал.
Темур Умаров од Карнеги центарот за Русија и Евроазија, за ДВ оценува дека Москва сака да одржи добри релации со долгогодишниот сојузник Таџикистан, но не може ни да го игнорира бесот во јавноста во Русија. „Затоа Путин нагласува дека терористи немаат националност, но тоа не значи дека општеството размислува на ист начин. Руската влада мора да покаже дека се справува со проблемот, затоа што некои луѓе не разликуваат меѓу радикални исламисти и мигранти дојдени да работат и ја притискаат владата да го лимитира нивниот број“, вели аналитичарот.
Каква иднина ги чека во Русија?
Повеќето мигранти од Централна Азија работат како таксисти, чистачи и градежни работници. Според Институтот за демографски истражувања во Руската академија на науките, во 2023 година повеќе од три милиони Таџици престојувале во Русија. Умаров смета дека нападот ќе се одрази на нивниот живот и правно и практично во секојдневието, но се сомнева дека руската држава може да си дозволи да го прекине бранот на миграција бидејќи зависи од централноазиската работна сила. „Не мислам дека тоа може да се смени, затоа што нема доволно Руси на одредена возраст за да заменат 5-6 милиони мигранти годишно, затоа што демографската состојба се влошува. Би било чудо Русија да може да ги протера мигрантите и да ги замени со Руси“, заклучува Умаров.
Имињата на Таџиците цитирани во прилогот се сменети за да се заштити нивниот идентитет
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик