Централна Азија - атрактивна за Исламска држава
2 април 2016Тоа беше „беспримерен“ маневар, известуваа регионалните медиуми: со тешка воена опрема околу 45.000 таџикистански војници и резервисти во средината на март заедно со околу 2.000 руски војници изведоа воена вежба, чија цел беше одбрана во случај на напад од терористичка група од странство. Последниот дел од маневарот беше изведен во јужниот дел од поранешната советска република Таџикистан, околу 15 километри од границата со Авганистан. Пораката очигледно беше наменета кон талибанците, но и кон борците на терористичката милиција Исламска држава.
Русија со месеци со загриженост го набљудува приближувањето на ИД кон Централна Азија. Опасноста исламистите да го искористат Авганистан како „отскочна штица“ за проширување во регионот, доби реални шанси - на тоа укажа портпаролката на руското Министерство за надворешни работи уште на крајот на 2015 година. Москва во Таџикистан, Узбекистан, Туркменистан, Киргистан и Казахстан гледа своја зона на влијание. Освен тоа, Русија гледа закана по своето лево крило и затоа на тамошните држави им пружа воена помош во рамките на Договорот за колективна безбедност.
Расте бројот на борците
Не постојат веродостојни податоци околу бројотот на борци во ИД од Централна Азија во Сирија и Ирак. Њујоршкиот центар „Суфан Груп“ во декември 2015 година процени дека вкупниот број членови на ИД по потекло од поранешниот Советски Сојуз изнесува вкупно 4700. Од нив, отприлика 2400 се руски државјани, доаѓаат првенствено од Северен Кавказ. Но, нивниот број во текот на една година трикратно е зголемен. Од Централна Азија наводно потекнуваат околу 2000 борци на ИД, со растечка тенденција. Киргистанците и Узбекистанците, со 500 луѓе, имаат мнозински удел. Други извори наведуваат уште повисоки бројки.
„Со целата неизвесност околу бројноста, се‘уште станува збор за мал број луѓе од муслиманските заедници, но доволен за да претставува предизвик за безбедносната политика, “ вели Уве Халбах од берлинската фондација Наука и политика во разговор за Дојче веле. Притоа, вели тој, поврзаноста на ИД со постсоветскиот простор е поголема во Северен Кавказ, отколку во Централна Азија.
Освен тоа, во стручните кругови е спорно дали мнозинството централноазиски борци на ИД доаѓа директно од татковините или од Русија, укажува Халбах: „Таџикистанците кои се стигнати во Сирија, делумно доаѓаат од кругови на таџикистанската дијаспора, која во Русија потпаѓа под засилен притисок.“ Москва во последниве години води рестриктивна политика во однос на економските мигранти од Централна Азија.
Авторитарни држави, сиромашни граѓани
Сепак, Централна Азија со вкупно население од речиси 70 милиони луѓе, станува се‘ поатрактивна како регрутна база за ИД. Во пет поранешни советски републики со децении владеат авторитарни режими, кои се вбројуваат во најкорумпираните во светот. Голем дел од мнозинското претежно муслиманско население, по распадот на Советскиот сојуз, живее во сиромаштија.
Подложни на идеите на ИД се пред се‘ младите луѓе, предупредува во разговор за Дојче веле Акешан Кашегелдин, поранешен премиер на Казахстан. „Кога младината не гледа никаква перспектива и нема никаква слобода, не може да го промени системот, тогаш почнува да ги слуша екстремистичките политичари“, вели Кашегелдин, кој денес живее во странство. Во овие простори е популарен идеалот на ИД за прекуграничен калифат. Тоа го потврдува и Халбах, укажувајќи дека тема со која ИД поентира во Централна Азија е и „поправедно општество за муслиманите“.
Тревога во Таџикистан
Бројот на симпатизери на ИД во секој случај порасна во размери кои во држави како Таџикистан ги активираа сигналите за тревога, вели Халбах. Земјата, со својата преку 1300 километри долга граница со Авганистан, се смета за посебно загрозена од ИД. Во мај 2015 година во Таџикистан предизвика внимание еден спектакуларен случај. Полковникот Гулмурод Халимов, командант на Специјалната единица на полицијата, премина кај ИД. Владата потоа ја засили својата реторика во однос на „надворешната опасност“, вели Халбах. Но, оваа реторика елитите ја користат и за „одвлекување внимание од сопствените пропусти“ .
Забрана на единствената исламска партија
Како пример за внатрешните проблеми берлинскиот експерт ја наведува забраната на „Партијата на исламски препород на Таџикистан“ во септември 2015 година. Таа беше единствената муслиманска партија во постсоветскиот простор. Врховниот суд ја обвини за организирање државен удар. Со ова одлука Таџикистан „се откажа од интеграција на опозициските сили“, критикува Халбах.
Мухидин Кабири, лидер на забранетата партија, сега живее во егзил во Европа. Владата долго работеше на тоа во земјата да останат само две сили: владејачката партија и радикалната младина, се жали опозицискиот политичар. „Ако ИД биде разбиена или ослабена на Блискиот Исток, ќе мора да се повлече во некој друг регион, што би претставувало опасност за Таџикистан“, вели Кабири. Тој на Таџикистан му префрлува дека „си игра со оган“.
Напад на ИД врз Авганистан - неверојатен
Веројатноста ИД да нападне директно некоја централноазиска република, според експертите, сепак е мала. Во Авганистан постојат само мали групи од приврзеници на ИД, вели Косимшо Искандаров, раководител на Центарот за авганистански студии во таџикистанскиот главен град Душанбе.
Слична е проценката и на Сојузната академија за безбедност во Берлин. „Засега некој масивен воен напад на ИД врз централноазискиот регион, за разлика од Ирак и Сирија, се чини малку веројатен“, се вели во работниот документ објавен во февруари. Сепак, ИД можеби ќе се обиде постепено да се прошири кон Централна Азија, гласи проценката. За да се спречи тоа, нужно е политичко учество на муслиманските умерени сили.