Запрена е потрагата по преживеани од нападот во Москва
27 март 2024Потрагата по исчезнати лица во изгорената и делумно разурната концертна хала во Москва е запрена четири дена по терористичкиот напад. „Можам да соопштам дека под урнатините нема веќе жртви“, изјави шефот на Службата за заштита од катастрофи за регионот на Москва, Сергеј Полеткин, додавајќи дека спасувачите си ја завршиле работата.
Гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов, изјави дека е пребарана површина од 8.000 квадратни метри. Беа распоредени околу 1.000 приипадници на Службата за цивилна одбрана, напиша тој на својот канал на Телеграм.
Во нападот кој што се случи минатиот петок (22.03), беа убиени најмалку 139 луѓе, а речиси 200 беа повредени кога четворица вооружени напаѓачи отворија оган во концертната сала „Крокус Сити Хол“. Терористичката организација Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за најтешкиот напад во Русија во последните години. За исламистички терористи говорат и руските политичари. Сепак, тие претпоставуваат дека тероористите можеле да дејствуваат во име на Украина или нејзини западни поддржувачи.
Притворен уште еден осомничен
Во понеделникот, рускиот претседател Владимир Путин потврди дека нападот го извршиле исламистички терористи. Во исто време, тој јасно стави до знаење дека гледа украинска трага. Русија сака да знае „кој е налогодавачот“. Путин гледа мотив за нападот во Украина, а не во ИД. Украина го отфрла тоа.
Како индикација за ваквата теорија, Путин рече дека четворицата осомничени напаѓачи побегнале во насока кон украинската граница. Тие беа уапсени во саботата, во пограничниот регион Брјанск. Белорускиот лидер Александар Лукашенко рече дека уапсените можеби сакале да побегнат во неговата земја.
Во меѓувреме, притворено е уште едно осомничено лице. Се работи за 31-годишен руски државјанин, роден во Киргистан, јави руската агенција Интерфакс, повикувајќи се на судски извори. Лицето се товари за издавање на стан на тероористите. Пред судот осомничениот негирал дека знаел нешто за плановите за напад. Тој ги сметал напаѓачите за нормални потстанари.