1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции во печатот: „Победа за Путин“ и „црн изборен ден“

АРД
2 септември 2024

Успесите на АфД и БСВ брануваат и во меѓународните медиуми. Во коментарите, резултатите од изборите повеќе пати се толкуваат како внатрешна закана за ЕУ ​​– но, и како казна за владејачките партии.

https://p.dw.com/p/4kB9o
АфД Бјерн Хеке Тирингија Германија
Успехот на АфД - шлаканица за владата на Шолц, пишуваат странските веснициФотографија: Daniel Vogl/dpa/picture alliance

Британскиот весник „Фајненшал тајмс“ ги коментира изборните резултати во Тирингија и Саксонија како израз на растечката фрустрација во Источна Германија од сојузната влада. Многу луѓе, според весникот, владата ја поврзуваат со „висока инфлација, економска стагнација, зголемени трошоци за енергија и постојани внатрешни спорови“. 34 години по повторното обединување, се покажа дека „мнозинството луѓе во два региони од поранешниот комунистички Исток на земјата се разочарани од етаблираните партии од центарот и  фрустрирани од начинот на кој се управува со Германија“.

„Успехот на АфД отвора загрижувачки прашања“ 

Британскиот весник „Гардијан“ забележува дека 35 години подоцна, визијата на поранешниот канцелар Вили Брант, дека по повторното обединување „она што припаѓало заедно, ќе расте заедно“ се чини премногу оптимистичка. Наместо тоа, резултатите од изборите покажуваат дека источните и западните региони на Германија се повеќе и повеќе се оддалечуваат, се анализира во весникот. „Воспоставувањето на  АфД како доминантна регионална сила“  покренува „загрижувачки прашања за политичкиот идентитет на Германија“ и за тоа како во иднина да се ограничи подемот на таквите сили. 

Шпанскиот „Ел Мундо“ предупредува од политички колапс 

Весникот „Ел Мундо“ по изборните резултати предупредува од политички колапс во Германија, „земјата која традиционално стои на чело на европската економија“. Се посочува дека уште пред изборите имало алармантен пораст на екстремистички и анти-доселенички дискурс. Таквиот развој, според весникот, го загрозува европскиот проект. 

Михаел Кречмер, премиер на Саксонија ЦДУ
ЦДУ е меѓу победниците од овие избори и како „последна партија од широкиот центар“, таа сè уште може да формира влади во Тирингија и Саксонија - Михаел Кречмер, премиер на СаксонијаФотографија: RALF HIRSCHBERGER/AFP

„Слабиот резултат на Социјалдемократите и пресвртот на ЦДУ во мигрантската политика“ маркира промена на парадигмата, која се одразува на сите земји од Унијата, пишува весникот. Најголемиот предизвик за западните демократии сега е да се справуваат со оние кои ја инструментализираат имиграцијата, без притоа да се западне во поедноставување.

„Расте никулецот на Путинизмот“

Италијанскиот дневен весник „Ла Република“ смета дека резултатите од изборите се загрижувачка победа за рускиот претседател Владимир Путин, која ги загрозува европските демократии. „Семето на Путинизмот“ расте и во земји со утврдени демократски традиции како што е Германија, пишува весникот.   Успесите на десно-екстремната АфД и на левицата во овие региони, покажуваат дека Русија сега има „заговарачи во срцето на Европа“. Тие, заедно со „Националниот фронт во Франција и со Лега во Италија, се „предворје на Путин во ЕУ“. Весникот оценува дека неодговорноста на овие партии спрема војната во Украина, се кашира со „навидум стремеж за мир“. 

„Угледот на семафор-коалицијата во слободен пад“ 

„Ноје Цирхер цајтунг“ од Швајцарија го опишува изборниот пораз на владејачките партии СПД, Зелените и Либералите како дебакл. Угледот на  владиниот кабинет на канцеларот Олаф Шолц,  според весникот, е во  „слободен пад“.  Триумфот на АфД покажува дека многу гласачи не се импресионирани од предупредувањата за партијата. Политика што ги игнорира потребите на центарот, не треба да биде изненадена кога маргините стануваат посилни. „Партијата заради која е направен, може најмногу да има корист од заштитниот ѕид“, се посочува во весникот. 

„Катран црн изборен ден за СПД“ 

И швајцарскиот весник „Тагес-анцајгер“ го коментираше исходот од покраинските избори. Весникот наведува дека АфД и Сојузот Сара Вангенкнехт успеале  „незадоволството од владата во Берлин  да го свртат на своја воденица“ и дека во тоа биле поуспешни отколку ЦДУ - најважната опозициска партија во Германија. Сепак, и ЦДУ е меѓу победниците од овие избори и како „последна партија од широкиот центар“, таа сè уште може да формира влади во Тирингија и Саксонија. За СПД, од друга страна, денот на изборите беше „катран црн“. Доколку овој тренд продолжи и во Бранденбург на изборите што се одржуваат за три недели, веќе не може да се исклучи внатрепартиски бунт против канцеларот Шолц. 

„Аларм за демократијата“ 

И американските медиуми се занимаваат со исходот од вчерашните избори. „Њујорк тајмс“ истакнува дека „Германците од истокот имаат тенденција да одат во крајности на покраинските избори“ и зборува за алармен сигнал за здравјето на германската демократија. За прв пат по нацистичката ера партија од десните маргини победи на покраински избори. Исходот на изборите ќе ја заостри дилемата дали и како мејнстрим партиите можат да ги изолираат екстремистите и да спречат учество во владина коалиција. 

„Политички земјотрес“ 

Конзервативниот „Вол Стрит Журнал“ под насловот „Десните маргини постигнаа постигнаа историска победа на изборите во Источна Германија“ пишува за нов срам за владата на канцеларот Олаф Шолц. Победата на АфД предизвика политички земјотрес и е пресврт за еден континент, на кој партиите од центарот се повеќе се во дефанзива. 

Алијансата Сара Вангенкнехт
Алијансата Сара Вангенкнехт во коментари се опишува како „проруска популистичка партија на екстремната левица“Фотографија: pictureteam/IMAGO

„Вашингтон пост“ гледа многу потенцијал за БСВ 

Левичарскиот либерален „Вашингтон пост“ истакнува дека АфД е класифицирана како екстремистичко здружение во неколку германски сојузни покраини и дека на партијата и успеа да ги надмине длабоките табуа во националистичката политика. Алијансата Сара Вангенкнехт весникот ја опишува како „проруска популистичка партија на екстремната левица“. Партијата, според весникот има потенцијал да привлече гласачи од целиот политички спектар на сојузните избори следната година.