Како РСМ да ги избегне штетите од климатските промени?
7 октомври 2024Вкупно 6,4 милијарди долари ќе и требаат на Северна Македонија во следната деценија за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и имотот. Секој долар од овие инвестиции сега, ќе испорача два до десет пати повеќе поврат во иднина заради избегнати загуби и економски придобивки, покажува Извештајот за климатски промени и развој на земјата (CCDR).
Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. „Но, ова се големи бројки и владите сами не ќе можат да ги постигнат, па 85 проценти на декарбонизацијата може да доаѓа од приватниот сектор“, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилиано Паолучи.
Економски штети
Во отсуство на инвестиции за адаптација, Северна Македонија поради климатските промени до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП).
„Со „зелената“ транзиција околу 66.000 работници во Северна Македонија ќе бидат под најголем ризик да ги загубат своите работни места и ќе треба да ги променат своите занимања. За да одговори на овие нови барања, земјата треба да ги адаптира образовниот систем и механизмите за социјална заштита, да ги преквалификува луѓето и да изгради здравствен систем што ќе ја поддржи „зелената“ транзиција, ќе ја зголеми отпорноста на климатските шокови и ќе се прилагоди на промените во обрасците на болести“, се наведува во Извештајот.
Со разорните поплави и екстремните поројни дождови и топлотни бранови кои предизвикаа загуби од 667 милиони американски долари во последните 20 години, климатските предизвици на Северна Македонија само растат. Во однос на декарбонизацијата, се посочува дека мобилизирањето финансиски средства подразбира издавање „зелени“ обврзници, пристапување кон јавно-приватни партнесртва (ЈПП) и искористување на претпристапните и гаранциските европски фондови.
„Северна Македонија би требало да инвестира дополнителни 1,7 милијарди долари до 2030 година и 5,6 милијарди до 2050 година во енергетскиот систем за да постигне нето нула на ниво на целата економија што е еквивалентно на околу 2,6 проценти од БДП годишно, во просек. Поголемиот дел од дополнителната инвестиција до 2050 година би отишол во секторот за електрична енергија и би бил најмногу насочен кон зголемување на капацитетите за производство на обновливи извори“, се вели во Извештајот.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вели дека извештаите на Светска банка ќе бидат од исклучителна важност за државата кон декарбонизација и отпорност кон климатските промени, рече Меџити. Владата, според него, е свесна за потребата од реструктуирање и спроведување системи и планови за управување со ризици од катастрофи, за потребата од трансформирање на електоренергетскиот сектор и модернизација на земјоделството, како и за спроведување програми за зајакнување на енергетската ефикасност.
Јавните набавки како инструмент
Ова е прв пат Светската банка да излезе со извештај за јавните финансии во кој го вметнува влијанието на климатските промени - како тие влијаат врз јавните финансии и како јавните финансии можат да влијат врз климатските промени за да ги достигнеме таргетите до 2050 година.
„На земјата и требаат преку шест милијарди долари за да се справи со климатските промени, а една од препораките е да ги искористи парите што се трошат во јавните набавки, околу 1,5 милијарди евра годишно, за т.н „зелени набавки“. Според нашиот закон, секоја набавка доколку не е поволна за климатските промени, не треба барем да прави штета, но ние такви набавки немаме“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Според него, јавните набавки се огромен извор на пари и ако бидат „зелени“ како во некои европски земји, а тоа може да се направи скалесто, постепено, од 10, 20, 50, 70, па до 100 отсто, ќе се придонесе многу кон проценетите преку шест милијарди долари што мора да ги вложи земјава во следната деценија.