Климатските промени носат ризици за здравјето
11 април 2024Повеќе од половина милион смртни случаи од мозочен удар во светот може да се поврзани со климатските промени. Смртните случаи поврзани со мозочен удар се зголемуваат во регионите каде се забележани високи температури. Централна Азија има највисока стапка на смртност од мозочен удар поврзан со неоптималните температури - 18 на 100.000. На национално ниво, Северна Македонија има највисока стапка на смртност со 33 на 100.000. Ова го покажува најновата студија објавена во онлајн изданието на Neurology од 10 април 2024 година, медицинското списание на Американската академија за неврологија.
Оваа студија ја открива потенцијална врска помеѓу климатските промени и зголемувањето на смртните случаи и инвалидитет поврзани со мозочен удар ширум светот. Во период од три децении, истражувачите забележале зголемена корелација помеѓу неоптималните температури (и повисоки и пониски од оние поврзани со најниските стапки на смртност) и инциденцата на мозочен удар.
Но, студијата не докажува дека климатските промени предизвикуваат мозочен удар. Таа само ги доведува во корелација климатската промена и ризикот од мозочен удар и не ги зема предвид другите фактори на ризик од мозочен удар како хипертензија и високиот холестерол..
Драматичните промени и здравјето
Истражувачите откриле дека поголемиот дел од овие мозочни удари се должат на пониски од оптималните температури, но тие исто така откриле дека зголемувањето на ударите е поврзано со температури повисоки од оптималните. Со пониски температури, крвните садови на една личност може да се стегнат, зголемувајќи го крвниот притисок. Високиот крвен притисок е фактор на ризик за мозочен удар. Повисоките температури може да предизвикаат дехидрација, што влијае на нивото на холестерол и резултира со побавен проток на крв, фактори кои исто така можат да доведат до мозочен удар.
„Драматичните температурни промени во последниве години влијаеја на човековото здравје и предизвикаа широка загриженост“ , вели авторот на студијата, д-р Куан Ченг, експерт за неврохирургија од Централниот јужен универзитет во Ксијангја во Чангша, Кина.
„Нашата студија покажа дека овие променливи температури може да го зголемат товарот од мозочен удар ширум светот, особено кај постарата популација.
Податоци од над 200 земји
За студијата, истражувачите разгледале здравствени податоци од изминатите 30 години од повеќе од 200 земји и територии. Тие го испитувале бројот на смртни случаи од мозочен удар, по што ги класифицирале податоците по регион, земја и деографски групи, вклучувајќи возраст и пол.
Само во 2019 година, неоптималните температури биле поврзани со 521.031 смртни случаи од мозочен удар. Значителен дел од овие смртни случаи, поточно 474.002, биле поврзани со пониски температури.
Истражувачите откриле дека стапката на смртност од мозочен удар од температурни промени кај машките учесници била 7,7 на 100.000 во споредба со 5.9 на 100.000 за женските учесници.
„Потребни се повеќе истражувања за да се утврди влијанието на промената на температурата врз мозочниот удар и да се насочат решенија за решавање на здравствените нееднаквости“,вели Ченг.
Укажувањата се дека идните истражувања треба да имаат за цел да ја намалат оваа закана со изнаоѓање ефективни здравствени политики кои се однесуваат на потенцијалните причини за климатските промени, како што се согорувањето на фосилните горива, уништувањето на шумите и индустриските процеси.
Повеќе за мозочните удари
Мозочните удари се медицинска состојба која се јавува кога снабдувањето со крв во дел од мозокот е намалено или прекинато, што го спречува мозочното ткиво да добие кислород и хранливи материи. Мозочните клетки почнуваат да умираат за неколку минути. Оваа состојба е главна причина за инвалидитет и може да биде фатална во тешки случаи.
Фактори на ризик
Фактори на ризик за мозочен удар се висок крвен притисок, пушење, дијабетес, високо ниво на холестерол, дебелина и одредени генетски фактори. Превентивните мерки се фокусираат на контролирање на овие фактори на ризик преку промени во животниот стил и, во некои случаи, со лекови.
Американската академија за неврологија е најголемата светска асоцијација на невролози со над 40.000 членови, кои се бават со дијагностицирање, лекување и управување со нарушувања на мозокот и нервниот систем како што се Алцхајмерова болест, мозочен удар, потрес на мозокот, епилепсија, Паркинсонова болест, мултиплекс склероза, главоболка и мигрена.