1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Климатските промени им носат болести на луѓето

15 ноември 2023

Екстремни жештини или тропски инфективни болести во порано умерените региони - климатските промени влијаат и врз здравјето на луѓето. Научниците предупредуваат дека непреземањето мерки ќе чини човечки животи.

https://p.dw.com/p/4Ypg3
Топлински бран во Европа
Се зголемува бројот на заболувања и смртни случаи поради жештиниФотографија: Manu Fernandez/AP Photo/picture alliance

Дури и ако порастот на просечната глобална температура остане под два степена споредено со прединдустриската ера, бројот на жртви поради горештини во светот до средината на векот би пораснал за 370 проценти, гласи резултатот на новата студија „Lancet Coutdown on health and climate change“, која ја објавија 114 интернационални научници во стручниот магазин „The Lancet".

Сѐ поголем број жртви на жештините

Во неа се констатира дека луѓето ширум светот се изложени на двојно поголем број денови на  екстремна жештина  отколку во периодот меѓу 1986 и 2005 година. Тоа е посебно  животно загрозувачки за малите деца и за постарите луѓе. Бројот на смртни случаи предизвикани од екстремно високи температури кај лица постари од 65 години е пораснат за 85 проценти во однос на периодот 1991 до 2000 година. Марина Романело од Универзитетскиот колеџ во Лондон доаѓа до заклучок: „Да не се преземе ништо,  скапо ќе нѐ чини.  Не можеме да си дозволиме да останеме неактивни, цената за тоа се човечки животи.“

 

ЦО2 заштита на климата
Сѐ уште се емитуваат 1337 тони јаглерод диоксид во секунда во светот, премалку се вложува во заштита на климата, предупредуваат научницитеФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Емисијата на ЦО2 уште е превисока

Зголемените температури се причина поради која работата или спортување на отворено ќе бидат сѐ поризични. Освен тоа, расте опасноста од шумски пожари и ширење на тропски инфективни болести.

Научниците согледуваат пораст на користењето на обновливи извори на енергија и преземање на натамошни мерки за заштита на климата, но сеуште се емитуваат 1337 тони јаглерод диоксид во секунда, истакнува Романело. „Не ги редуцираме емиисите ни одблиску толку брзо за да ги задржиме опасностите за климата на ниво кое нашите здравствени системи би можеле да ги совладаат.“

Во Германија, во периодот меѓу 2013 и 2022 година, луѓето биле изложени во просек по 7,9 дена годишно на  потенцијално животно опасна горештина.  Тоа е доста помалку во однос на 86 дена во глобален просек, но во Германија просечните летни температури во периодот од 2018 до 2022 година се за 1,8 степени Целзиусови повисоки отколку во периодот меѓу 1986 и 2005 година.

Сѐ повеќе отсуства од работа

Високите температури во Германија доведоа до тоа во 2022 година околу 34 милиони работни часови да отпаднат поради горештините, првенствено во градежништвото. Тоа претставува зголемување од 12 проценти споредено со перидот 1991 - 2000 година.

Иако во 2020 година во Германија 31 процент од електричната енергија бил добиен од обновливи извори на енергија, земено вкупно во сите енергетски области – греење, сообраќај и други, тоа изнесувало само шест проценти. Во специјалниот додаток на студијата за Германија стои: „Ниското користење на чисти обновливи извори на енергија и продолжувањето на користењето на фосилни горива и биомаса водат до висока загаденост на воздухот, што пак  носи ризик од заболувања  на дишните патишта и на срцето и крвотокот, рак на бели дробови, дијабетес, невролошки пореметувања и ја зголемува опасноста од компликации при бременоста, што пак со себе повлекува  повисока оптовареност со болести и смртност.“

Смртни случаи поврзани со исхраната

Друг дел од научниот извештај е посветен на поврзаноста меѓу исхраната, климатските промени и здравјето. Научниците констатирале дека чувањето корисни животни во земјоделството е одговорно за 57 проценти од целокупната емисија на штетни гасови во земјоделството. Не само што првенствено говедата испуштаат огромни количества метан, туку и одгледувањето сточна храна одзема големи делови од аграрните површини.

Покрај тоа, во 2021 година биле регистрирани глобално 1,9 милиони смртни случаи поврзани со прекумерно јадење на црвено месо, месни преработки и млечни производи, во Германија имало дури 87.000 смртни случаи. Од таа причина научниците пледираат за исхрана базирана на растенија и помалку месо.

Но, научниците имаат и позитивни пораки. Така, во светот е намален бројот на починати од загадување на воздухот, од 2005 година тој опаднал за 15,7 проценти. Потоа, во 2022 година биле инвестирани 1500 милијарди евра во чисти енергии, 61 процент повеќе отколку во фосилни енергии.