1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

Промената на климата го загрозува здравјето

ЖА / агенции
9 ноември 2022

Натамошната промена на климата ќе се одрази и врз здравјето, најголема опасност во Европа се топлотните бранови, предупредува Агенцијата на ЕУ за екологија. Постои опасност и од ширење на досега невообичаени болести.

https://p.dw.com/p/4JFhD
Екстремните жештини предизвикуваат здравствени проблеми
Екстремните жештини предизвикуваат здравствени проблемиФотографија: Robert Kneschke/Zoonar/picture alliance

Непреземање натамошни мерки против промената на климата веројатно ќе доведе до поголема стапка на  заболувања и смртност поврзани со климата. Досега незапаметените бранови горештина, какви што беа доживеани оваа година, претставуваа  најголема здравствена закана за Европејците,  во директна зависност со климата, констатира Агенцијата на ЕУ за екологија, ЕЕА во својот извештај. Уште сега ваквите  топлотни бранови  предизвикуваат бројни случаи на заболувања и смрт, а без преземање дополнителни мерки заради приспособување кон  климатските промени  и нивно сузбивање, ваквите бројки ќе бележат раст, предупредува ЕЕА.

Мрачно сценарио до 2100 година

Според проценките на ЕЕА, од топлотни бранови до крајот на 2100 година во Европа може да дојде до смрт на 90.000 луѓе годишно при затоплување на Земјата за три степени споредено со пред индустриската ера. „При глобално затоплување на Земјата од 1,5 степени Целзиусови, бројот би се намалил на 30.000 смртни случаи“, тврди ЕЕА, а нејзините информации велат дека меѓу 1980 и 2020 година од високи температури починале 129.000 Европејци.

Со акциски планови, меѓу другото за создавање зелени и површини под сенка во градовите, поадекватно уредување на урбаниот простор и приспособено работно време, можна е подобра заштита на најзагрозените групи. Време е од зборови да се премине на дела, повикува ЕЕА. 

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

Агенцијата, чие седиште е во Копенхаген, во новиот извештај во фокус го има размерот на заканата од климатските промени врз здравјето и благосостојбата на Европејците, со акцент на последиците на  високите температури и  климатски предизвиканото ширење на инфективни болести. Болестите како маларија и денга-треска со промена на климата веројатно ќе се шират натаму кон север, предизвикувајќи зголемен здравствен товар.

Во понеделникот Светската здравствена организација објави податок за најмалку 15.000 починати лица во Европа оваа година како последица на горештините. Месеците јуни, јули и август годинава во Европа донесоа кулминација на топлотни бранови, суша и шумски пожари, соопшти регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, што вроди и со здравствени последици за населението.