1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференција за климата: Кои се клучните приоритети?

Мартин Кристијан Киблер
5 ноември 2022

Енергетските предизвици поврзани со војната во Украина и опоравувањето од Ковид-пандемијата продолжуваат да ги засенуваат климатските заложби и преземени обврски.

https://p.dw.com/p/4J4aT
Светските лидери ја губат од вид „борбата за живот или смрт“ за справување со климатските промени, вели генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Светските лидери ја губат од вид „борбата за живот или смрт“ за справување со климатските промени, вели генералниот секретар на ОН, Антонио ГутерешФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Со оглед на тоа што руската војна во Украина и протестите во Иран доминираат како глобални теми во пресрет на Конференцијата за климатски промени, КОП27 во Египет, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека светските лидери ја губат од вид „борбата на живот или смрт“ за справување со климатските промени.

Зборувајќи со новинари во Њујорк во октомври, тој рече дека водечките индустриски нации треба да ги засилат и целосно да ги исполнат преземените колективни обврски, вклучително и ветените 100 милијарди долари годишно за поддршка на климатски активности во земјите во развој. Таа цел, која требаше да започне да се реализира во 2020 година и првично да трае до 2025 година, е сè уште далеку од достижна.

„Активностите на најбогатите развиени и економии во развој едноставно не се конзистентни“, оцени Гутереш. „Вкупно погледнато, актуелните заложби и политики ја затвораат вратата за остварување на целта - ограничување на порастот на глобалното затоплување до 2 степени Целзиусови, а за исполнување на целта од 1,5 степени и не станува збор.“

По неодамнешните разорни поплави во Пакистан и рекордните топлотни бранови и суши низ светот „загубите и штетите“ се чини ќе бидат во фокусот на преговорите на оваа климатска конференција во Шарм Ел Шеик. Идејата да се обезбеди компензација за загубите на ранливите држави - и економските и културните - поврзани со климатски катастрофи, беше за првпат спомената на климатскиот самит во 2013 година, во Варшава. Но прогресот е премногу бавен. Богатите нации, како САД и европските држави, не сакаат да се заложат за посебен фонд кој до 2030 година би можел да собира стотици милијарди долари годишно, како компензација за високите трошоци кои произлегуваат од нивните емисии на стакленички гасови.

Господин Грацел се обидува да стане климатски неутрален

Зошто е важна компензација на штета?

Ова е особено важно прашање за островските држави кои лежат ниско и се најзагрозени од зголемувањето на нивото на морињата и сè поразорните бури.

„Немаме веќе време за губење – нашите острови сѐ почесто се погаѓани од сѐ поразорни и почести климатски промени и опоравувањето од нив оди на сметка на нашиот развој“, рече во септември Волтон Вебсон, претседател на Алијансата на мали островски држави, во обраќањето пред Генералното собрание на ОН.

Вебсон додаде дека не е доволно само фокусирање на прилагодувањето. „Каде да ги наоѓаме парите за обнова? Зошто мора нашите острови, кои имаат најмала емисија на штетни стакленички гасови, а поради кои се случуваат овие климатски промени, да ја плаќаат највисоката цена?“

Ваел Абулмагд, специјален египетски претставник за климатскиот самит, претходно годинава на новинарите им соопшти дека КОП27 ќе им даде приоритет на овие прашања и „ќе се најде финансирање за земјите кои имаат итна потреба да се справат со акутни штети и загуби за кои трошат значителен дел од својот БДП.“

Минијатурната Кирибати е една од земјите кои се најмногу погодени од покачувањето на нивото на морињата
Минијатурната Кирибати е една од земјите кои се најмногу погодени од покачувањето на нивото на морињатаФотографија: Sokhin/UNICEF/ZUMA Press/picture alliance

Смена кон обновливи извори на енергија среде енергетска криза

Овој климатски самит е прв откако Русија започна со рестрикција на снабдувањето со природен гас и други фосилни горива од почетокот на годинава поради нејзината инвазија на Украина. Руската одмазда за наметнатите санкции против неа предизвика енергетска криза, особено во Европа, и ја истакна потребата од транзиција кон обновлива енергија.

- повеќе: ЕУ планира од 2035 година да продава само климатски неутрални возила

Египетското претседателство со КОП27 даде „ветувања дека иновации и чисти технологии“ ќе се клучен дел од агендата. Неколку дена ќе бидат посветени на зелениот водород и декарбонизација на енергијата. Наминатогодишниот самит за климата во Глазгов, фокусот беше ставен на крај на употребата на фосилни горива, особено во однос на производство на електрична енергија. Повеќе од 30 земји ветија дека ќе ја прекинат директната јавна поддршка „за меѓународниот сектор за енергија од фосилни горива до крајот на 2022 година“, проценета на околу 24 милијарди долари годишно.

- повеќеФотографија на денот: Екстремно брзо топење на глечерите во Швајцарија

Но, недостигот на енергија предизвикан од војната во Украина ги поткопа напорите за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, при што некои земји - вклучително и Германија – се вртат назад кон јагленот и нафтата за да го надополнат недостатокот. Како оваа нова неизвесност ќе влијае врз модификација на целта за забрзување на транзицијата кон обновлива енергија, ќе биде една од клучните теми на дискусија во Шарм ел Шеик.

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

На земјите во развој им е потребно финансирање на климатските активности

Африканските министри за животна средина и за финансии, сепак се изјаснија против брзо откажување од фосилните горива, наведувајќи го ризикот за својот економски раст. Додека многу научници, еко-активисти и ОН во обновливите извори на енергија гледаат единствен пат напред, нигерискиот министер за финансии Зајнаб Ахмет посочи дека дел од земјите немаат избор.

„Ако не добиеме финансирање по разумна цена за развој на гас, ние на нашите граѓани им ја скратуваме можноста да постигнат основен напредок“, рече таа на средбата на африканските министри, во септември во Каиро. Многу африкански земји исто така се потпираат на извозот на нафта и гас за да ги финансираат мерките за справување со климатските промени, како што е ширење на проектите за обновливи извори на енергија и енергетски ефикасни мерки.