Заканата од екстремни горештини во светот сѐ поголема
18 јули 2023На северната хемисфера се бележат сѐ повеќе топлотни рекорди: САД, Кина, Јапонија, Италија и Шпанија. Во моментов се пријавуваат екстремни горештини на толку многу места, што е тешко да се има преглед врз ситуацијата.
Според кинеските медиуми, неодамна беше соборен нов топлотен рекорд од 52 Целзиусови степени во северозападниот дел на земјата. На јужните италијански острови Сицилија и Сардинија се очекуваат48 степени. Во меѓувреме, јапонските власти објавија „тревога од топлотен удар“ и повикаа милиони луѓе да се заштитат од горештините. Во јужниот дел на САД, смртоносните горештини би можеле да погодат 80 милиони луѓе во наредните неколку дена. А, температурите растат и во Европа. Минатото лето на многу места на Стариот континент беше толку жешко, што починаа над 60.000 луѓе.
Глобалното затоплување од 2,7 степени целосно ќе ја промени населивоста на Земјата
Студијата на списанието „Nature Sustainability“ доаѓа до заклучок дека без драстична заштита на климата, околу две милијарди луѓе ќе бидат погодени од екстремни и опасни по живот горештини за помалку од 80 години - тоа е околу 23 отсто од светското население што се очекува дотогаш. Доколку продолжи сегашната климатска политика, со која светот се движи кон затоплување од 2,7 степени или повеќе до 2100 година, земјите како Катар, Мали или Буркина Фасо би можеле да станат непогодни за живеење.
Зголемувањето на температурата за 2,7 степени фундаментално ќе ја промени „населивоста“ на Земјата и веројатно ќе доведе до „голема реорганизација на местата каде што живеат луѓето“, вели водечкиот автор на студијата Тим Лентон од британскиот универзитет во Ексетер.
Веќе денес - со глобалното затоплување од 1,1 степени во споредба со прединдустриското време - топлотните бранови станаа поверојатни, посилни и со тоа посмртоносни за милиони луѓе ширум светот.
Колку горештините му штетат на здравјето на луѓето?
Според Светската здравствена организација (СЗО), екстремната горештина може да доведе до низа болести и до смрт, како топлотен удар или хипертермија. Температурните екстреми, исто така, ги влошуваат хроничните болести и имаат индиректно влијание врз преносот на болести, квалитетот на воздухот и на критичната инфраструктура. Посебно ранливи на повисоки температури се постарите лица, доенчињата и децата, бремените жени, луѓето кои работат на отворено, спортистите и сиромашните.
Ограничувањето на глобалното затоплување на зацртаната цел на Парискиот договор од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, според студијата, сепак би изложило 14 отсто или 400 милиони луѓе на опасни горештини до крајот на векот - првенствено во Индија, Судан и во Нигерија. Доколку светската температура се зголеми за 2,7 степени, земјите како Филипините, Пакистан и Нигерија ќе бидат екстремно погодени од горештините и од последиците од нив.
Фокус на човечките загуби од климатските промени
Во нивната студија, инволвираните истражувачи свесно го прекинаа досега вообичаениот пристап за моделирање на ефектите од климатските промени од економска, а не од човечка перспектива.
„Ова неизбежно води до искривување на вредноста, со фокус на центрите на благосостојба наместо на човечките животи“, изјави за ДВ Ашиш Гадијали, климатски активист и коавтор на студијата. Моделирањето што се концентрира на економијата, според Гадијали, „му дава поголема вредност на животот во американската држава Њујорк отколку на животот во Бангладеш“.
Повеќето други модели исто така се засноваа на населението кое во моментов живее на Земјата, наместо на луѓето што би живееле на Земјата во иднина. Нееднаквоста на глобалното затоплување е „дистрибуирана како на глобално ниво, така и меѓу генерациите“, вели Гадијали. „Мојот живот генерално е оценет повисоко од оној на моите деца и моите внуци“.
Како може луѓето да се заштитат од екстремна топлина?
Претходните студии покажаа дека градовите се особено ранливи на опасни покачувања на температурата поради „ефектот на топлотен остров“. Зградите, патиштата и инфраструктурата ја апсорбираат и ја зрачат сончевата топлина повеќе отколку природните средини како што се шумите или водните тела, понекогаш предизвикувајќи температури во градовите да бидат и до 15 Целзиусови степени повисоки отколку во руралните области.
Градовите ширум светот сега воведуваат таканаречени ополномоштеници за горештини за да се справат со неизбежниот пораст на температурата. Една од нив е Кристина Хујдобро, која во март 2022 година ја презеде оваа функција во чилеанскиот главен град Сантијаго.
„Многу градови низ светот се соочуваат со екстремни горештини, но решенијата за тоа секогаш можат да се најдат само локално“, објаснува Хујдобро во интервју за ДВ.
Сепак, според Хујдобро, сите ополномоштеници за справување со горештините следеле стратегија од три точки: претпазливост, сензибилизирање и прилагодување. Подготовката вклучува категоризирање на топлотните бранови како други природни катастрофи, или воспоставување на степени на алармирање, кои потоа предизвикуваат соодветна реакција.
Дрвја, зеленило и повеќе топлинска заштита за луѓето во градот
Според Хујдобро, подигањето на свеста за опасностите од горештините е една од клучните задачи. „Грижата за себе при екстремни горештини е многу едноставна - пијте вода, барајте сенка и одморете се“, вели таа. Никој не треба да умре од екстремна топлина“.
Третиот столб е приспособувањето на градовите кон новата реалност на високите температури, пред сѐ преку создавање на повеќе зелени површини во градот. Сантијаго де Чиле штотуку започна проект за урбано пошумување кој има за цел да засади 30.000 дрвја низ градот и да развие стратегии за третирање на дрвјата како вистинска урбана инфраструктура.
„Дрвја, дрвја, дрвја насекаде. Тоа носи повеќе зеленило во градот“, вели Хујдобро. Но, садењето дрва не е толку лесно колку што можеби се мисли. „Ние садиме дрва на навистина густи улици, на пример на главните улици во градот. Мора да копате дупки во цементот и да спроведете многу градежни зафати. Исто така, тоа не е брзо решение за горештините во градот, бидејќи на дрвата им треба време за растење „Идејата е да ја засадиме сенката што ќе ја имаме во следните 20 или 30 години“, вели Хујдобро.
Американските градови се борат со екстремните горештини
Во САД - каде што претходните студии велат дека 12.000 луѓе годишно умираат предвреме од компликации поврзани со горештините - назначени се тројца ополномоштеници за горештини: во градовите Феникс, Мајами и Лос Анџелес.
Лос Анџелес, Калифорнија, рангиран како најранлив град од природни катастрофи, вклучувајќи ги и топлотните бранови, неодамна започна кампања за изградба на повеќе „центри за отпорност“ со сенки и разладување преку обновливи енергии во загрозените населби. Веќе постои мрежа на центри за разладување, главно во библиотеките, каде што луѓето можат да се заштитат од топлината. Дополнително, се работи и на систем за рано предупредување за топлотни бранови.
Феникс, градот среде пустината Сонора, започна низа прилагодувања, вклучувајќи изградба на тротоари за „разладување“ покриени со специјална обвивка што го рефлектира сонцето. Обвивката осигурува дека патеките се загреваат неколку степени помалку од, на пример, класичниот темен асфалт и дека студениот ноќен воздух може да се одржи подолго.
Градот Мајами, во сојузната држава Флорида, планира големи кампањи за садење дрвја, веќе потроши милиони долари за климатизација во социјалните станови и обезбедува финансиска помош за да им помогне на домаќинствата со ниски приходи да ги подмират сметките за енергија. Сепак, според Кристина Хујдобро, поради неопходната енергија, климатизацијата треба да биде само последна опција.
Нејзиниот град Сантијаго де Чиле сака да засади 33 „мини шуми“ кои ќе служат како заштита од горештини, особено во близина на училишта и здравствени установи. Тие треба да бидат алтернатива на климатизираните центри за разладување, кои се развиваат во САД и во Европа. „За време на топлотен бран, луѓето можат да одат во овие природни центри за разладување за да најдат сенка, да се одморат и да пијат вода“, објаснува Хујдобро.