1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаЕвропа

На пат е и следниот топлотен бран во јужна Европа

СН/агенции | дпа
15 јули 2023

Југот на Европа „врие“ - од Шпанија до западна Турција. Таму метеоролозите предупредуваат од следниот топлотен бран. Актуелните екстремно високи температури се особено напорни - и опасни - за постарите, болните и децата.

https://p.dw.com/p/4Twrm
Зачестена појава: На посетителка на Акрополот во Атина и се слошува поради екстремните горештини. Затоа археолошката локација е затворена за туристите во попладневните часови
Зачестена појава: На посетителка на Акрополот во Атина и се слошува поради екстремните горештини. Затоа археолошката локација е затворена за туристите во попладневните часовиФотографија: LOUIZA VRADI/REUTERS

Температурите од околу 40 Целзиусови степени во текот на денот и 30 степени во текот на ноќта го отежнуваат животот на луѓето во големи делови од јужна Европа., но и во балканските земји, вклучително и Северна Македонија.

Во меѓувреме дојде до привремена релаксација на некои места - на пример во јужна Шпанија, каде температурите во саботата се спуштија под 40 степени. Други земји како Грција забележаа локални максимални температури  од околу 44 степени. А метеоролози во земјите од јужна Европа веќе предупредуваат на следниот топлотен бран во наредната недела.

Грција се наоѓа во зенитот на актуелниот топлотен бран - 87 метеоролошки станици во земјата забележаа температури над 40 степени во петокот (16 јули,2023).  Највисоката температура годинава од 44,2 степени вчера беше измерена во Теба, околу 50 километри северозападно од Атина, објави денеска Националната опсерваторија. Метеоролозите не очекуваат намалување на горештините ниту во текот на викендот.

Рим: Во Италија викендов дојде до мало разладување, но од понеделник се очекуваат нови екстремни горештини
Рим: Во Италија викендов дојде до мало разладување, но од понеделник се очекуваат нови екстремни горештиниФотографија: Matteo Nardone/Pacific Press/picture alliance

Во Италија, пак, викендов остана подносливо на околу 35 степени. Од идната недела, пак, нов воздушен бран на висок притисок „Каронте“ според метеоролозите би можел да донесе нови топлински рекорди. Во големите градови се прогнозираат над 40 степени - во делови на Сардинија до 47 степени, на Сицилија евентуално дури 48 Целсиусови степени.

И југот на Шпанија со денови страда од екстремни горештини. Во делови од Андалузија, максималните дневни температури постојано беа над 40 степени. Во текот на ноќта речиси и да нема заладување, бидејќи и тогаш на места сѐ уште е топло со 30 степени. Во раните утрински часови е „најладно“ со околу 25 степени. А според Националната метеоролошка служба Аемет, следниот топлотен бран е веќе на пат: во понеделник повторно се очекуваат температури над 40 степени во градот Кордоба.

Во Турција, западниот брег е особено погоден од горештините. Во саботата во тамошните болници биле згрижени 48 лица со топлотен удар. Во регионот околу градот Анталија, кој е популарен кај туристите, вредноста на термометарот се искачи до 44 степени.

Горештините се одразуваат и врз туризмот - на пример во Грција. Во саботата, голем број археолошки локалитети беа повторно затворени во текот на пладневните часови - вклучувајќи го и Акропол во Атина, кој повеќе не дозволуваше влез во 11:30 часот а повторно прима посетители само од 17:30 часот.

Долгорочната прогноза за југот на Стариот континент предвидува дека горештините најверојатно нема да се намалат во следните две недели.  Метеоролозите од погодените земји постојано ги посочуваат климатските промени како причина за топлотните бранови. Во наредните години се очекуваат зачестени екстремни топлотни бранови од Африка.