1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотина граѓани ќе продаваат струја од фотоволтаици

ДТЗ
24 ноември 2022

РКЕ има издадено над 200 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори, а со инсталираниот капацитет може да се задоволат потребите за 27.100 домаќинства.

https://p.dw.com/p/4Jsxx
фотоволтаици
Енергетската криза и високите сметки за струја ги принудија граѓаните да бараат излез во обновливите извори на енергијаФотографија: Carsten Behler/photon-pictures.com.

Стотина граѓани побарале да ја продаваат струјата произведена со фотоволтаици на нивните покриви, по законските измени коишто ја овозможија оваа поволност. Како што велат од ЕВН за Дојче веле, досега вкупно 670 производители и потрошувачи-производители кои што имаат инсталирано фотоволтаични системи, имаат добиено согласност за приклучување на електродистрибутивната мрежа. Од нив, 126 се потрошувачи-производители кои имаат склучено договор за откуп на произведената енергија со снабдувач на либерализиран пазар или со универзалниот снабдувач.

Енергетската криза и високите сметки за струја ги принудија граѓаните да бараат излез во обновливите извори на енергија. Иако процедурата сѐ уште е долготрајна и скапа, сепак, многумина се одлучуваат да го искористат потенцијалот на сонцето за загревање на нивните домови. Вишокот на струја, пак, се поголем број компании се одлучуваат да го продадат, со што бенефитот е двоен. 

Ваквата можност се отвори по законските измени во текот на летото, со кои се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електрани со моќност од 6 киловати, а на стопанските објекти со моќ до 40 киловати. Со измени во Законот за градење неодамна се поедноставија процедурите, па повеќе не е потребно издавање на одобрение за градење од локалната самоуправа. Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори. 

фотоволтаици
Стотина граѓани побарале да ја продаваат струјата произведена со фотоволтаици на нивните покривиФотографија: Sanja Kljajic/DW

Голем интерес

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати. 

Од јануари до ноември 2022 година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори за околу 200 електроцентрали. Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, односно годинава имаат издадено лиценци за 86,8 MW инсталиран капацитет од фотонапонски електроцентрали, додека  6,4 MW се за мали хидроцентрали и 2,5 MW за термоелектроцентрали на биогас, или вкупно се издадени лиценци со предвидено просечно годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија на ниво од 95,7 MWh. Овие електроцентрали се приклучени на електродистрибутивната мрежа.

„Оваа количина на електрична енергија од над 95 МWh од обновливи извори на енергија гледано во апсолутен износ е и повисока од производството на ХЕЦ Козјак и со истата може да се задоволат потребите за  27.100 домаќинства“, изјави деновиве Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

фотоволтаици
Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електраниФотографија: Wagner/Fotostand/picture alliance

Намалување на трошоците

Ваквите приватни иницијативи во време на енергетска криза се покажаа како решение за многу стопанственици кои со инсталирање на фотонапонски електроцентрали ги намалија значително  трошоците за електрична енергија и произведената електрична енергија ја користат за задоволување на сопствени потреби. Во сончеви периоди и денови овие потрошувачи коишто имаат инсталирано фотонапонски електроцентрали во најголем дел ги задоволуваат сопствените потреби и поради тоа немаат потреба да набавуваат електрична енергија од снабдувачите со електрична енергија и истата да ја плаќаат.

Пред да добијат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) треба да поминат низ сложена процедура и да обезбедат бројни документи.  

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека енергетската криза со која се соочува цела Европа и светот ни покажа дека само со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме стабилност на енергетскиот систем, но и да размислуваме за производство на струја од обновливи извори на енергија.

„Северна Македонија е првата која почна со трансформација на производство на електрична енергија од старите централи на лигнит на фотоволтаични централи. Прв таков проект се наоѓа во Осломеј, каде што на старите наоѓалишта на јаглен ја имаме првата фотоволтаична централа од десет мегавати веќе пуштено во употреба. Веќе се работи на втората, а со јавно приватно партнерство веќе се договорени две фотоволтаични централи од по 50 мегавати што значи дека една лигнитна централа од 120 мегавати ќе биде заменета со фотоволтаична централа од 120 мегавати“, најави тој.  

[No title]

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема