1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До фотоволтаици на покривите без решение за градба

ДТЗ
25 октомври 2022

Со измени во Законот за градење се поедноставува процедурата за поставување фотоволтаици и за граѓаните и за бизнисите. На тој начин се очекува да се ублажат последиците од најголемата светска енергетска криза.

https://p.dw.com/p/4Idmm
фотоволтаици
Се поедноставува процедурата за поставување фотоволтаици и за граѓаните и за бизнисите.Фотографија: Carsten Behler/photon-pictures.com.

Граѓаните и бизнисите ќе може да постават најбрзо и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја. Ваквата можност се отвара со стапување на сила на долгоочекуваните измени на Законот за градење како дел од низата мерки за поддршка во услови на најголемата светска енергетска криза. 

На овој начин се поедноставува процедурата за поставување на фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите. Клучно е што процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение за градење од локалната самоуправа. 

Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори. 

Неопходни документи 

Поточно, граѓаните треба да достават известување за поставување на фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат копија од лична карта, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, со право на сопственост на инвеститорот. Доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот, како и основен проект за фотонапонска електроцентрала до 6 киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.

Со измените се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа.

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати. Заклучно со април 2022 година Регулаторната комисија за енергетика има издадено 36 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталиран капацитет од 12,7 MW. Компаниите преку инвестирање во фотоволтаичните електрани можат да обезбедат струја за сопствени потреби, или пак да ја продаваат. Пред да добијат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) треба да поминат низ сложена процедура и да обезбедат бројни документи.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема