Смрт на аџилак - големи критики за Саудиска Арабија
20 јуни 2024Аџиите за последен пат кружea околу Каба во големата џамија во Мека. Традиционалниот муслимански аџилак по повод Курбан Бајрам во Саудиска Арабија, заврши.
„Фала му на Бога, тоа беше прекрасно духовно искуство“, одушевен е аџијата Мухамед од Пакистан. „Беше неверојатно топло, но за мене среќа сè помина добро“, додава тој.
Мухамед имаше среќа и ја преживеа жештината - стотици други аџии починаа. Поради температурите кои достигнаа околу 50 Целзиусови степени, наводно починале стотици аџии, од кои повеќето од топлотен удар, потврди за новинската агенција АФП еден саудиски дипломат.
АФП: Починале над 900 луѓе
Многу роднини очајнички ги бараа по болници исчезнатите аџии и се плашеа од најлошото. „Сите (ново потврдени) смртни случаи се, исто така, поради горештините“, вели арапскиот дипломат. Тоа значи дека има најмалку 600 смртни случаи од Египет. Исчезнати се и 800 други аџии од Египет, пишува АФП.
Јордан, Иран, Ирак, Тунис, Индонезија и Сенегал, исто така, пријавија смртни случаи за време на аџилакот во последните денови. Азиски дипломат зборуваше и за „околу 68“ починати индиски аџии. Како што пресмета АФП врз основа на информации од различни земји, 922 лица веќе починале за време на годинешниов аџилак. Минатата година беа пријавени повеќе од 200 смртни случаи за време на аџилакот, од кои повеќето од Индонезија.
Саудиските власти првично се обидоа да нагласат дека големиот број на жртви не е невообичаен за време на аџилакот. Сепак, многу верници се веќе стари и болни кога го започнуваат својот аџилак.
Масовни критики за несоодветните безбедносни мерки
„Повеќето ритуали на муслиманскиот се одржуваат надвор. А, од едно до друго свето место треба да патувате доста долги растојанија“, вели Бара Анвер од новинската агенција АП. За да можат аџиите да ги преживеат екстремните горештини, Саудијците презедоа различни мерки на претпазливост: области за ладење, шатори за медицинска помош, станици за пијалоци. Аџиите се повикуваат да бараат сенка и да пијат многу течности.
Но, дали навистина сè било совршено организирано како што прикажуваат саудиските власти? Видеата на социјалните мрежи го покажуваат спротивното: десетици луѓе лежат на земја на улица во Мека, а неколку изгледаат мртви или се во процес на умирање. Со нив седат роднини, а на повидок нема брза помош.
Видеото на еден египетски аџија, кое не може да се потврди, ја опишува ситуацијата: „Многу е жешко. Многу мртви лежат на улица. Нема спасители. Еве еден мртов човек, до него е мртва жена. Уште четворица мртви лежат на улица, а аџиите седат до нив и јадат и пијат.“
Според неговата изјава, спасувачите зборувале за уште 900 итни случаи, а полицијата нагласила дека тие не се одговорни. „Ситуацијата е неразбирлива. Не можам да ја разберам“, продолжува аџијата во видеото.
Остри критики за саудиските власти. Според официјалните информации, досега се избројани најмалку 90 починати. Но, бројката може да биде поголема.
Бројни смртни случаи неколкупати во последниве децении
Муслиманскиот аџилак е еден од петте столбови на Исламот и секој здрав муслиман кој може да си го дозволи тоа треба да го направи барем еднаш во животот. Периодот на аџилак е одреден според исламскиот календар и постојано се намалува за време на периодите на екстремни горештини во последниве години. Според официјалните податоци, годинава учествувале 1,8 милиони верници, меѓу кои 1,6 милиони аџии од странство.
Во текот на изминатите неколку децении, стотици смртни случаи се случија неколкупати, најмногу поради големата гужва во Мека и во Медина.
Според студијата на Саудиска Арабија објавена во мај, временските услови за време на аџилакот стануваат сè потешки како што се зголемува глобалното затоплување: просечната температура за време на аџилакот се зголемува за 0,4 степени секоја деценија. Така, аџиите ќе се изложат на „екстремна опасност“ за време на аџилакот и во наредните години во и онака жешката Саудиска Арабија.